Мета факт: Втората половина од 2023 пристигна, ни трага ни глас од бесплатен јавен превоз во Скопје

Скопската градоначалничка Данела Арсовска на 18 октомври 2022 година даде изјава за медиумите, во која вети дека граѓаните на Скопје ќе имаат бесплатен јавен превоз во втората половина на 2023 година

Втората половина од 2023 година пристигна, а нема ниту трага ниту глас од изјавите на скопската градоначалничка Данела Арсовска дека токму во овој временски период граѓаните на Скопје ќе имаат бесплатен јавен превоз. Оваа изјава на градоначалничката е невистинита. Скопската градоначалничка Данела Арсовска ветувањето за бесплатниот јавен превоз го вметна како еден од клучните проекти во предизборната „Програма за модерно Скопје“, со која победи на локалните избори во 2021 година. Ова предизборно ветување досега е неисполнето.

„Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Предвидуваме ЦЕЛОСНО БЕСПЛАТЕН квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор“, наведено е на страница 8 од предизборната програма на градоначалничката Данела Арсовска.

Вистиномер.мк уште на 26 септември 2022 година во свој текст како неисполнето го оцени предизборното ветување на Арсовска за воведување на бесплатен јавен превоз во Скопје.

Речиси три недели подоцна, скопската градоначалничка Данела Арсовска на 18 октомври 2022 година даде изјава за медиумите, во која вети дека граѓаните на Скопје ќе имаат бесплатен јавен превоз во втората половина на 2023 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Арсовска тогаш посочи дека бесплатниот јавен превоз ќе се исполни онака како што било наведено во нејзината програма.

Сепак, како што рече, сите институции треба да си ги почитуваат обврските и да ги исплатат своите долгови.

„Проблемот во оваа држава е кај сите оние кои не си ги почитуваат обврските. Со опструирање на сите институции, кои што 30 години ја „изедоа“ оваа држава, ние не можеме да градиме ниту поквалитетен град, ниту поквалитетна држава. Секој треба има обврска за одговорност, а тоа значи доколку некој должи над два милиони евра не треба да прашува како ќе има бесплатен јавен превоз, туку треба да си ги плати своите обврски. Истото се однесува и за централната и за оние единици на локалната власт кои не си ги подмируваат своите обврски“, рече Арсовска.

Оваа изјава на градоначалничката Данела Арсовска ја пренесе телевизијата „Телма“, како и националната новинска агенција МИА на 18 октомври лани.

Мета.мк до Град Скопје испрати барање по електронска пошта на 9 и 15 мај и побара одговори на прашањата за тоа до каде е постапката за воведување на бесплатен јавен превоз во Скопје, дали ќе се испочитува зададениот рок од второто полугодие на 2023 година за воведување на бесплатен јавен превоз и дали ги има Градот Скопје обезбедено средствата неопходни за реализација на ова ветување. Прашавме и доколку се пролонгира зададениот рок, кој е новиот датум од кога граѓаните би можело да го очекуваат исполнувањето на овој проект. Не добивме одговор на поставените прашања од Град Скопје.

Врз основа на погоре наведените аргументи, можеме да оцениме дека изјавата на скопската градоначалничка Данела Арсовска од октомври 2022 година за воведувањето на бесплатен јавен превоз во втората половина од 2023 година е невистинита, додека ова предизборно ветување од „Програма за модерно Скопје“ е неисполнето досега.

 

ИЗВОРИ

Програма за модерно Скопје, проверено на 17.5.2023 година;

Вистиномер.мк (26.9.2022 година): Нема бесплатен јавен превоз за сите граѓани, проверено на 17.5.2023 година;

Телма (18.10.2022 година): Арсовска: Бесплатен јавен превоз од втората половина на 2023 година, проверено на 17.5.2023 година;

МИА (18.10.2022 година): Арсовска: Во втората половина на 2023 година ќе има бесплатен јавен превоз, проверено на 17.5.2023 година.

(Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција