Медицинска сестра од Нешвил не добила парализа на лицето од вакцината против ковид-19

Фото: pixnio.com

Жената која се претставува во видеото како Калила Мичел, воошто не фигурира како медицинска сестра во ниедна од сојузните држави во САД. „Вистиномер“ го провери ова име со разни варијации на официјалната страница на одделот за верификација на медицински дозволи во Тенеси и името Калила Мичел не фигурира никаде.

 

Во вирално видео на Фејсбук, жена која се претставува како медицинска сестра од Нешвил, Тенеси, САД, тврди дека по примањето на вакцината против ковид-19, развила состојба наречена Bell`s palsy,  којашто претставува тип на парализа на лицето што резултира со привремена неможност да се контролираат фацијалните мускули на афектираната страна од лицето. Симптомите може да бидат од многу благи до сериозни и вклучуваат слабост или комплетно губење на можноста да се мрдаат едната или во ретки случаи, двете страни од лицето.

Меѓутоа, жената која се претставува во видеото како Калила Мичел, воошто не фигурира како медицинска сестра во ниедна од сојузните држави во САД. „Вистиномер“ го провери ова име со разни варијации на официјалната страница на одделот за верификација на медицински дозволи во Тенеси и името Калила Мичел не фигурира никаде.

Сервисот за проверка на факти на Асошиејтед прес, пак, добил официјална потврда од Одделот за здравство на Тенеси дека не постои евиденција, односно регистрирана медицинска сестра под тоа име.

Американската агенција за храна и лекови нема воспоставено корелација меѓу вакцината против ковид-19 и парализа на едната страна од лицето, односно состојбата за којашто во ова видео се тврди дека се развила.

Видеото воопшто не специфицира каде била примена вакцината и кој ја администрирал. „Вистиномер“ се обрати на два профили на Фејсбук на посочената личност, меѓутоа не добивме одговор. Не успеавме да верификуваме дека таа воопшто ја примила вакцината. Последната наведена работна позиција на еден од профилите е пекара.

Точно е дека четири лица кои ја примиле вакцината на Фајзер, во клиничкото испитување, развиле парализа на едната страна од лицето, но не постои дефинитивна корелација која докажува дека состојбата била предизвикана од самата вакцина.

Во брифинг од 10 декември, американската агенција за храна и лекови објави дека набљудуваната фреквентност на пријавени случаи на Bell`s palsу, кореспондира со очекуваната вообичаена стапка во генералната популација и дека нема јасна основа за да се констатира дека има корелација меѓу вакцината и оваа состојба.

Од триесет илјади луѓе коишто биле дел од клиничката студија на Модерна, тројца развиле парализа на едната страна од лицето, заедно со уште едно лице кое примило плацебо.

Досегашните информации се недоволни за да одредиме каузална врска на ова со вакцината, нотира агенцијата за храна и лекови на САД во документ за вакцината на Модерна.

Видеото и постот кои ги рецензираме ги оценуваме како невистинити, поради тоа што лицето што се претставува како лиценцирана медицинска сестра не е регистрирано во државата Тенеси како такво.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција