Меѓу членките на БРИКС и ШОС нема баш почит и рамноправност
Индија вооружено се судира со Пакистан и Кина, меѓу неа и Русија има прикриено ривалство, а Белорусија е де факто претворена во руска губернија и воена база, но една Фејсбук-објава нè убедува дека во БРИКС, ШОС и таквите антизападни сојузи владее почит и рамноправност
Индија вооружено се судира со Пакистан и Кина, меѓу неа и Русија има прикриено ривалство, а Белорусија е де факто претворена во руска губернија и воена база, но една Фејсбук-објава нè убедува дека во БРИКС, ШОС и таквите антизападни сојузи владее почит и рамноправност. Тоа, според објавата, е сосема спротивно од она што се случува на Запад, кај што „Европејците се тресат пред Трамп како послушни ученичиња“, но и тоа е манипулација, која одамна ја имаме побиено
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која, покрај другото, вели:
Горната слика: Кси, Путин, Ким и другите лидери чекорат заедно. Никој не чека знак од Вашингтон. Така изгледа мултиполарниот свет кога функционира: земји што се третираат како партнери, со меѓусебна почит и простор за различни системи. Не мора да станете копија на некој друг за да седнете на масата. Се појавувате како суверена држава и ве примаат како таква.
Долната слика го прикажува другиот модел.
Европски лидери во Овалната соба, собрани околу американскиот претседател. Мелони, фон дер Лајен, Макрон, Зеленски – познатата постава. Седат. Слушаат. Зборуваат за „безбедносни гаранции“. Потоа летаат дома и тоа го претставуваат како средба на рамноправни партнери.
Во објавата се вметнати две фотографии:
- Фотографија од Денот на победата (3.9.2025 г.) во Кина, кога нејзе ѝ гостуваа лидери на држави, кои заедно со неа членуваат во антизападното и авторитарно друштво собрано во ШОС (Шангајската организација за соработка), БРИКС или неформалниот сојуз кој на англиски е нарекуван КРИНК (Кина, Русија, Иран и Северна Кореја);
- Фотографија од посетата на европските лидери на Белата куќа на 18.8.2025 г., на која тие изгледаат како „послушни ученичиња“, на кои претседателот на САД, Доналд Трамп, како да „им диктира“ седнат на своето биро како професор зад катедра.
Објавата ги споредува тие две фотографии, па посочувајќи на пријателската атмосфера на онаа првата заклучува дека во тоа антизападно друштво „царува рамноправност и почит меѓу земјите-членки, кои соработуваат како партнери, но, сепак, се суверени и со право на различно мислење“, а во западниот табор „стопанот е Вашингтон“, додека сите останати се „само вазали“.
Но, објавата е манипулативна, дезинформаторска и пропагандистичка (т.е. проруска), а сето тоа ќе го побиеме преку конкретни примери.
Во БРИКС и ШОС нема баш почит и рамноправност
Белорусија е практично руска губернија
Објавата тенденциозно го премолчува фактот дека среде политичарите претставени на првата фотографија е и Александар Лукашенко (втор од десно), кој е практично диктатор на Белорусија, а таа е сè освен суверена држава и таа е тесно поврзана со Русија, но не како рамноправен партнер.
Лукашенко е вазал на Русија и тој ги репресира стремежите за самостојност на Белорусија, нејзината култура, историја и јазик, кого дури го навредува и речиси никогаш не го говори, туку говори само на руски и пропагира носталгија по СССР. Имало моменти кога Лукашенко пројавувал извесна самостојност во однос на Русија, но тоа било ретко и слабо.
Во Белорусија нема слободни избори, а Русија му помага на Лукашенко да се справи со протестите против него, со што Русија не дозволува промени во таа соседна земја и ѝ се меша во внатрешните работи, па Белорусите мораат да го трпат Лукашенко веќе 32 години.
Неговата земја сега е де факто претворена во руска губернија и една голема руска воена база, во која се поставени дури и нуклеарни ракети. Белорусија беше користена и како отскочна штица за руската агресија врз Украина, со што е соучесник во тоа злосторство.
Белорусија е официјален партнер на БРИКС, кај што Лукашенко има аплицирано за нејзино полноправно членство, кое земјата веќе го има во ШОС. Земајќи го сето тоа предвид, Белорусија спаѓа во тоа антизападно друштво, но во него не може да пројави којзнае каква сувереност.
Индија против Кина и Пакистан
Кина го помага Пакистан во неговите војни против Индијците, а тие обвинуваа дека така било и во последната, во мај 2025 г. Сепак, индискиот лидер Нарендра Моди дојде на самитот на ШОС, одржан во Кина истата година и куртоазно се смешкаше со својот кинески колега Си Џинпинг, а тука беше и Шехбаз Шариф, премиерот на Пакистан, кој е член на ШОС и апликант за БРИКС.
Си на Моди тогаш му рече дека Индија и Кина не се ривали, туку партнери, но ова беше прва посета на Моди на Кина по дури 7 години, затоа што тие имаат територијални и други спорови.
Во 1950-тите, двете земји граделе добрососедство, под паролата „Хинди-Чини бхаи бхаи“ (што на јазикот хинди значи дека Индијците и Кинезите се браќа), но работата на крај излегла „бај-бај“ – како што на англиски се вели на разделба. Во 1962 г. меѓу нив избувнала војна, а Кинезите го зазеле спорниот регион Аксаи Чин, голем колку Швајцарија, но Индија не го признава за кинески.
Граничните инциденти продолжиле, а ги имаше и неодамна. Друг спорен регион е Аруначал Прадеш, кого го држи Индија, но на мапите во Кина тој е прикажан како нејзин, како Јужен Тибет. Посеверно од него била државата на Тибетанците, но Кина ги нападнала и анектирала (1950 – 1951), па тие кренале неуспешно востание (1959), по кое нивниот водач Далај Лама побегнал во Индија и таму делува тибетска влада во егзил, што ги револтира Кинезите.
Од 2020 до 2025 г. Кина и Индија водеа и визна „војна“, си блокираа инвестиции и сајтови итн.
Ривалството и неидеалната соработка меѓу Русија и Кина
Во кинеско-индиската војна од 1962 г., Русите (т.е. СССР) ја помагале Индија. Иако и Русите и Кинезите граделе социјализам, тие имале разидувања, а и граничен спор останат од царските времиња. Русите тогаш им одземале територии на Кинезите (во Опиумската и Боксерската војна), па тие се чувствувале онеправдано. Сето тоа довело до воен судир во 1969 г.
Учебниците во Кина сега прикажуваат мапи од времето на нејзините царски династии, кога делови од она што е денес Русија биле под нивна власт, со што, според некои, се пропагира иредентизам. Кинеските компании ги земаат тие територии под повеќедецениски наем и ги експлоатираат на штета на екологијата, што многу Руси го доживуваат како колонизација, а Русија и Кина, според нив, не се рамноправни партнери, туку доминира Кина.
При демаркацијата на границата во 2004 г., Русија ѝ подари на Кина 337 км², a во 2015 г. уште 4,7 км², што, исто така, ги огорчи граѓаните на Русија. Во договор со неа, Кинезите го користат пристаништето во Владивосток за својата внатрешна трговија, како градот да е нивен, а тие секако го гледаат така и го нарекуваат Хајшењвеј – како што тој се нарекувал до 1860 г., кога бил нивен.
Кина не зазема јасен став за војната во Украина, па час изразува почит за нејзиниот суверенитет, час разбирање за Русија, а час неутралност и често не гласа во ООН во полза на Русија, туку воздржано. И, Кина не ја признава руската анексија на Крим од 2014 г. и четирите украински области од 2022 г. Иако Кина изјавува дека соработката со Русија ѝ е „без лимити“, тоа не е така.
Русија им служи на Кинезите само како извор за евтини суровини за производство на разни стоки и како пазар за истите. Кинезите главно ѝ ги продаваат, а не ѝ ги даваат како помош за таа да опстои во војната и под западните санкции, па алтруизам тука нема.
И, среде тие стоки не е толку застапено оружјето, туку тие се главно за двојна намена – и мирнодопска и воена (возила, електроника и сл.), што значи дека Кинезите се пазат од преголема блискост со Русија и од западни санкции, па соработката не им е баш идеална.
Европејците како „послушни ученичиња“ пред Трамп
Фотографијата, на која европските лидери изгледаат како „послушни ученичиња“ пред „катедрата“ на Трамп во Овалната соба на Белата куќа е селективен и тенденциозен приказ на таа средба, која се случи на 18.8.2025 г. Ние тоа детално го објаснивме во напис од 25.8.2025 г.
Од тој состанок има и други слики, а и клипови и транскрипти, кои докажуваат дека таа сцена е само дел од состанокот, кој се одржал низ повеќе делови на Белата куќа, а не само во Овалната соба. Притоа, Трамп ги третирал гостите со почит и во даден момент седнал со нив на иста маса како со рамноправни партнери. Тој ги поздравил и ги опсипал со суперлативи, по што ги сослушал.
Меѓу Трамп и европските политичари има разлики околу иднината на НАТО, војната во Иран, мировните преговори за Украина, како и за Гренланд и други прашања. Навистина, Европејците гледаат што потактично и што подипломатски да ги изменаџираат тие несогласувања со Трамп, но не значи дека се негови послушници и извршители на неговите наредби.
Русија сака да ја клекне Европа на колена
Објавата го вели и следново:
Русија не бара од Европа да клекне на колена
Русија и тоа како сака да ја клекне на колена најголемата земја во Европа – Украина, а тоа сака да им го стори и на останатите земји на континентот: со мешање во нивните избори, со хибридна војна, со сеење дезинформации, закани, тероризам итн.
Русија поддржува радикални евроскептични политичари со цел да ја поткопа ЕУ, подметнува експлозии во фабрики за оружје низ Унијата, го нарушува нејзиниот воздушен простор со дронови (примери: тука и тука), се сомничи за терористички напад на аеродромот во Лајпциг и застрелува одбегнати руски дисиденти низ Европа или ги труе. Неодамна, Русија погоди воз во Украина кај границата со Полска, токму кога таму минувал британскиот политичар Борис Џонсон.
Претседателот на руската Дума (собрание), Вјачеслав Володин, заканувачки изјави дека руската ракета Сармат може да долета до Стразбур, кај што заседава Европскиот парламент, за 3 минути и 20 секунди, а пратеникот и генералот Андреј Гуруљов изјави дека би ја гаѓал Холандија. Закани упатуваше и познатиот пропагандист Владимир Соловјов, кој порано доста престојувал во Италија, каде што поседува вила на езерото Комо, која сега му е „замрзната“ со санкциите.
Да потсетиме и на заканата од 2018 г. од рускиот амбасадор во земјава, Олег Шчербак, според кого ние би можеле да бидеме легитимна мета на руски напад ако влеземе во НАТО-пактот и ако тој се судри со Русија. Така се закани и Виктор Татаринцев за влезот во НАТО на Шведска, кај што тој беше амбасадор.
Што е сево ова ако не обид на Русија да ја заплаши и поткопа Европа, т.е. да ја клекне на колена?
Мал исклучок
Индија, Бразил и Јужна Африка не се дотолку антизападни или авторитарни како остатокот од БРИКС или ШОС, па објавата е малку во право кога вели дека во тоа друштво има простор за различни мислења. Но, Индија, Бразил и Ј. Африка се повеќе исклучок отколку правило во тоа друштво и тие понекогаш се дистанцираат од него, па на првата фотографија во објавата дури нема претставници на тие земји.
Тие земји се подемократични и поотворени во однос на остатокот од тоа друштво, но, сепак, дури ни тие не се имуни на авторитарност, антизападни сентименти и слични појави.
Индија членува и во БРИКС и во ШОС, а Бразил и Ј. Африка само во БРИКС, што значи дека некои земји само донекаде навлегуваат во тоа друштво.
Но, како и да е, ова е некаков доказ дека, сепак, во тоа друштво може да мине и малку поинакво мислење.
Заклучок
Објавата е во најголем процент дезинформаторска, пропагандистичка и манипулативна, но со еден мал исклучок, па нам не ни останува ништо друго освен да ја оцениме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар