Медицинските сестри бараат да се имплементираат европските директиви во македонските закони
Професионалните здруженија се жалат дека за прекратко време и со вонредно учење, како медицински сестри се вработуваат недоволно искусни и неиспраксирани кадри, кои поминале едукација којашто бара и понатаму да бидат континуирано мониторирани и да им се помага. Треба да се направи категоризација во професијата медицинска сестра, според формалното образование, клиничките вештини и компетенциите со кои секоја сестра се стекнала, како и со неформалното учење за кое таа има документ, велат од националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки
Професионалните здруженија се жалат дека за прекратко време и со вонредно учење, како медицински сестри се вработуваат недоволно искусни и неиспраксирани кадри, кои поминале едукација којашто бара и понатаму да бидат континуирано мониторирани и да им се помага. Треба да се направи категоризација во професијата медицинска сестра, според формалното образование, клиничките вештини и компетенциите со кои секоја сестра се стекнала, како и со неформалното учење за кое таа има документ, велат од националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки
Светската здравствена организација (СЗО) уште на почетокот на пандемијата со ковид-19 соопшти дека има глобален дефицит од медицински сестри. Според нив, за да се надмине овој проблем, до 2030 година ќе бидат потребни 9 милиони нови сестри во светот. Во земјава, исто така, има недостиг на квалитетни медицински сестри во државното здравство. Од друга страна, пак, професионалните здруженија се жалат дека за прекратко време и со вонредно учење, се вработуваат недоволно искусни и неиспраксирани кадри, кои поминале едукација која бара и понатаму да бидат континуирано мониторирани и да им се помага, наместо подготвени да дојдат на работа. Спасот од оваа состојба е да се регулира сестринската дејност со закон и со имплементација на европските директиви.
Треба да се направи категоризација во професијата медицинска сестра, според формалното образование, клиничките вештини и компетенциите со кои секоја сестра се стекнала, како и со неформалното учење за кое таа има документ, вели сестра Велка Гавровска Лукиќ од националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Северна Македонија.
Главен наш фокус е да обезбедиме сите овие промени во Директивата да се пренесат и во националното законодавство, како и во школите, преку програмите посебно за вонредните ученици. Да се даде акцент на вештините низ пракса, кои треба да им обезбедат минимално ниво на компетентност, додава Гавровска Лукиќ.
Цeлта е да се дадат можности на сите засегнати страни да се постигнат оптимални резултати во областите како што се безбедност на пациентот, калитетна здравствена и акушерска нега и квалитетен живот на сите инволвирани пациенти, професионалци и системи, додаваат од Здружението.
Како се одвива образованието на медицинските сестри сега во Македонија?
Образованието на медицинските сестри во земјава е на две нивоа: средно четиригодишно образование и високо стручно образование со 180 ЕКТС, на кое има и специјализации со 80 ЕКТС. Покрај ова образование голем број сестри завршуваат и мастер студии како и докторски студии, но не во полето на здравствената нега, туку најчесто во менаџментот.
Проблемот е во тоа што постои можност, некој кој четири години воопшто да не учел средно училиште за медицина, а да се преквалификува со вонредно полагање на испитите. Така, според нашите извори во медицинските кругови, за исклучително кратко време кандидатот се стекнува со диплома за завршено средно медицинско училиште, којашто ја зел за година или две и со недоволна пракса.
Што се вели во Директивата 2013/55/ЕУ?
Важно е да се охрабри понатамошното зацврстување на професионалниот развој за овие професии. Земјите членки треба особено да охрабруваат понатамошен професионален развој за доктори по медицина, специјалисти, медицински сестри, акушерки, фармацевти… Да се промовира континуиран професионален развој за тие професии, а земјите членки треба да ги разменуваат искуствата во областите. Што значи дека професионалците во овие области треба да се мотивираат доживотно да учат, се вели во Директивата.
Што недостасува во земјава за образованието на сестрите да биде вреднувано соодветно?
База за решението е закон за сестринска дејност кој ќе ги постави постулатите за потребно образование, дозволени интервенции и регулатрно тело кое ќе решава аномалија по аномалија. Како Комора се бориме да се имплементираат европските директиви 2005/36/EC и 2013/55/EC. Тие се однесуваат на уредување и признавање на стручните квалификации. Бараме и закон за медицински сестри кој ќе ги утврди содржината и начинот на делување, стандардите за образование, условите за вршење на дејноста, должностите и компетенциите, контролата на квалитетот и стручниот надзор на работата на здравствените работници – медицински сестри и акушерки. Такво складно образование има Словенија, каде образованието за медицинска сестра трае 4.600 часа од кои половината се практична настава под менторство на медицинска сестра, вели Котевска.
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар