Медиумите и известувањето за референдумите

Илустрација Khalid Ablaih, 25 март 2014
Илустрација Khalid Ablaih, 25 март 2014

 

Зошто медиумите имаат третман на продолжена рака на политичарите, односно се јавуваат со свои известувања дури кога тие ќе почнат да одржуваат брифинзи или да даваат изјави, е прашањето на кое треба да дадат одговор самите медиуми.  

 

Пишува: доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Содржина која деновиве многу често може да ја прочитаме во македонските медиуми е потикната од состојбата настаната по референдумот во Крим и желбата на неговото население за отцепување од матичната држава Украина. Овој референдум предизвика голем интерес од страна на медиумите да ги согледаат и состојбите во други земји каде, исто така, се става под знак прашање заедништвото и на виделина излегува желбата на населението на определени региони да има своја независна, меѓународно призната држава.

Косово, Каталонија, Фландрија, Баскија, Шкотска, Корзика се само некои од најексплоатираните региони за кои се тврди дека само чекаат момент да се отцепат од постоечките држави. Европа ја цепи сепаратизам е наслов на порталот Пулс24, при што не само преку текст, туку и хронолошки, низ фотографии, се претставени сите региони каде неколку децении наназад тлее сепаратизмот.

 

Аспекти за презентирање на референдумите

 

Различни се аспектите кои медиумите ги пренесуваат на своите страници кога станува збор за состојбите околу референдумските изјаснувања на населението во засегнатите региони:

Економски лидер, на пример, ја согледува можноста Шкотска да не може да ја користи англиската фунта во случај да се отцепи од Велика Британија. Таму се согледува аспектот на унијата потпишана помеѓу Англија и Шкотска во 1707 година и потребата евентуално успешниот референдум да ги определи и условите за излез од неа.

 

И Нова Македонија се осврнува на економските аспекти при евентуалното позитивно решение за отцепување на Венеција од Италија, при што во текстот „Референдум за отцепување на Венето,“ се наведува дека:

„Ако мнозинството гласа за независност, имаме експерти кои подготвуваат прогласување независност и фирми во регионот кои велат дека ќе почнат да плаќаат данок на локалните власти наместо на Рим.“

За разлика од претходно споменатите, информациите за можното отцепување на Баскија и Каталонија се насочени кон политичките аспекти на проблемот. Нова Македонија пишува дека:

„Дел од граѓаните не можат ни под каков било изговор да го решаваат прашањето за територијалниот интегритет на земјата, како и оти властите немаат право да ги лишуваат граѓаните кои живеат на одредена територија од слободата која им е загарантирана со Уставот на Шпанија“.

Исто така, се наведува дека „само целиот шпански народ има право да го решава прашањето за територијалниот интегритет на земјата“.

За проблемот, кој се однесува на начинот на кој е отуѓена територијата од матичната држава, се осврнува и Сител, известувајќи за одзивот на потписниците на петицијата за отцепување на Алјаска како држава, која од 1867 година, по продажбата од Русија, се наоѓа во составот на САД.

Макфакс, пак, во своите написи се навраќа на причините поради кои се случуваат настаните во Крим и го пренесува ставот на Русија дека сѐ започнало од Косово:

„Кримските власти се повикуваат на косовскиот преседан кој нашите западни партнери сами го создадоа. Ситуацијата е апсолутно аналогна на онаа во Крим. Признавањата дека отцепувањето на Косово од Србија е легитимно, покажувајќи дека не се потребни никакви дозволи од централната власт за одвојување на делови од држави”.

Политичките аспекти ги анализираат и во А1 он, каде се пренесува ставот на Претседателот на Венецуела, кој го обвини Западот дека води политика на двојни стандарди, бидејќи пред 10 години го поддржа отцепувањето на Косово од Србија, а сега не го признава референдумот на Крим на кој народот избра отцепување од Украина и приклучување кон Русија.

Дневник понуди еден друг аспект, пак, кога ја пренесе одлуката на Уставниот суд на Шпанија, според која свикувањето на референдум во дел на земјата е неуставно, но посочи на новопонудената опција за одржување на избори во Каталонија како плебисцитарен израз на желбата за независност.

 

Кој е вистинскиот момент и начин за известување за референдумските изјаснувања?

 

Не е лесно да се известува и анализира состојба во земји каде народот како носител на суверенитетот сака да се стекне со права, кои со Уставот му се гарантирани. Исто така, проблем е да се констатира дали правото на заедницата (државата – како носител на суверенитетот) е поголемо од правото на поединецот (граѓанинот – исто така, носител на суверенитетот) и да се најдат аргументи кои би го докажале тоа. Затоа е потребно новинар(к)ите да направат обид да ги претстават ставовите на сите заинтересирани субјекти кон проблематичните прашања и да остават читателот (гледачот) сам да си донесе свој став околу конкретниот проблем.

Уште една појава има суштинско значење кај новинарските содржини: дали проблемите со референдумите треба медиумски да се обработуваат дури тогаш кога за нив ќе почне да се интересира и политиката? Зошто проблемите добиваат на важност за медиумите кога ќе се случат немири, па и човечки жртви?!

Состојбите во Каталонија, Корзика, Косово и другите земји каде се случува изразувањето на сепаратизмот, не се нови. Жителите на островот Корзика како дел од Франција со децении наназад се жалат на „поинаквиот финансиски третман од страна на континентот“ (како што ја нарекуваат матичната земја Франција ). Жителите на Косово, исто така, своите потреби за самостојност ги објаснуваат со неправедната економска и етничка политика од страна на Белград кон овој дел на земјата. Или Крим, каде референдумското изјаснување и отцепување значеше ветување (и реализирање?) на поголеми плати и пензии за неговите жители.

Се ова медиумите го презентираат прашањето дури кога ќе се случат состојби што предизвикуваат поместување на границите, политички ангажман на лидерите на државите и партиите, гласна реакција на населението, некаде, за жал, и жртви при протестите.

Ако не станува збор за проблем што ја засега нашата земја новинар(к)ите се задржуваат само на презентирање на познати факти. Таков е и случајот во анализираните содржини кои се однесуваат на потребата за отцепување на определени територии во Европа и пошироко.

Зошто медиумите имаат третман на продолжена рака на политичарите, односно се јавуваат со свои известувања дури кога тие ќе почнат да одржуваат брифинзи или да даваат изјави, е прашањето на кое треба да дадат одговор самите медиуми. Притоа, најдобро е тоа да не биде за јавноста, туку состојбите да си ги регулираат во рамките на своите редакции.

Желбата да се биде во тренд со настаните е првото на што се размислува во конципирањето на содржините на медиумот. Се разбира, уште подобро е да се биде пред другите и некои состојби да бидат анализирани пред тие да се случат, односно да се предупреди за нив. За тоа е потребно и поголемо ангажирање и редовно следење на состојбите. Ангажираното новинарство е тренд во денешно време и не треба да биде привилегија на новинар(к)и поединци, туку на редакции кои држат до својот квалитет.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција