Медиумите пренесуваат дезинформации од руски РТ дека Милошевиќ бил ослободен од вина за геноцид

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr разоткри дезинформација во врска со поранешниот претседател на СР Југославија и на Србија, Слободан Милошевиќ, инаку обвинет за воени злосторства во поранешна Југославија: Милошевиќ почина во Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг, не дочекувајќи го официјалниот почеток на неговото судење. Но, неколку грчки сајтови објавиле дека Милошевиќ постхумно бил прогласен за невин за воени злосторства во текот на војната во Бих од 1992 до 1995 година.

Како што разоткрива ellinikahoaxes.gr, ставот на грчките медиуми за постхумно прогласување на Милошевиќ за невин произлегува од една статија на руската ТВ мрежа РТ (Russia Today), а заснована на статија на Енди Вилкоксон од јануари 2016 година, според која поранешниот претседател на Југославија и Србија бил прогласен за невин.

Но анализата на грчкиот сервис за борба против дезинформациите покажува дека „доказите“ за ваквото тврдење се извадени од белешките од судењето на воениот лидер и поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој на 24 март 2016 година беше прогласен за виновен по 10 од 11 обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото и осуден на затворска казна. Односно, според појаснувањето на Меѓународниот трибунал, во судењето на Караџиќ не се откриле никакви докази дека Милошевиќ се согласил за етничко чистење на не-српските територии.

Но тоа нема врска со Милошевиќ, оти тој почина десет години пред пресудата против Караџиќ, и пресудата не се однесува на Милошевиќ. Дополнително, Вилкоксон самиот е проруски ориентиран и познат негатор на геноцидот во Сребреница, пишува ellinikahoaxes.gr.

 

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција