Медиумите и демонстрациите во БИХ: Информирај, ама и толкувај

Социјални немири на незатворени рани од војната. Едни малку поинакви демонстрации во Босна. 20-та годишнина од затворањето на српскиот концентрационен камп Омарска во северо-западна Босна ви близина на Приједор, 2012 година. Фото: Advocacy Project
Социјални немири на незатворени рани од војната. Едни малку поинакви демонстрации во Босна. 20-та годишнина од затворањето на српскиот концентрационен камп Омарска во северо-западна Босна вo близина на Приједор, 2012 година. Фото: Advocacy Project

 

Како известуваа македонските, а како балканските медиуми за протестните собири и немири во Босна и Херцеговина.

 

Пишува: доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Весникот Независне новине, што излегува во Република Српска, пред десетина дена на своите страници објави една колумна во која е изнесен ставот на Игор Штикс, Сарајлија кој во моментов живее во Единбург. Тој меѓу другото пишува:

Пред точно 30 години олимпискиот пламен го осветли Сараево. Изминативе недели пламенот е повторно запален, но не е олимписки. Демонстрантите во налет на гнев палеа владини згради и останати државни институции, а причина за тоа е сиромаштијата, лошата економија и „застоените“ социјален и политички живот.

На почетокот, македонските медиуми во известувањата кои се однесуваа на состојбите во Босна и Херцеговина имаа пристап кој може да се рече дека одеше во насока да се согледа социјалниот аспект на немирите, иако не секогаш успеваа во таа намера.

На пример: на почетокот на февруари Денешен во текстот под наслов Насилни работнички протести во Тузла, меѓу другото, напиша дека:

Работниците на „Коњух“, „Полихема“, „Полиолхема“, „Дите“ и „Гуминг“, на протестот го изразија своето незадоволство поради, како што тврдат, „криминалните приватизации“ на овие фирми и нерешените статусни прашања

а Радио Слободна Европа на македонски јазик известуваше за граѓанските пленуми кои се одржуваат со цел на босанските власти да им се испорачаат барањата за оставки Босна – протести и граѓански пленуми.

Наспроти нив се Пет години затвор за палење и уништување на институциите– во Нова Македонија, Дневник, Телма, Алфа ,Денешен и уште неколку други дневни весници кај нас. Или Бан ки Мун загрижен поради ситуацијата во БиХ во Нетпрес, Зад демонстрациите се кријат големи политички игри – Потрал .

Во овие содржини аспектот на известување и анализирање на состојбите во Босна се насочува кон тоа дека не станува збор за социјални мотиви кај граѓаните поради кои излегле на протестите, туку дека причините се политички. Исто така, се споменува и етничката разновидност на населението во земјата и проблемот на немање функционална влада составена од претставниците на различните етнички заедници. Во прилогот, пак, во кој се зборува за казните на лицата кои ги уништувале државните институции, се пренесува и тоа дека медиумите реагираат на барањето упатено до нив да ги предадат снимките од настаните за документирање на постапките пред надлежните судски органи од страна на полицијата. Овие дела според написите се сместени во категоријата на кривични дела против уставниот поредок во земјата.

Факт е дека граѓаните на Република Македонија се интересираат за состојбите во БиХ и не се сосема рамнодушни на она што се случува на просторите во близина до нашата земја. Најверојатно тоа е причината што група невладини организации од Македонија дадоа подршка на граѓаните на Босна. Сепак, само неколку медиуми кај нас ја пренесоа веста за протестот за поддршка: Протести пред амбасадата на БиХ во Скопје за поддршка на босанските граѓани.-Нова ТВ, Да го следиме примерот на БиХ – порталот Окно мк Околу 30 граѓани протестираа пред амбасадата на Босна во РМ– 24 Вести

Писмо со подршка за босанскиот народ беше објавено на Радио Слободна Европа .

И Радио DW ја анализира актуелната состојба во Босна . Случајно или не аспектот на нивната анализа е споредбата на Босна и Херцеговина и Македонија денес. Авторот на текстот се прашува: дали поради фактот што двете земји денес делат слични социо-економски перформанси може да се случи босанското незадоволство да се прошири низ целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија ? Македонија на сигурна дистанца од „босанскиот лонец“ е насловот на анализата во која повеќе македонски аналитичари ги презентираат своите ставови за на крај да се заврши со следнава констатација:

Според проценката за светски закани што неодамна ја обелодени американската разузнавачка служба, во делот за Западен Балкан е оценето дека без оглед на позитивниот развој на настаните во регионот лани, 2014 година ќе се карактеризира со длабоки етнички и политички поделби, при што ситуациите во Македонија и во Босна и Херцеговина се со назнака „особено експлозивни“. DW

Интересен за анализа е и преземениот текст на порталот Република во кој протестите се разгледуваат како планирани, оркестрирани со многу конкретни и детално разработени цели. Споредбата дадена во овој текст се насочува кон прикажување на состојбите во други делови на Балканот ( конкретно Република Српска) и индиректно се посочуваат и виновниците за настаните во БиХ.

Иако како што стои во текстот:

Нема сомнеж дека нарачателите на протестите доволно внимателно испланирале да ја сочуваат својата комплетна анонимност, така да нивните цели, како и нивниот идентитет, статус, политичка функција и ниво на организација која стои зад нив можеме само да ја нагаѓаме.

Сепак, останува нејасно која е пораката што сакаат да ја пренесат медиумите, кои од овој аспект ги анализираат настаните во Босна и Херцеговина. Дали е тоа можеби разгледување на можноста вакво нешто да се случи и во нашата земја ? Бројот на собрани лица пред амбасадата на Бих во Скопје и нивната аналогија на социјалните состојби во двете земји најверојатно може да се доведе во корелација и со такви индивидуални размислувања?!

Ставовите на поранешниот Висок претставник на меѓународната зааедница во Босна и Херцеговина, во периодот од 2002 до 2006 година, лорд Педи Ешдаун, дека Европската унија е виновна за кризата во Босна се преземени од Српскиот весник „Блиц“ и се пренесуваат под насловот: ЕУ е виновна за кризата во БиХ Економски лидер, Прес 24.

Поинакви ставови за протестите во БиХ беа изнесени во текстот објавен во изданието на Руска Реч каде се зборува за двојните стандарди на европските дипломати во поглед на настаните во Босна и Херцеговина и Украина.

 

Како известуваа балканските медиуми за настаните во Босна и Херцеговина?

 

Генерално гледано, најголем дел од нив ги осудија протестите, но не заборавија да посочат дека виновниците за нивното организирање, или барем за нивното навремено (не)запирање се другите – пред сѐ, САД и Европската унија.

Ал Џезеира : Потребно е Вашингтон и Брисел да влечат порешителни потези. Притоа, дадена им е поддршка на граѓаните во поглед на правото да го изразат своето незадоволство, но остро е осудено насилството.

Овој медиум во своите известувања пренесува ставови и мислења од политичари, но и од научната јавност што им оди во прилог на тоа дека сериозно се заинтересирани да ја доловат вистинската приказна за оваа земја која сѐ уште ги носи последиците од војните во деведесетите години од минатиот век.

,,Европската унија мора да ѝ каже на Босна и Херцеговина дека кога ќе биде подготвена, може да стане членка на Унијата но само како обединета земја“- изјава на проф. Мајкл Хатцел

„Протестите се здрави бидејќи создаваат нов политички простор. На овој начин се создава нова политичка класа во земјата која може да излезе на избори со нови идеи поинакви од оние на актуелните политичари. Сепак постои опасност од инструментализација на националистите и тргнување на работите во друга насока.- вели политичарот Филип Лероа

Во интервјуто дадено за Си Ен Ен  британскиот лорд Ешдаун изјавил дека

„демонстрантите во Босна и Херцеговина се кренале против длабоко корумпираните политичари, кои управуваат со земјата и дека за таа ситуација треба да се обвини Европската унија“. Според него моменталната ситуација во БиХ е исклучително нестабилна и ЕУ треба да направи многу повеќе со цел да помогне да се изгради функционална држава што ќе им служи на своите граѓани. Бунтот против сиромаштијата, ограничувањето за движење, нефункционалната држава и корупцијата меѓу политичарите многу брзо може да премине кон нешто многу полошо.

Бидејќи станува збор за преземено интервју со исклучок на насловот, сите медиуми коректно и без измени ја пренесоа изјавата.

 

Што недостасува во известувањето на домашните медиуми?

 

По проширувањето на протестите во други градови на Босна и Херцеговина македонските медиуми генерално следеа сѐ што се случува во оваа земја. Посетите на политичарите од регионот и пошироко се пренесувани во рубриките за дневните настани при што пристапот кон известувањето од настаните е ист: се преземаат агенциските вести и најчесто во целост се пренесуваат, па, така имаме исти содржини во дневните изданија на македонските медиуми:

Давутоглу во непланирана посета на БиХ-24 Вести, сител, Алфа, А1 он ,Шефот на австриската дипломатија предупредува на опасност од ескалирање на ситуацијата во БиХ– А1 он Сител, Република, Бриф, Министерот за безбедност на Босна не знае што му се случува во државата-Република Соседите не треба да се мешаат во внатрешните работи на БиХ– Канал 77, Портал Актуелно 24,Специјалците во Сараево ги спуштија штитовите, граѓаните ги поздравија со аплауз– Р.Слободна Европа, 24 Вести Инцко: Можно е испраќање трупи на ЕУ во БИХ, ако ситуацијата ескалира– Нова, МКД, Локално, Р.С.Европа,Нетпрес, Канал 5, Нова Македонија.

Голем дел од информациите се објавуваат под истите наслови или сосема малку видоизменети.

Интересно е што скоро никој од нашите медиуми не се обиде да го проанализира документот на ЦИА за кој се расправало во американскиот сенат и во кој Босна и Македонија се споменуват како можни потенцијални експлозивни подрачја на Балканот.Единствено во колумна објавена во Утрински весник Кога не се слуша, кога не се гледа посочено е дека:

Нашите политичари од власта и нивните медиумски подржувачи сето ова како да не го гледаат и нѐ убедуваат дека состојбите не се надминуваат со протести. Точно е дека решението не е во насилни демонстрации, но причината за евентуалното нивно појавување не треба да ја бараме во некои надворешни фактори туку тие би биле резултат на политиките кои не носат подобрување на животниот стандард.

Вообичаено, протестите на граѓаните во нашите медиуми се третираат од аспект на нарушени човекови права и настојувањето е токму од тој аспект да се сметаат како оправдани сѐ додека не преминат во крајност која ги загрозува правата на другите граѓани .

Но, и во тој случај мал број медиуми реално ги презентираа состојбите во БиХ. Всушност, повеќе внимание се обрнуваше на третманот на повиците за продолжување на нередите.

Под насловот Мирни протести во БиХ, МРТ пренесе дека демонстрантите ги повикуваат граѓаните кои молчат да се приклучат кон демонстрациите.

Ваквиот повик сигурно има две лица кои може да се почувствуваат: првото е солидарноста со граѓаните кои сакаат да ги променат состојбите во земјата, а второто е правото на секој граѓанин на сигурност во секојдневното живеење и комодитетот кој сигурно е сериозно нарушен во услови на протести и немири по улиците.

Кога сме кај солидарноста мора да се потенцира уште еден момент. Понекогаш медиумите губат интерес за постојано пренесување на вести кои не нудат нови моменти. Појавата на познати лица на протестите повторно ги актуелизира. Без намера да оценуваме дали е тоа маркетиншки потег или изразување на солидарност со граѓаните појавата на познат актер повторно ги стави настаните од Босна на првите страници на пишаните и електронските медиуми на пошироките балкански простори, но не и во Македонија каде беа преземени само од Курир и А1он.

Ако кај некој има дилема и си го поставува прашањето: дали медиумите може да заземаат ставови и да презентираат мислења околу начинот на решавање на босанските проблеми, кои можат да станат и поширок балкански прoблем, одговорот без сомнение е позитивен.

Мора да се знае дека медиумите покрај тоа што се пренесувачи на информации се и креатори на јавното мислење. Кога некоја појава, настан или состојба ја има во медиумите тогаш граѓаните може да создаваат свој став и да разменуваат мислења за таа проблематика. Ако нештото не е објавено не значи дека го нема, не се случило, туку дека може да се случи повторно, а кога ќе избие на виделина да нема можност да се спречат последиците.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција