Месечината не е плазма и дезинформација е дека на неа не може да се стапне
Што се однесува до тврдењето во објавата дека на Месечината не може да се стапне, фактите говорат нешто друго. Во 1969 година НАСА стигна до Месечината. Мисијата се викаше „Аполо 11“ и нејзината главна цел беше да комплетира национална цел, поставена на 25 мај 1961 година од тогашниот претседател на САД Џон Ф. Кенеди, односно да изведе слетување на Месечината и да се врати на Земјата.
Објавата која ја анализираме, споделува видео од интервју на австралиска телевизија од 1965 година со непознат човек кој себеси се претставува како научник и кој теоретизира дека Месечината е направена од плазма и оти слетувањето на неа би било невозможно. Неговите тврдења се спротивни на реалноста. Четири години по неговата изјава и теорија, во 1969 година човекот стапна на Месечината
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Месечината е плазма и дека на неа не можело да се слета.
СПОРЕД ТЕОРИЈАТА НА АВСТРАЛИСКИОТ НАУЧНИК – ПРОФЕСОРОТ ФОСТЕР, НА МЕСЕЧИНАТА НЕ МОЖЕ ДА СЕ СЛЕТА, ЗАТОА ШТО ТАА Е КОЗМИЧКА ПЛАЗМА… !!!, стои во објавата.
Објавата споделува видео од извадок од архивско интервју со човек кој тврди дека Месечината е направена од плазма и дека обидите за слетување на Месечината би пропаднале поради таа причина. Идентитетот на човекот останува непознат, иако објавата посочува дека е австралиски научник, а тој не нуди докази за поддршка на неговата теорија во интервјуто – кое датира од 1965 година, четири години пред првото слетување на Месечината со екипаж.
Како што пишува Ројтерс, станува збор за интервју снимено од Австралиската радиодифузна корпорација (Еј-би-си) со маж идентификуван како „Проф. Р. Фостер“.
Еј-би-си го објавиле целокупното интервју на својата Фејсбук страница во април 2019 година и на својот канал на Јутјуб во мај 2019 година.
Веројатно сте слушнале за теоријата на рамна Земја, но што е со теоријата дека месечината е плазма? 🤔🌒 Во 1965 година, еден професор од Тасманија инсистираше на тоа дека Месечината е направена од плазма и дека слетувањето на неа „никогаш нема да се случи“, пишува Еј-би-си во објавата од видеото на Фејсбук.
Во клипот, Фостер ја опишува својата теорија и вели дека „месечината не е парче карпа, туку таа е плазма, плазма феномен, космичка плазма“.
Кога известувачот на Еј-би-си, Боб Сандерс, вели дека Русите и Американците размислуваат да пратат луѓе да слетаат на Месечината, Фостер одговара:
„О, тоа никогаш нема да се случи. Не на месечината. На Марс, на Венера и други планети, да. Но, Месечината е дефинитивно, како што тврдам, плазма“.
Извештајот на Еј-би-си не ги споменува научните трудови на Фостер, а описот на видеото на Јутјуб објаснува дека мрежата „не можела да го потврди идентитетот на г-дин Фостер“ или „да најде каква било документација за неговата работа“, наведува Ројтерс.
Како што е објавено на официјалната веб страница на НАСА, во делот за структурата на Месечината, таа има јадро, обвивка и кора и во никој случај не е плазма, како што тврди објавата која ја анализираме.
Јадрото на Месечината е пропорционално помало од јадрата на другите планети. Цврстото внатрешно јадро богато со железо е 149 милји (240 километри) во радиус. Опкружен е со течна железна школка со дебелина од 56 милји (90 километри). Делумно стопен слој со дебелина од 93 милји (150 километри) го опкружува железното јадро.
Обвивката се протега од врвот на делумно стопениот слој до дното на кората на Месечината. Најверојатно е направен од минерали како оливин и пироксен, кои се составени од атоми на магнезиум, железо, силициум и кислород.
Кората има дебелина од околу 43 милји (70 километри) на блиската хемисфера на Месечината и 93 милји (150 километри) на далечната страна. Направено е од кислород, силициум, магнезиум, железо, калциум и алуминиум, со мали количини на титаниум, ураниум, ториум, калиум и водород.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека на Месечината не може да се стапне, фактите говорат нешто друго. Во 1969 година НАСА стигна до Месечината. Мисијата се викаше „Аполо 11“ и нејзината главна цел беше да комплетира национална цел, поставена на 25 мај 1961 година од тогашниот претседател на САД Џон Ф. Кенеди, односно да изведе слетување на Месечината и да се врати на Земјата. Иако претседателот Кенеди не доживеа да го види историскиот настан, нацијата ја исполни својата цел во јули 1969 година кога Аполо 11 ги спушти првите луѓе на Месечината и безбедно ги врати на Земјата.
„Аполо 11“, на 16 јули 1969 година, тргна од Кејп Кенеди предводена од командантот Нил Армстронг, пилотот на командниот модул Мајкл Колинс и пилотот на лунарниот модул Едвин Олдрин. Околу 650 милиони луѓе го гледаа Армстронг на телевизија како го опишува настанот како „мал чекор за човекот, а голем чекор за човештвото на 20 јули 1969“. Кога ракетата била испратена во вселената, тоа станало светски настан. Ричард Никсон, кој тогаш беше претседател, го гледал настанот од Белата куќа додека ракетата се кревала.
Армстронг и Олдрин поминаа 21 час и 36 минути на површината на месечината.
Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме, споделува видео од австралиско телевизиско интервју од 1965 година со непознат човек кој себеси се претставува како научник и кој теоретизира дека Месечината е направена од плазма и дека слетувањето на неа би било невозможно. Неговите тврдења се спротивни на реалноста. Четири години по неговата изјава и теорија, во 1969 година човекот стапна на Месечината. Поради тоа оценуваме дека објавата е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар