Медиум спонзорира владина институција со квазиновинарски текст
[Рецензија: Барате работа? – вработете се во македонското МВР]
Еден од основните, темелни принципи на слободното, неутрално новинарство, е дека ќе биде „куче чувар“, контролор на власта, зашто било која власт да го има мандатот, да управува во одреден период, го добила од народот и дека новинарите се тие кои во името на народот ќе бараат отчет и одговорност за политиките за кои некој добил одобрување да „владее“.
Тоа е толку важна улога на новинарите и медиумите, што дури е наведено во преамбулата на новинарскиот „устав“ – Кодексот на новинарите:
„… новинарите … ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.“
Но, како да му верувате на некој медиум дека го прави тоа кога тој медиум спонзорира владини огласи?!? Тоа е прашањето што си го поставува и нашиот читател на Сервисот за проверка на фактите од медиумите (СПФМ) и ни го предложи овој текст за рецензија.
Линк до оригиналниот напис: Барате работа? – вработете се во македонското МВР
Датум и време на објавување: 27.08.2014, 09:39
Датум на рецензирање: 29.08.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Како прво, веднаш да кажеме дека рецензираме НЕновинарски текст, или: оглас кој ни се „продава“ како новинарски во рубрика „Бизнис“.
Два клучни члена, кои ја одредуваат и чуваат неутралната позиција на новинарството, се повредени во случајот на овој „текст“: членот 6 и членот 14.
Членот 6 во сите негови ставови е многу, многу јасен и навистина кога ќе ги поврзете нив со објавениот текст, не е потребно никаков дополнителен коментар. Се’ е толку јасно и очевидно:
„Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист.
Митото, корупцијата и изнудувањето се неспојливи со новинарската професија.
Не смее да се дозволи рекламирањето и другите комерцијални мотиви да влијаат врз слободата на информирањето.
Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата.“
Членот 14, пак, укажува на уште едно, многу суштествено нарушување на професионалното работење на новинарите:
„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано.
Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“
Каква непристрасност, избалансираност и дистанца може да се поврзе со медиум кој на една државна институција ѝ прави ваква услуга – спонзорира оглас?
А, не е дека е невозможно да се извлече тема од некој оглас на државна институција. Барем на тој начин медиумот да ја покрил својата „услуга“: од секој оглас може да се напише новинарски текст. Можело да се срочи нешто како „проширување и надградба“ на капацитетите на државната институција, дека органот сака „да направи разлика“ и да го подобри работењето и капацитетите, дека ги поканува невработените „да се осмелат и да го направат првиот чекор“… Многу работи можеле да се направат, а да не биде голо објавување на оглас во рубрика „Бизнис“???
А, насловот, пак, е врвот на услугата!!!
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар