Медиумите не треба да пренесуваат митови за корона-вирусот од социјалните мрежи

[Рецензија: Италијански лекар што работеше во Кина дава совети за избегнување на заразата]

 

Неодговорното пренесување разни неточни текстови и информации во ситуација на сеприсутен страв на јавноста поради ширењето на новиот корона-вирус COVID-19 не би требало да се случува во медиумите. Но, за жал, се протнуваат и објави како оваа. Во неа се изнесени „совети“ од неименуван италијански лекар (не знаеме дали навистина станува збор за лекар), кои кружеа по социјалните мрежи изминативе 3-4 недели, а досега беа успешно разоткриени од голем број проверувачи на факти во светот и на Балканот.

Во текстот отсуствуваат други мислења, има отсуство на докази дека на темата ѝ се пристапило посериозно и се консултирале повеќе извори и повеќе мислења. Во него само се изнесуваат погрешни совети и полувистини, што може да создадат заблуди кај граѓаните и да предизвикаат сериозни последици.

Линк до оригиналниот напис: Италијански лекар што работеше во Кина дава совети за избегнување на заразата

Датум и време на објавување: 12.3.2020

Датум на рецензирање: 13.3.2020

Рецензент: Сашо Спасоски

Текстот претставува најобично изнесување анонимни тврдења – „италијански лекар што работел во Шенжен“ не значи ништо без изнесување на неговиот идентитет, образование и професионална биографија, како и изнесување доказ дека навистина лекарот со тоа и тоа име и презиме навистина рекол нешто. На крајот на краиштата, иако тоа во случајов е најмалку битно, нема ниту еден изнесен доказ дека навистина работел во Шенжен.

Она што раѓа крајно сериозни сомневања кај читателот на овој текст дека навистина станува збор за совети од лекар e што препораките се во најголем дел спротивни на она што го препорачуваат здравствените власти, односно тврдењата се медицински непоткрепени или дури и погрешни.

За самите „совети“ и експертскиот одговор на нив ќе може да прочитате на крајот на оваа содржина.

 

Властите предупредуваат – текстот изнесува стари дезинформации

Текстот што го рецензираме е објавен во четвртокот, денот кога стапија во сила владините мерки за справување со состојбата. Сериозен проблем е и тоа што овој текст е објавен откако МВР во вторникот вечерта, според насоката од Владата, испрати соопштение до медиумите и јавноста дека сите што шират непроверени информации на социјалните мрежи ќе бидат санкционирани. Од содржината на објавениот текст не гледаме дека е послушано официјалното соопштение, односно не се гледаат докази за вложено дополнително внимание да се проверат „советите“ пред да се пласираат во јавноста.

Претходно, во вторникот, и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати повик до медиумите „да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста при известувањето за корона-вирусот (COVID-19) и да не шират невистини.

Новинарите и медиумите имаат одговорност да се придржуваат до етичките правила при  своето работење и да не придонесуваат за ширењето невистини и создавањето паника во јавноста. Тие имаат обврска да Им отстапат простор на експертите што се квалификувани да коментираат за ваквите чувствителни прашања.

Од она што се чита, во овој текст не е почитувана ни препораката да им се отстапи простор на експерти. Инаку, наспроти изнесените ставови во него стојат и упатствата од Министерството за здравство и Светската здравствена организација.

 

Неточностите во текстот и одговорите од експертите

Но, да видиме дел од тврдењата во текстот.

Првиот од „советите“ вели:

Ако на настинатиот му тече носот или го боли грлото, тој не е заразен со корона-вирус, бидејќи пневмонијата се јавува со сува кашлица, без течење на носот. Тоа е најлесниот начин за забележуваење на вирусот.

Наспроти ваквото тврдење, Светската здравствена организација во делот „Прашања и одговори за новиот корона-вирус (COVID-19)“, во секцијата „Кои се симптомите на COVID-19“ вели дека највообичаените симптоми се треска, замореност и сува кашлица, но и дека некои пациенти може да имаат болки, затнат нос, течење на носот, болно грло или дијареја. Значи, ако ви тече носот и ве боли грлото, сепак може да бидете заразени од корона-вирусот.

Истото го кажува и македонскиот Институт за јавно здравје (ИЈЗ), во брошурата „Прашања и одговори“

Дополнително, во погорниот совет проблем е и што се мешаат две работи. Во првата реченица првин се зборува дека ако ви тече носот или ве боли грлото, немате корона-вирус, а потоа веднаш се префрла на знаци на пневмонија!?

Вториот „совет“ во рецензираниот текст вели:

Корона-вирусот не е отпорен на топлина и умира на 26 до 27 Целзиусови степени. Затоа пијте што повеќе топли напитоци, како што е чајот. Не е лек, но добар е за телото. Пиењето топли напитоци е ефикасно во уништувањето на сите вируси. Обидете се да не консумирате смрзнати напитоци. Изложете се на сонце.

Наместо тоа, Министерството за здравство во делот „Често поставувани прашања“ вели „се смета дека хуманите корона-вируси можат да опстанат на инертна површина на собна температура до девет дена, додека на повисока температура, секако, дека побрзо се уништуваат вирусните честички“. СЗО вели дека корона-вирусите може да опстанат вон човековиот организам од неколку часа до неколку дена, а во делот „Разбивање на митовите“ (на македонски тука) вели дека вирусот може да се пренесува и во топли и во влажни климатски услови.

На крајот на сѐ, простата логика вели дека ако нормалната човечка температура се движи од 36,5 до 37 Целзиусови степени (според СЗО), вирусот не би смеел воопшто да се размножува во човечкиот организам, бидејќи, според „советот на италијанскиот лекар“, вирусот умира на 26-27 степени.

Нелогичностите во рецензираниот текст се навистина многубројни, од скокање од еден на друг термин, до отворено неточни податоци. Ако ги разгледуваме одделно сите погрешни елементи во текстот, би ја претвориле оваа рецензија во голем труд, затоа ќе се задржиме на само уште една неточност. За другите детали за симптомите и заштитата од новиот корон-авирус, прочитајте ги упатствата и препораките од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје – дополнително и тука.

Последниот нелогичен совет што е даден е:

Сите треба да бидеме сигурни дека устата и грлото ни се влажни, а не суви. Пијте по малку вода на секои 15 минути. Дури и доколку вирусот влезе во устата, питката вода или другата течност ќе го пренесе низ хранопорводот до стомакот. Таму стомачните киселини ќе го уништат вирусот. Ако не пиете доволно вода редовно, вирусот може да влезе во душникот и во белите дробови.

Секако е добро да се пијат течности во доволно количество, но тврдењето дека течноста ќе го пренесе вирусот од грлото преку хранопроводот во желудникот е комплетна нелогичност. Имено, како што кажува СЗО, но и македонските здравствени власти, вирусот во организмот може да навлезе и преку носот и преку устата и преку окото, ако се допрете со неизмиени раце, а претходно сте допирале предмети или површини каде што го има вирусот. Токму затоа здравствените власти постојано ја повторуваат препорака рацете да се мијат често.

Односно, вирусот навлегува во организмот преку слузниците, а кога веќе ќе се развијат симптомите, тој не е само во грлото, па да го измиете со вода и течности и да се уништи во стомакот, туку го има и во носот и во дишните патишта. Што се однесува до носот, пак, СЗО во својата онлајн-брошура  „Разбивање на митовите“ (на македонски тука), одговарајќи на прашањето дали редовното промивање на носот со солена вода може да заштити од новиот корона-вирус, вели дека нема докази дека тоа е ефикасно за новиот корона-вирус, дека во некои случаи е ефикасно кај обичната настинка, но секако таквата постапка не е докажано ефикасна за спречување на респираторни инфекции (во кои влегува и новиот корона-вирус).

Инаку, митот за „измивање на вирусот“ од грлото е разобличен на крајот на минатиот месец од д-р Вилијам Шефнер, професор по инфективни болести на американскиот универзитет „Вандербилт“.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција