Медиумите во време на пандемија, приватност и исклучоци

Фото: Pexels

 

Пишува: Дорунтина Балиу

 

Балансот помеѓу потребата за професионално и инспиративно известување од една страна и приватноста на заразените пациенти со КОВИД-19 од друга страна, е еден од новите предизвици со кој се соочени новинарите, а експертите велат дека изборот мора да се направи внимателно.

Покрај загрозувањето на личното здравје, со избувнување на пандемијата со КОВИД-19, медиумите во Косово се соочија со нова ситуација за која требаше да се известува секојдневно.

Се ширеа лажни вести и неточни информации, без претходно да се идентификуваат случаите на инфекции во земјата. Штом излегоа вестите за првите две заразени лица, името на лицето за кое се верува дека е извор на инфекцијата се прошири многу брзо во некои онлајн медиуми.

Набргу потоа, самите претставници на институциите, вклучително и градоначалниците, почнаа да објавуваат за случаи на инфекции, смртни случаи или заздравувања, притоа објавувајќи ги идентитетите на засегнатите лица.

Идентификацијата на заразените лица беше брзо осудена од здруженијата на новинари и други експерти кои тврдат дека приватноста на пациентите, особено на оние кои не се јавни личности треба да биде неповредлива.

Дури и надвор од пандемијата, косовските закони јасно предвидуваат одговорност за поединците и медиумите наспроти приватноста на пациентите и за заштита на личните информации воопшто.

Уставот на Република Косово во член 36 предвидува дека „секое лице ужива право на заштита на личните податоци“.

Прекршувајќи ги овие правила, поединците, медиумите и организациите може да се соочат со глоба и други казни.

Флутура Кусари, адвокат за права на медиумите, ја истакнува штетата предизвикана од косовските медиуми (макар и мал број) во врска со приватноста на пациентите.

Во време на пандемија, заштитата на приватноста на пациентите е една од главните одговорности на новинарите. Некои медиуми – иако во мал број – сериозно и намерно ја нарушија приватноста на пациентите откривајќи ги нивните идентитети и предизвикувајќи скоро непоправлива штета, вели таа.

Според неа, објавувањето на идентитетот на болните е поприфатливо кога се работи за јавни личности, но не секогаш.

И во такви случаи, интересот на јавноста треба да се процени добро , додава Кусари.

 

КОГА Е ПРИФАТЛИВО ДА СЕ ОБЈАВАТ ИМИЊАТА НА БОЛНИТЕ СО КОВИД-19?

Слично како и другите бизниси, косовските медиуми го почувствуваа економскиот удар предизвикан од пандемијата, а сега е додаден и личниот ризик за новинарите и снимателите, со одговорноста за известување во ваква состојба.

Албан Зенели, предавач на Одделот за новинарство на Универзитетот во Приштина, вели дека непрофесионалното известување и дистрибуцијата на лажни вести во врска со КОВИД-19 било почесто во социјалните медиуми отколку во мејнстрим медиумите.

Различни страници во социјалните мрежи ја искористија оваа ситуација со цел да се зголеми онлајн сообраќајот. Тука може да се најде примената на теоријата на медиумски ефект, според која социјалните мрежи ја користат емотивната состојба на публиката, како што се стравот, несигурноста, паниката и слично, за да добијат кликови честопати од несвесна јавност, која дејствува под влијание на овие емоции, рече тој.

Со зголемувањето на случаите со КОВИД-19, во земјата почнаа да се појавуваат други проблеми, за кои заразените лица или нивните семејства сакаа да зборуваат во медиумите. Истрагите за сомневања за разни злоупотреби вклучуваа и ставови на заразените или нивните семејства.

Според Флутура Кусари, во секој случај на известување каде е вклучен идентитетот на заразените, покрај нивната согласност за изјава, треба да се разгледа дали засегнатото лице ги разбира можните последици од таквото известување.

Објавувањето имиња на пациенти или списоци на лица во карантин е флагрантно кршење на приватноста. Објавувањето имиња на заразени лица може да се направи само кога самото заразено лице ќе даде одобрение за откривање на здравствените податоци, а новинарите мора да се осигурат дека ова одобрение е дадено од субјект кој добро ги разбира последиците. Често се случува некои субјекти да бидат злоупотребени од медиумите затоа што истите се охрабруваат да откриваат податоци без добро да ги разберат последиците што следат по известувањето , потенцира Кусари.

Албан Зенели, исто така, ја нагласува потребата за внимание на медиумите во однос на приватноста на пациентите.

Правото некои податоци, вклучително и медицинските, да бидат само приватни е основно човеково право и медиумите треба да го почитуваат тоа, и покрај фактот дека може да има јавен интерес за нив. Дури и со етичките и професионалните кодекси што се применуваат во Косово и важечките закони, правото на приватност за не-јавни лица, како што се повеќето од оние кои се засегнати од „Ковид-19“, е неприкосновено. Затоа, медиумите мора да продолжат да го почитуваат тоа, рече Зенели.

Дилемите за откривање на идентитетот и известувањето за жртвите на КОВИД-19 не ги поштеди ниту светските престижни медиуми.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција