Медицинските предупредувања за можни нови варијанти на коронавирусот, не се „тероризирање“

Фото: pixabay.com

Фактот дека е можно да се појават нови варијанти на коронавирусот со опаднат интензитет на вакцинација и со поминато подолго време по примена последна доза, не е ширење на терор, туку медицинска стварност. Тоа што омикрон варијантата на коронавирусот не дава толку тешка клиничка слика не значи дека во иднина нема да се појават нови мутации на коронавирусот

Фактот дека е можно да се појават нови варијанти на коронавирусот со опаднат интензитет на вакцинација и со поминато подолго време по примена последна доза, не е ширење на терор, туку медицинска стварност. Тоа што омикрон варијантата на коронавирусот не дава толку тешка клиничка слика не значи дека во иднина нема да се појават нови мутации на коронавирусот

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека извесни лица, без прецизирање кои „не планираат да завршат со теророт и дека следуваат нови варијанти на коронавирусот”. Во склоп на постот објавен е текст од сајтот „Коловрт“ во кој се вели дека германскиот инфектолог Андреј Трампуж тврди дека ќе има нови варијанти на коронавирусот и дека тој изјавил дека новите варијанти уште побрзо ќе се шират, но не се очекува тешка клиничка слика.

Во текстот се вели дека Германија се спрема за есента, иако има 75 проценти вакцинирано население зошто се очекува тогаш да се вратат алфа и делта соевите на коронавирусот. Инфектологот кој се цитира вели дека со ниска вакцинација, вирусот има голема слобода да мутира и дека поопасни од омикрон се алфа и делта варијантите на коорнавирусот.

Тој додава дека што помал дел од граѓаните се вакцинирани и што подолго време е поминато по последната примена доза, толку е поголем ризикот за инфекција, оти имунитетот опаѓа и секоја варијанта има можност да се шири. На крајот, тој апелира за мирна есен да се вакцинираат сите со бустер доза за да нема затворања и ризик од ширење.

Ако се прашувавте како изгледа психички нестабилна личност која добила момент на внимание, сега го имате моментот, се заклучува во текстот што го рецензираме.

Меѓутоа, наспроти она што се тврди во постот, сите медицински ставови на инфектологот се издржани и не претставуваат основа да се шири теоријата на заговор дека некој планира терор. Тоа што е можно да се појават нови варијанти на коронавирусот со опаднат интензитет на вакцинација и со поминато подолго време по примена последна доза, не е ширење на терор како што лажно се тврди во постот што го рецензираме. Тоа е медицинска стварност. Тоа што омикрон варијантата на коронавирусот не дава толку тешка клиничка слика не значи дека нема да се појават нови мутации на коронавирусот.

Во постот што го рецензираме се прави обид да се претстави појавата на нови соеви на коронавирусот како организиран терор или нешто што е контролирано од некого. Не е првпат да се шпекулира со вакви невистини. И во минатото, во екот на пандемијата на коронавирусот се ширеше паника дека станува збор за наводно идно планирање и пуштање во оптек на овие варијанти, што нема допирна точка со реалноста. Вистиномер на овој линк веќе има пишувано дека варијантите на коронавирусот не можат да се планираат, наспроти она што го тврдат теориите на заговор.

Со коментар во насловот дека „не планираат да завршат со теророт” всушност се манипулира јавноста дека некои невидливи центри на моќ или неименувани лица вршат терор, само затоа што инфектолог објаснува дека во иднина е можно да се појават мутации на коронавирусот ако вакциналниот и природниот имунитет ги загубат своите сили за заштита.

Веќе повеќе пати е напоменато дека коронавирусот е непредвидлив. Претседателот на Комисијата за заразни болести и директор на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски има изјавено дека „не знаеме што ќе се случи со коронавирусот за еден месец, а не пак во подалечна иднина”.

Сакам да потенцирам дека оваа моментална состојба ни дава малку простор да здивнеме. Но, во овој период ќе се фокусираме на рекламирање на вакцинацијата и на објаснување зошто. Ние не ја заклучивме пандемијата, ние не знаеме што ќе се случи за еден месец, а ниту пак за два или три месеци. Во меѓувреме вакцинацијата ни останува клучна алатка за борба против пандемијата. Имавме малку интензивирање на процесот и праќање на пораки и тоа ќе го засилиме бидејќи има одговор на пораките и потсетувањето за вакцинирање. За најдобра заштита е три дози вакцина и тоа интензивно ќе го објаснуваме, рече доктор Петличковски на прес конференција по состанокот на Комисијата за заразни болести одржан на 16 март годинава. 

Показател за непредвидливоста на коронавирусот и заштитната функција на вакцинацијата е и фактот што во минатото разгорувањето на брановите на коронавирусот кои одзедоа голем број животи (во земјава има повеќе од 8 илјади жртви како последица на ковид-19) не се случуваше постепено по интензитет, туку многу нагло и без најава и предвидување.

И инфектолозите кои работат во ковид центрите во државата, особено на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, апелираат и алармираат дека вакцинацијата е неопходна. Таков е случајот со доктор Илир Демири кој јавно апелираше на вакцинација со предупредување луѓето да не се опуштаат дека омикрон варијантата е полесна, затоа што и таму се можни компликации.

Доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести исто така апелира луѓето да се вакцинираат.

Популацијата која нема создадено имунитет најдобро ќе се заштити со вакцинација, изјави тој пред два месеци.

Од 21 март во државата почна Караван за вакцинација кој ќе се одвива во 14 општини и ќе патува низ целата држава за да им ги приближи информациите за вакцините на граѓаните од избрани локални заедници.

Уште еднаш сакам да потенцирам дека одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Како држава обезбедуваме доволно количини вакцини кои се сигурни и безбедни и се достапни на сите граѓани во државата. Сите заинтересирани граѓани може да се вакцинираат на 14-те локации од организираниот караван, а секој работен ден и во најблискиот здравствен дом. Вакцините се побезбеден начин за развивање имунитет кон ковид-19, отколку заразување со вирусот и докажано нудат посигурна заштита од природниот имунитет. Исто така, вакцининирањето е многу важно во контекст на олабавување на заштитните превентивни мерки – колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку ќе бидеме подобро заштитени како заедница, изјави министерот за здравство Беким Сали.  

Со вакцини против ковид-19 досега безбедно се вакцинираа милијарди луѓе ширум светот. Сите вакцини поминуваат низ ригорозни проверки и независни проценки со цел да се осигура нивната безбедност и делотворност.

Јас се вакцинирав против ковид 19 затоа што вакцините се безбедни и ефикасни. Научните факти јасно докажуваат. Како што кажа министерот, пандемијата не е завршена и мора да продолжиме да го комуницираме ова. Затоа ми е многу драго што сме партнери на овој проект. Овој караван не само што ќе помогне да ги донесеме вакцините во заедниците, поблиску до луѓето на кои им се потребни, на најраниливите и оние кои се во поголем ризик, туку ќе ги направи попристапни и информациите кои им се потребни, рече амбасадорката на САД Кејт Брнз.  

Од Министерството за здравство велат дека омикрон варијантата навидум предизвикува полесни симптоми во споредба со варијантата делта, особено кај оние кои се вакцинирани, но не треба да се потценува. Луѓето заразени со омикрон можат да завршат во болница, а има и смртни случаи. Се очекува дека луѓето кои биле заразени исто така може да развијат т.н. „долг ковид“. Од Министерството тврдат дека „бустер“ дозите можат да обезбедат континуирана заштита од тешка форма на болеста ковид-19 и од смрт, како и да помогнат луѓето да развијат максимална заштита од сите варијанти на вирусот познати во моментот.

Најголемиот број лица кои се хоспитализирани или умираат поради ковид-19 се невакцинирани или нецелосно вакцинирани и за овие лица ковид-19 останува болест опасна по живот. Со овој караван сакаме да допреме до луѓето, да ги обезбедиме информациите кои им се потребни, да ги слушнат од луѓе на кои им веруваат и да се погрижиме вакцините против ковид-19 да бидат лесно достапни. Зошто да го ризикувате својот живот, кога се потребни само неколку минути за да го спасите? Вакцинирајте се кога караванот ќе дојде во вашата заедница, рече д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО Европа за Северна Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје.   

Пандемијата е далеку од завршена. Ова значи продолжување на мерките за јавно здравје и лична заштита за кои знаеме дека функционираат, вклучително и вакцинација против ковид-19. Вакцините се направени да спречат тешка болест и смрт и тие, според научните искуства, се исклучително ефикасни во тоа. Медицинските власти во државата и во светот се едногласни дека имунитетот на вакцинираните опаѓа по одредено време и препораката е да се прими трета доза вакцина по поминати шест месеци од втората доза.

Оттаму, оценуваме дека не е вистина дека предупредувањето дека вирусот во иднина може да мутира претставува „ширење терор”. Тоа што некој ќе ја информира јавноста за можноста да се развијат нови варијанти на коронавирусот не значи и дека „тој создава терор”.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција