Мемов против Мемов – ВРЕДИ испорачал или не испорачал?

Во две објави на 03 и 04. 11. 2025 гласноговорникот на движењето ЗНАМ го сврте ставот за 360 степени, што е целосна недоследност, дури и со појаснување отпосле дека првичниот став бил негов личен став

Во две објави на 03 и 04. 11. 2025 гласноговорникот на движењето ЗНАМ го сврте ставот за 360 степени, што е целосна недоследност, дури и со појаснување отпосле дека првичниот став бил негов личен став

 

Портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов во објава на својот Фејсбук профил изрази став што може да се оцени како недоследен:

…Победата на овие локални избори што ја остварија ВМРО – ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ е резултат на нашата взаемна поддршка во сите општини во Македонија, што е потврда на имплементацијата на конзистентните политики на владата во изминатиот период.

По локалните избори владините партнери треба да продолжат во ист правец, затоа што зацртаните политички цели за овие избори се остварени“.

[Извор: Никола Мемов – Објава на ФБ – датум: 04.11.2025]

 

Образложение:

Гласноговорникот на движењето ЗНАМ, Никола Мемов во објава на својот ФБ профил тврди дека победата на локалните избори остварена од коалициските партнери во Владата ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ се должела на взаемна поддршка и конзистентни политики – став што е недоследен.

Недоследноста е во фактот што овој став во објавата на Мемов е во целосна спротивност со неговиот став исто така презентиран во објава на Фејсбук, само еден ден претходно, дека еден од коалициските партнери, ВРЕДИ, не испорачал поддршка во вториот круг од локалните избори и покрај тоа што другите коалициски партнери биле дисциплинирани и изразиле поддршка во првиот круг за кандидатите на ВРЕДИ:

Вреди го изигра ВМРО ДПМНЕ во Скопје и не гласаа за Орце.Ептен голема грешка…

ВМРО го знае тоа и премиерот јавно им кажа, ние чесно ве подржавме, плативме огромна цена за таа поддршка и за возврат не побаравме ништо.

Само почит.

Таа почит не ја добивме.

И тоа не го забораваме !

 

Оваа објава на Мемов е на 03.11.2025, а ставот е сосема јасен. Овој јасен став во објавата ден потоа е целосно изменет и е со генерална оценка дека „победата… е резултат на нашата взаемна поддршка во сите општини во Македонија, што е потврда на имплементацијата на конзистентните политики на владата во изминатиот период“.

Иако Мемов во објавата од 04.11. тврди дека претходната објава е „негов личен став и не изразува став на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија“, сепак тврдењето во новиот став и воопшто ваквото дијаметрално менување на ставовите е недоследност. Мемов се занимава со политика, благодарејќи на таа политичка определба е и директор на Фондот за пензиско и социјално осигурување на РСМ и треба да е доволно опитен да знае дека секој став изразен во јавноста може да се смета и како став на неговата политичка опција и тоа требало да го нагласи.

Треба да се напомене и дека ретерирањето на Мемов доаѓа по коментарот од ВРЕДИ преку портпаролот Дритон Сулејмани кој оцени дека изјавата на Мемов е „уште еден обид да се привлече медиумско внимание два дена после изборите“.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција