Медиумите во заштита на децата и почитувањето на државните симболи

 

Една новост, која се воведе селективно, само за учениците во основните училишта на територијата на општина Аеродром (од вкупно 123 општини во целата земја) на почетокот на учебната година побуди интерес кај некои медиуми, но никој од нив докрај не ја истражи настанатата состојба.

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Прашањата кои медиумите мора да ги третираат со посебно внимание и чувствителност се оние кои се однесуваат на правата на децата во сите сфери каде тие живеат и престојуваат во текот на едно деноноќие. Престојот во основното училиштето е составен дел на овие права и обврски на децата на училишна возраст, односно според нашиот Закон за основно образование, до навршени 16 години (чл 58, ст. 1).

Една новост, која се воведе селективно, само за учениците во основните училишта на територијата на општина Аеродром (од вкупно 123 општини во целата земја) на почетокот на учебната година побуди интерес кај некои медиуми, но никој од нив докрај не ја истражи настанатата состојба.

Станува збор за обврската која им се наметна на основците во осум училишта во оваа општина – секој понеделник пред започнувањето на часовите да ја слушаат државната химна и да подигаат знаме во училишните дворови.

 

СЕ ИЗЈАСНИЈА ЛИ НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ?

Најголем дел од медиумите оваа активност ја најавија со кратка протоколарна вест најверојатно добиена од општинската служба за информирање :

„Од оваа учебна година, секој понеделник во училишните дворови на основните училишта ќе се изведува церемонијал на кревање на државното знаме и интонирање на химната на Република Македонија. Знамето ќе се крева пред учениците во првата смена.

Од Општина Аеродром информираат дека церемонијата е воведена со цел кај учениците да се развие чувството на патриотизам, како и да се влее чувство на почит кон државните симболи.

Оттаму додаваат дека во сите осум училишта на територијата на Општина Аеродром има поставено јарболи за таа намена.“ ДневникБрифНетпрес

Вака, како што е објавено, од аспект на анализа на новинарските правила за пишување на вест, станува збор за сосема коректна содржина. Меѓутоа, секој читател кој сака да добие повеќе информации поставува неколку основни прашања:

  1. Дали ваквата активност на учениците е предвидена со статутот на училиштето?
  2. Дали одлуката е донесена од училишното раководство (Училишниот одбор, Советот на родители)?
  3. Дали Министерството за образование е консултирано и се има изјаснето за оваа активност?
  4. Дали е консултиран Законот за употреба на грб, знаме и химна на РМ?

Читајќи ги информациите, можеме да заклучиме дека на никое од поставените прашања нема да добиеме позитивен одговор. Зошто?

 

ШТО ВЕЛАТ ЗАКОНИ И УЧИЛИШНИОТ СТАТУТ?

Во чл. 21 од Законот за основно образование стои дека, меѓу другото, Статутот на училиштето ги регулира и „…правата и обврските на учениците…“. Ако новинарите се обиделе да ги прочитаат статутите на училиштата во оваа општина ќе можеле на своите читатели да им пренесат дали оваа одлука е или не е во согласност со овие акти. Вака, останува само голем прашалник, кој јавноста ја остава во недоумица дали раководството на училиштето ги надминало сопствените ингеренции или сѐ е во рамките на предвидените норми и правила.

Никаде во текстовите не може да се прочита дека Училишниот одбор ја донесол оваа одлука (или во најмала мерка поддржал). Зошто е ова важно да се провери? Затоа што пак во истиот Закон за основно образование се дефинирани обврските на ова тело и тоа меѓу другото мора да:

донесува статут на основното училиште, предлага годишна програма за работа и извештај за работа на основното училиште до советот на општината, донесува програма за развој на училиштето, донесува програма за воведување на повисоки стандарди и други програми …

тука некаде може да се сместат и овие обврски да се јакне и развие чувството на патриотизам, како и да се влее чувство на почит кон државните симболи како што може да се прочита на порталот на плус Инфо

Одредбите кои ги предвидува Законот за основно образование треба да ги контролира Министерството за образование преку Државниот просветен инспекторат и овластени инспектори во општините. Никаде во текстовите на Нова,Вечер,Економски лидер или другите медиуми, не може да се прочита каков е ставот на општинскиот просветен инспектор на Општина Аеродром за ова прашање. Односно дали тој е консултиран, се согласил и дал дозвола децата да ја практикуваат оваа училишна активност! Или сѐ се случува без дозвола на надлежниот орган во Министерството.

Уште една дилема има секој читател на овие содржини. Дали со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија е дозволена употребата на овие симболи на државноста во вакви прилики?

 

КОГА СЕ ИНТОНИРА НАЦИОНАЛНАТА ХИМНА?

Само во еден медиум, Плусинфо, е цитиран членот 26 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија, со кој се регулира во кои прилики се изведува државната химна:

химната на Република Македонија може да се изведува на прослави, политички собири, паради и други свечени манифестации со кои официјално се одбележуваат настани од значење за единиците на вооружените сили на Република Македонија и за граѓаните на Република Македонија, при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија официјално учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири, на погреб на заслужни личности кои се граѓани на Република Македонија кога од страна на Република Македонија им се укажува посебна почест и во други случаи, ако нејзината употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон“.

Употребата на химната во конкретниот случај може да се вброи единствено во последниот дел дека нејзината употреба е во „други случаи“, бидејќи почнувањето на работната недела за основците не може да се категоризира во ниту една од законски предвидените можности. На истото место во членовите од 13 до 24 може да се провери и можноста за употреба на знамето на РМ.

Легитимноста за кревањето на знамето и интонирањето на химната медиумите ја поткрепуваат единствено со „позитивните коментари и пофалби од страна на родителите дека децата треба од најмала возраст да ја научат државната химна“.

Индикативна е изјавата на една од советничките во Општинскиот совет која тврди дека е изненадена, бидејќи ваква одлука не е донесена на официјална седница на Советот на Аеродром. Никој од новинарите не упатил прашање до Претседателот на Советот во Општина Аеродром кога е донесена ваквата одлука и од кого?

Единствено на Плусинфо стои информација дека:

Народниот правобранител Иџет Мемети деновиве ќе испита дали интонирањето на химната на Македонија во основните училишта во општина Аеродром е законски и каква корист имаат учениците од тоа.

Не е само Народниот правобранител институцијата која треба да го истражи овој случај. Најголемата надлежност ја има Министерството за образование кое треба да се грижи училиштата да работат во согласност со Уставот, законите и подзаконските акти. Ако е прекршен статутот на училиштата, Министерството има право да го запре извршувањето на актот се до донесување на одлука на Уставниот суд на Република Македонија (Чл 169 од ЗОО).

Улогата на медиумите е да ги потсетуваат институциите на нивните обврски и во овој случај.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција