Медиумите треба да бидат многу внимателни кога известуваат за несреќи во кои има човечки жртви

Медиуми, сниматели. Фото: META/архива

Кога ќе се случи таква огромна трагедија, да се бараат одговори и одговорност, да се лоцираат и санкционираат виновници, не е само право на медиумите (како глас на граѓаните), туку е и нивна обврска како дел од нивната мисија. Но, она што е клучно, е оваа мисија да се остварува во рамките на пропишаните етички правила и норми во Кодексот на новинарите, вели за „Вистиномер“ новинарката Катарина Синадиновска, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите

Кога ќе се случи таква огромна трагедија, да се бараат одговори и одговорност, да се лоцираат и санкционираат виновници, не е само право на медиумите (како глас на граѓаните), туку е и нивна обврска како дел од нивната мисија. Но, она што е клучно, е оваа мисија да се остварува во рамките на пропишаните етички правила и норми во Кодексот на новинарите, вели за „Вистиномер“ новинарката Катарина Синадиновска, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

По трагичната несреќа која се случи на автопатот Струма во Бугарија, во која автобус целосно изгоре и настрадаа 45 лица од Македонија, а 7 беа повредени, во медиумите беа објавени различни верзии и шпекулации за тоа што би можело да биде причина за несреќата. Шпекулациите се нижеа една по една и истите подоцна, во текот на истрагата, според првични официјални сознанија, беа демантирани.

Според верзиите кои се појавија во медиумите, во автобусот се шверцувало нафта, бидејќи таа била поевтина во Турција, па оттука дошло и до експлозија. Некои отидоа чекор понатаму, па тврдеа дека во автобусот се шверцувале големи количини на пиротехнички матeријал, кој ја предизвикал експлозијата.

Деновиве се тврди дека во автобусот се превезувала хeмиска супстанца од која се правела дрога и која била високо запаллива. Се шпекулираше и за возачот на автобусот, дека возел пребзро, дека заспал, дека немало траги од кочење и т.н.

Дури се појавија и шпекулации за брoјот на преживеани лица. Се појави име кое звучеше како арапско, на лице кое исчезнало од болницата вечерта кога биле хоспитализирани другите преживеани, па неосновано, се раскажуваа приказни дека тој бил автостопер кој се качил во автобусот, а некои дури отворија и сомнеж за терористички акт. Сите овие сомнежи и шпекулации досега се демантирани. Дел од медиумите демантите и фактите ги објавија, но некои не го сторија тоа.

Медиумите имаат право да објавуваат шпекулации, но мора да нагласат дека станува збор за непроверени информации, а кога за истите ќе добијат потврда или демант, медиумите се должни да го објават тоа.

 

Која е опасноста од објавување шпекулации поврзани со сензитивни теми?

Кога станува збор за несреќи предизвикани од човечки фактор, особено ако во нив има човечки жртви, медиумите мора особено да бидат внимателни што и како објавуваат. Непроверените објави од типот дека се шверцувале петарди, нафта или ацетонски киселини може да биде многу опасно. Замислете некој близок на починатите да го прочита ова и поради голема тага, во афект да направи нешто непромислено, дај а земе „правдата“ во свои раце, односно да се обиде да се одмазди по пат на насилство, како последица на прочитаните дезинформации.

Од друга страна, надлежните институции се ставени во комплицирана ситуација зашто не можат веднаш да ги негираат ваквите шпекулации, оти и тие самите не го знаат одговорот, односно не знаат дали таквата шпекулација е точна или не. Одговорите за шпекулациите мора да ги даде истрагата.

Кога ќе се случи таква огромна трагедија, да се бараат одговори и одговорност, да се лоцираат и санкционираат виновници, не е само право на медиумите (како глас на граѓаните), туку е и нивна обврска како дел од нивната мисија. Но, она што е клучно, е оваа мисија да се остварува во рамките на пропишаните етички правила и норми во Кодексот на новинарите, вели за „Вистиномер“ новинарката Катарина Синадиновска, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите.

Професионалните медиуми не смеат ни да помислат да оперираат со непроверени и неточни информации, особено во вакви случаи, кога станува збор за загуба на човечки животи. Ова е пропишано во самиот член 1 од Кодексот на новинари, каде се инсистира информацијата да биде што повеќе проверена. Истрчување со бројка на починати, а уште пострашно со нивниот идентитет, пред тоа да го сторат надлежните институции, е апсолутно надвор од основна новинарска етика. Тука се кршат и членовите 7 и 8, кои налагаат начинот на информирање за несреќи да биде ослободен од сензационализми, а новинарите да водат сметка за туѓата болка и жал, почитувајќи ја приватноста и на починатите и на нивните семејства, вели Синадиновска.

Објавувањето на шпекулации, информации кои не се поткрепени со факти, мешањето, односно неправењето на разлика помеѓу мислењата и на фактите, додава таа, не само што прават штета на целокупниот јавен наратив и ја уриваат довербата и во медиумите и во институциите, туку честопати можат да наштетат и на самата истрага и потрагата по вистината.

Професионалното известување мора да е императив за секој сериозен медиум во секое време, но, во време на вакви несреќи, тоа станува задолжение и тука не смее да има компромис, изјави Синадиновска.

Дека новинарите треба да бидат многу внимателни при објавувањето на ваквите информации, особено за сензитивни теми или известувања за страшни трагедии, каква што беше автобуската во Бугарија, се согласува и новинарот Зоран Фиданоски, член на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

Мора да се почитуваат етичките начела кои налагаат исклучително почитување на правото на приватност, како на жртвите, така и на нивните најблиски. Пожелно ќе беше имињата на трагично загинатите прво да дојдеа до нивните семејства, а потоа и во јавноста. Новинарите, како трагачи по вистината, како што јас ги нарекувам моите колеги, имаат обврска да го штитат јавниот интерес. Во овој случај, според мене, јавен интерес е да се информира јавноста и да се „држи прашањето на маса“ во интерес на ефикасна и професионална истрага за причините на несреќата. Затоа сите т.н. шпекулации во вакви ситуации, мораат дополнително да се истражат пред да бидат пуштени во јавност. И ако бидат објавени, тоа да се направи со оградувања, кои не би предизвикувале вознемирување на семејствата на жртвите – вели Фиданоски за „Вистиномер“.

ААВМУ и Советот за етика во медиумите истиот ден кога се случи трагичната несреќа испратија соопштение со кое ги повикаа медиумите при известувањето за оваа трагедија тоа да го прават со почитување на професионалните новинарски стандарди и принципи, односно информирањето да биде ослободено од сензационализам и новинарите да ја почитуваат личната болка и жалост. Информациите да бидат точни и проверени и доколку не може да се потврдат или станува збор за претпоставка, тоа треба да се објави и потенцира.

 

Што пропишува законската регулатива?

Законската регултива во членот 61 од ЗААВМУ ги пропишува начелата кои треба да бидат почитувани од радиодифузерите при обавувањето на својата работа. Тука, пред сè, мислам на објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно формирање на мислењето на публиката за одделни настани и прашања, како и за принципот на самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика. Бидејќи станува збор за етички начела, за кои нема и не треба да има санкции, ААВМУ може да им укаже на радиодифузерите да ги почитуваат овие принципи, како и етичките и стандардите на професионалното новинарство. Дополнително, неколку години наназад на овој план имаме соработка и со Советот за етика во медиумите во Македонија, СЕММ, по кои сите претставки или евентуални прикршувања на овие и другите начела од членот 61 на ЗААВМУ, по автоматизам ги префрламе на одлучување пред Комисијата за жалби. На тој начин, практично, последниот збор за ова да го има „фелата“ – вели Фиданоски.

Што пропишува кодексот за етичко известување?

Кодексот на новинари, усвоен од Здружението на новинари во Македонија, пропишува дека основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав.

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни, стои во Кодексот.

Во Член 1 се вели:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Членот 8 се однесува на информирањето во случај на несреќи:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Меѓународната федерација на новинари во 2019 година ја усвои глобалната Повелба за етика за новинарите. Во повелбата во Член 1 се наведува:

Почитувањето на фактите и на правото на јавноста на вистината е прва должност на новинарот.

Член 3:

Новинарот известува само според факти чие потекло го знае. Новинарот нема да прикрива суштински информации или да фалсификува каков било документ. Тој/таа ќе внимава верно да репродуцира изјави и други материјали кои нејавни лица ги објавуваат на социјалните мрежи.

Член 5:

Поимот итност или непосредност во ширењето на информациите нема да има предност пред верификацијата на фактите, изворите и/или понудата за одговор.

Член 6:

Новинарот ќе направи се за да ги исправи сите грешки или објавени информации за кои ќе се утврди дека се неточни на навремен, експлицитен, целосен и транспарентен начин.

Примената на етичко известување и саморегулација на медиумите исто така е важно прашање во евроинтеграцискиот пристап на РСМ, во делот на слободата на говорот и медиумите.

 

 

 

Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција