Метаморфозис го објави конкурсот за годишната награда „Илија Жупаноски“

Паричната награда за првата категорија изнесува 2.000 евра во денарска противвредност, а за втората категорија е предвидена награда од 1.000 евра

 

Фондацијата Метаморфозис по третпат го распишува конкурсот за доделување на годишната награда „Илија Жупаноски“, наменета за новинари, граѓански организации и поединци кои активно придонесуваат во борбата против дезинформациите во земјата.

Конкурсот предвидува доделување на две награди во различни категории. Првата категорија е за „Најдобар новинарски, односно стручен труд“, каде може да се пријават истражувачки стории, анализи, проверки на факти и други стручни содржини поврзани со дезинформациите. Втората категорија се однесува на „Едукативна мултимедијална содржина“, наменета за млади на возраст од 18 до 28 години, со фокус на креативно и иновативно користење на дигитални алатки за јакнење на отпорноста кон дезинформации.

Право на учество имаат автори кои своите материјали ги објавиле во периодот од 1 ноември 2025 до 1 октомври 2026 година, во печатени медиуми, на телевизија или на интернет портали. Дополнително, дозволено е пријавување и на серии поврзани содржини што обработуваат една тема.

Пријавените трудови ќе ги оценува комисија составена од релевантни претставници од медиумската и јавната сфера.

При изборот, предност ќе имаат материјали кои обработуваат дезинформации со висок потенцијал за штета, теми од широк јавен интерес, како и трудови што нудат нови сознанија и решенија за справување со проблемот.

Рокот за пријавување е до 1 октомври 2026 година, а апликациите се доставуваат по електронски пат. Заинтересираните кандидати треба да пополнат соодветен формулар и да го испратат заедно со својот труд.

Паричната награда за првата категорија изнесува 2.000 евра во денарска противвредност, а за втората категорија е предвидена награда од 1.000 евра.

Од Метаморфозис информираат дека право на учество немаат вработените во фондацијата, како и надворешни соработници со материјали подготвени во рамки на проекти на фондацијата.

За дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат преку електронска пошта најдоцна до 1 септември 2026 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција