Меркел не изјави дека Германија целосно се затвора
Објава на Фејсбук шири неточна информација дека германската канцеларка Ангела Меркел изјавила оти целосно ќе ја затвори земјата. Германските власти воведоа строги рестриктивни мерки со кои се ограничуваат конатктите меѓу луѓето, за да се намали некако енормното зголемување на бројот на заболени со Ковид-19, но не и целосно затворање на земјата
Објава на Фејсбук шири неточна информација дека германската канцеларка Ангела Меркел изјавила оти целосно ќе ја затвори земјата. Германските власти воведоа строги рестриктивни мерки со кои се ограничуваат конатктите меѓу луѓето, за да се намали некако енормното зголемување на бројот на заболени со Ковид-19, но не и целосно затворање на земјата
Преку пост на социјалната мрежа Фејсбук се дезинформира јавноста дека Германија комплетно се затвора од наредната недела, поточно веќе од понеделник, 2 ноември. Во самата објава е линкуван напис со наслов: „МЕРКЕЛ: Од понеделник целосно се затвора Германија“, при што ваквото тврдење е неточно. Фактички, тоа претставува погрешна интерпретација на рестриктивните мерки кои ги воведе Германија за да го прекине експонецијалниот раст на бројот на заболени од коронавирусот.
За што, всушност, се работи?
Како што пренесе „Дојче Веле“, поради напливот на новозаразени со коронавирус, германските власти се согласиле од понеделник да воведат едномесечни ограничувања на јавниот живот, кои вклучуваат затворање на рестораните, театрите и вежбалните.
Ќе бидат ограничени приватните собири на 10 лица од најмногу две домаќинства, а професионалните спортски настани ќе се одржуваат зад затворени врати. На граѓаните им се препорачува да не патуваат од приватни или причини кои не се неопходни, а престојот во хотелите ќе биде дозволен само за неопходни бизнис патувања. Но, училиштата и градинките ќе останат отворени, како и продавниците, со строго почитување на мерките за социјална дистанца и хигиена.
Што значи дека Германија не се затвора целосно, како што тврди текстот (насловот) и тоа повикувајќи се на изјава од германската канцеларка Ангела Меркел (!), туку се ограничуваат конатктите меѓу луѓето, за да се намали некако енормното зголемување на бројот на заболени (само во последните 24 часа таму се регистрирани речиси 19.000 новозаразени).
Самиот напис, пак, е конфузен. Извлечен е наслов со цитат од Меркел, иако таа нема изјавено такво нешто. Интересно е што и внатре во текстот нема изјава од Меркел, а ставена е во насловната конструкција?!
Текстот фактички се повикува на германскиот весник „Билд“ (без да наведе линк) и прво вели дека „ексклузивно открива како премиерите на сојузните држави се договориле со Меркел, така што земјата ќе влезе во карантин во понеделник“. За веднаш потоа да каже: „Билд“ додава дека канцеларката и премиерите се договориле за нови мерки, но тие сè уште немаат никакви информации . И, како сега, од една страна екслузивно соопштува дека „земјата ќе влезе во карантин“, а од друга вели дека „сè уште немаат никакви информации“ (!) Што делува збунувачки – имааат или немаат „екслузивни информации“, на кои, нели, се потпира овој текст и уште па во насловот ја цитира Меркел?!
Настрана фактот што зборот „карантин“ не може да се употреби во ваква смисла ниту во македонскиот, ниту во други јазици, како на пример англискиот. Тој е јасно дефиниран како „изолација на болни (луѓе, добиток, растенија) од заразни болести заради заштита и спречување на ширење на епидемија“ Значи, карантинот се однесува на заболените и на оние за кои постои сомневање дека се заболени, а не на цели држави. Затоа, во англискиот јазик, на пример, воведувањето полициски час или, пак, воведувањето разни ограничувања или забрани за изглегување од домот се означуваат со зборот „lockdown“, што, пак, значи „состојба на изолација или ограничен пристап воведен како безбедносна мерка“ и која има поширок опфат од карантинот, но ни ваква мерка сега не се воведува во Германија (како ни кај нас).
За волја на вистината, тој ден (28.10.2020) ова не беше единствен текст што погрешно ја информираше јавноста за новите рестриктивни мерки во Германија. Со такви и слични наслови излегоа повеќе медиуми:
- Меркел целосно ја затвора Германија од понеделник – „Фактор“
- Aнгела затвора се’: Германија оди во карантин од понеделник –„ММС.мк“
- Германија од понеделник во карантин – Нетпрес
- Меркел пресече – Германија оди во карантин – Локално
- Меркел затвара се: Германија оди во целосен карантин – „Република“
- МЕРКЕЛ ПРЕСЕКЛА: Германија оди во КАРАНТИН! -„Екран.мк“
- Меркел пресече – Германија оди во карантин – „Стандард“
- Германија оди под целосен карантин: Ангела Меркел презема ригорозни мерки – „Скопје 24“
Некои има коректни написи во содржинскиот дел, ама избраа погрешни наслови и поднаслови:
- Германија оди во едномесечен карантин – „24.мк“
- Германија оди во едномесечен карантин – „А1 ОН“
- Германија оди во едномесечен карантин –„Инфо.мк“
- Германија оди во карантин цел месец – „Плусинфо“
- Германија оди во едномесечен карантин – „Инфомакс“
- ВИДЕО: Меркел ја затвора Германија, карантин од 2 ноември – „Слободен печат“
- Меркел во обраќање до нацијата го најави четиринеделниот карантин (ВИДЕО) – „Канал 5“
- Меркел пресече – Германија оди во карантин (ВИДЕО) – „МКД“
Според тоа што беше соопштено и како што може да се види од обраќањето на канцеларката Меркел по состанокот со премиерите на покраините, во Германија се водедени строги рестриктивни мерки, но не карантин во смисла на целосно затворање на земјата, како што дезинформира објавата што ја рецензираме.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар