Медицинската сестра, која се онесвести по вакцинирањето притв ковид 19, не е почината!

Фото: скриншот

Во вирален Фејсбук пост, споделен над 120 пати, лажно се тврди дека медицинската сестра од американската држава Тенеси, која што се онесвести по примањето на Фајзеровата вакцина против ковид 19, наводно починала

 

Во вирален Фејсбук пост, споделен над 120 пати, лажно се тврди дека медицинската сестра од американската држава Тенеси, која што се онесвести по примањето на Фајзеровата вакцина против ковид 19, наводно починала. Меѓутоа, таа не само што не е почината, туку и онесвестувањето по примањето на вакцината не е поврзано со самата вакцинација, туку со медицинска состојба што таа ја имала подолго време и која често пати придонесувала да ја губи свеста.

Станува збор за медицинската сестра Тифани Довер, која се онесвести на телевизиска прес конференција само 17 минути откако ја прими вакцината против ковид 19. Таа зборуваше зошто е важно здравствените работници да се вакцинираат. После неколку денови, таа изјави дека има синдром што предизвикува да се онесвестува кога и да почувствува болка, додавајќи дека не е скептична за вакцината и дека не е загрижена за нејзините несакани последици. Голем дел од медиумите и новинарите од светските новински куќи коментираа дека не е добра идејата изјави на телевизија да дава медицинска сестра за која е познато дека има склоност кон онесвестување откако ќе почувствува болка, затоа што тоа може да доведе до погрешен контекст, односно луѓето погрешно да заклучат дека онесвестувањето има некаква врска со вакцинацијата, што не е случај. Синдромот што го има Довер се вика Vasovagal Suncope, име кое е дадено за да се опише ненадејно онесвестување од тригери како болка, игли, дехидратација или глад.

Меѓутоа, во постот кој што го рецензираме и го оценуваме како невистинит, ниедна од овие информации кои подобро може да го објаснат контекстот, не се наведени! Само се наведува дека медицинската сестра изгубила свест во директниот телевизиски пренос по вакцинирањето со фајзеровата вакцина.

Освен тоа, Центарот за контрола и превенција на болести посочува дека добиле извештаи за луѓе кои се онесвестуваат после речиси секоја возможна вакцина.

Но, постот кој го рецензираме оди и чекор понатаму, лажно тврдејќи дека Довер починала. Медиумите веќе објавуваат дека ова не е вистина, повикувајќи се на твит од болницата во кој се информира јавноста дека таа е добра и жива.

Болницата (CHI Memorial Hospital) потврди дека Довер е добро и жива. Медицинската сестра Тифани Довер се заблагодарува за загриженоста за нејзиното здравје. Таа е дома и е добра. Таа бара приватност за себе и за нејзиното семејство, напиша болницата.

 

Покрај ова, на 21. декември на Твитер појави и краток видео клип во кој се гледа сестра Тифани окружена со своите колеги од болницата:

 

 

Оттука, ниту е вистина дека Довер се онесвестила поради фајзеровата вакцина, ниту е вистина дека починала по примањето на вакцината.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција