Механизмите за раскинување или модифицирање на Преспанскиот и на Договорот со Бугарија се малубројни, а последиците огромни

Од потпишувањето на Преспанскиот договор. Фото: Влада.гов.мк/архива

Секоја модификација или раскинување и на двата договори, особено на Преспанскиот е исклучително сложен процес со исклучително многу опасности за меѓународната позиција на С. Македонија. Едните се меѓународно пошироки – Совет за безбедност на ООН, ставови на големите сили, итн., а другите се однесуваат на билатералните односи со Бугарија, односите во регионот и односите на земјава со Европската унија

Секоја модификација или раскинување и на двата договори, особено на Преспанскиот, е исклучително сложен процес со исклучително многу опасности за меѓународната позиција на С. Македонија. Едните се меѓународно пошироки – Совет за безбедност на ООН, ставови на големите сили, итн., а другите се однесуваат на билатералните односи со Бугарија, односите во регионот и односите на земјава со Европската унија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Откако во неодамнешно интервју за локален медиум професорот Жидас Даскаловски искажа, во суштина, ограничена можност за раскинување или модифицирање на два клучни договори за С. Македонија – Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кратка анализа на договорите фрла уште повеќе светло околу реализација на таа можност, а тоа е потребно и со оглед на статусот на Даскаловски како советник на претседателката на РСМ Гордана Сиљановска Давкова, па се можни шпекулации и дезинформации на таа тема.

Иако во самото интервју за МКД.мк професорот тврди дека има многу механизми за раскинување на Преспанскиот договор, де факто, прифатливите механизми се малку и се прецизно набележани во самиот договор. Всушност духот на текстот на целата спогодба упатува на нераскинување и тоа може да се види од неколку реченици во преамбулата, во членот 1 и најпрецизно во членот 19 од Преспанскиот договор.

Самото име на договорот, кое, исто така, многу кажува за механизмите за раскинување или модифицирање е КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ. Оттука може да се препознае дека спогодбата е конечна, со што се заменува привремената од 1995, дека оваа конечна спогодба е предмет за кој се одговорни и Обединетите нации, значи не е по својата природа само билатерален, туку и меѓународен договор, а со самото тоа станува јасно дека има и повисока тежина од билатералниот меѓу Скопје и Софија.

Натаму, во Преамбулата на договорот се наведува Решавајќи ги разликите во согласност со Резолуцијата 817 (1993) од 7 април 1993 г. и Резолуцијата 845(1993) од 18 јуни 1993 г., на Советот за безбедност, како и член 5 од Привремената спогодба од 13 септември 1995 г. на достоинствен и одржлив начин, имајќи ги предвид важноста на прашањето и чувствителностите на секоја Страна“... Ова значи дека и Скопје и Атина се договориле со посредство на Обединетите нации да ги решат разликите, односно со други зборови, да се реши наметнатото прашање пред се за името на државата Македонија, а според член 1 официјалното име кое ќе го употребуваме е Република Северна Македонија. Во член 1 пак, став 1 гласи Оваа Спогодба е конечна и со нејзиното влегување во сила престанува да важи Привремената спогодба меѓу Страните, потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 г.“, а став 2 дека „Страните го прифаќаат како обврзувачки исходот од преговорите, коишто се одвиваа под покровителство на Обединетите нации…“

Но, како што е нагласено и на почетокот, околу механизмите за раскинување или модифицирање на Конечната спогодба со Грција, најважен е член 19 од документот. Во него се наведува:

  1. Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации.

  2. Во случај една од Страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку Страните не можат прашањето да го решат билатерално, Страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето.

  3. Секој спор што ќе се јави меѓу Страните во однос на толкувањето или спроведувањето на оваа спогодба и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во член 19, став (2), може да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата. Страните прво треба да настојуваат да постигнат согласност со цел заеднички да поведат таков спор пред наведениот суд. Сепак, доколку не се постигне таква согласност во рок од шест месеци, или за подолг период за кој заемно ќе се согласат двете Страни, тогаш таквиот спор пред истиот суд може да го поведе секоја Страна поединечно.

Од овој член 19 може да се види дека доколку се донесе одлука за модифицирање или раскинување на договорот, најпрво треба да се извести Грција и да се настојува проблемот да се реши билатерално. Втората адреса е да се побараат добрите услуги на генералниот секретар на Обединетите нации, а дури потоа може да се пристапи пред Меѓународниот суд на правдата и тоа најпрво преку обид за согласност со Грција, а потоа ако не се успее, можеме и самостојно. Но, можеби најважно е тоа што овој член 19 е дизајниран за решавање на спорови произлезени од самата Конечна спогодба, што значи теоретски остава некоја можност за модифицирање, но не и за нејзино раскинување.

Зборовите изменување (модификација) или раскинување не се споменуваат никаде во целата Спогодба

 

Договорот со Бугарија е „полесен“ за раскинување

За разлика од Конечната спогодба со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија е условно речено „полесен“ за раскинување или модифицирање.

Во член 13 од билатералниот Договор се наведени и условите за модификација и за раскинување:

Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни. Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член (став 1 значи дека и измените се подложни на ратификација во собранијата на двете земји).

Можноста за раскинување е наведено во став 3 од членот 13:

Секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување.

* * *

Ако може да се изведат заклучоци тие би биле следните:

Во текстот на Преспанскиот договор, кој што е меѓународен договор во смисла дека е дел од механизмите на Обединетите нации, не е наведено негово раскинување, туку можност само за решавање на спорови, покренати било од Скопје, било од Атина. Модификација во смисла на членот кој наведува каде и како ќе се употребува името Македонија е само теоретски можна бидејќи подразбира нов процес на преговори, исто така со посредство на ОН.

Договорот со Бугарија како билатерален ја предвидува можноста и од модификација и од раскинување. Раскинувањето може да биде и еднострано.

Секоја модификација или раскинување и на двата договори, особено на Преспанскиот е исклучително сложен процес со исклучително многу опасности за меѓународната позиција на С. Македонија. Едните се меѓународно пошироки – Совет за безбедност на ООН, ставови на големите сили, итн., а другите се однесуваат на билатералните односи со Бугарија, односите во регионот и односите на земјава со Европската унија.

Ова очигледно му е добро познато и на професорот, па тој, иако вели дека механизми имало многу, де факто порачува да не се чепкаат договорите во смисла на раскинување. Зашто, најпрво укажува на потребата „план и моќ (на владата – н.з.) тоа да го стори“, а потоа ја дава и следната констатација: „Механизми има многу, но треба да се предвиди наредниот чекор. Која ќе биде американската, руската, кинеската, ЕУ реакција? Што со Грција, што ќе стори Атина? Во ова бурно време, што ако ја затворат границата? Изградивме пруга до Драч? Имаме железница до Бугарија? Ако не излеземе на трите мориња плус Медитеранот, четири, ако немаме свои ресурси во земјоделство, храна, ако немаме сигурни достави на енергенси, ние ќе колабираме под грчко ембарго“.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција