Мета факт: Не е вистина дека регионалната депонија во Свети Николе ќе биде ѓубриште

Во близина на локацијата на која треба да се гради регионалната депонија сега има нестандардна дива депонија | Фото: Мета.мк

Регионалната депонија ќе има системи за собирање и за примарна селекција на отпад, транспорт, претоварни станици, секунардна селекција на отпадот и создавање суровини кон рециклатори, извлекување материјали и депонирање на отпадот кој не е можно да се врати во стопанските текови како суровина

 

Пратеникот од Левица Борислав Крмов, во свое излагање на говорницата во Собранието изјави дека првата регионална депонија за третман на отпад по европски стандарди, што треба да се гради во Свети Николе, всушност ќе биде регионално ѓубриште. Крмов, во својот говор, посветен на решавање на проблемот со депонијата и амбиенталниот воздух во Кочани, тврди дека процесот на затворање на локалните депонии и ѓубришта во општините Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница, е причина за зголемување на количините на отпадот на кочанската депонија, која всушност нема капацитет за тоа.

Вистината е дека затворањето на депониите и ѓубриштата во општините во Североисточниот и Источниот регион, е всушност предуслов за изградбата на депонијата во Мечкуевци, која ќе треба да го прими и преработи целиот отпад од двата региони, од кој само мал дел ќе се депонира на класичниот начин.

„Проблемот со кочанската депонија нема да се реши ако владата го префрли ѓубрето во Свети Николе. Коренот на проблемот е регионалната фабрика за преработка на отпад којашто треба да се гради во светиниколско. Проект од 2016, каде треба да затвориме 18 општински депонии заедно со сите диви депонии (коишто се илјадници). Вие не градите во ова ситуација Регионална фабрика за отпад, вие градите ѓубриште – регионално ѓубриште! Со овие капацитети, хаваријата од Кочани, ќе ја пренесеме во Свети Николе. Значи, треба да се поништи целиот проект за регионална депонија во Свети Николе и да се почне од почеток,” вели Крмов.

За разлика од тврдењата на пратеникот на Левица, во Студијата за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) е предвидено регионалната депонија да работи според стандардите по кои работат сите модерни постројки во Европската Унија. Регионалната депонија ќе има системи за собирање и за примарна селекција на отпад, транспорт, претоварни станици, секунардна селекција на отпадот и создавање суровини кон рециклатори, извлекување материјали и депонирање на отпадот кој не е можно да се врати во стопанските текови како суровина.

Системот ќе се состои од шест локални постројки за управување со отпад во Берово, Македонска Каменица, Виница, Штип, Ранковце и Куманово и една централна постројка во Свети Николе. На локалните постројки ќе има претоварни станици, како и мали постројки за компостирање, во кои одделно ќе се собира градинарскиот отпад. Градинарскиот отпад ќе се пренесува во постројките со посебни возила, ќе се дроби и ќе се третира од осум до 20 недели пред да се добие финален производ што ќе се пакува во вреќи.

На локалните постројки ќе има и собирно место за мешан и посебен отпад од граѓаните како градежен отпад и шут, кабаст отпад како душеци, мебел, теписи и слично, метални предмети, старо железо, радијатори итн., комунален опасен отпад како бои, лекови, средства за чистење, итн и електричен и електронски отпад.

Како што информираат од Министерството за животна средина, на главната локација во Свети Николе ќе има постројка за третман на отпад кој ќе вклучува механички пред-третман, сечкање, преработка на обоени метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење со капацитет од 75,100 тони годишно, постројка за рециклирање и постројка за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад со вкупен капацитет од 25,600 тони годишно, мала постројка за компостирање со капацитет од 630 тони и новата регионална санитарна депонија со вкупен капацитет од 646,000 кубни метри или со годишен капацитет од 47,100 тони отпад. Депонијата ќе биде опремена и со систем за собирање на гас проектиран согласно македонските и ЕУ стандардите.

Од тука, можеме да заклучиме дека тврдењата на Крмов се невистинити.

Извори:

Студија за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) на Министерството за животна средина (Проверено на 16.12.2024 г.)

Основно еколошко истражување за оценка на влијанието врз животната средина предизвикано од изградбата на централната постројка за управување со отпад Мечкуевци – Арбашанци (Свети Николе) (Проверено на 16.12.2024 г.)

Одговор на поставени прашања од Министерство за животна средина добиени во мај 2024 година. (Проверено на 16.12.2024 г.)

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција