Мицкоски бара да не се политизира околу воздухот, а самиот политизира
Премиерот Мицкоски замоли да не се политизира прашањето за загадениот воздух во повеќе градови во земјата, вклучувајќи го и најголемиот Скопје, со објаснување дека сите политички елити што досега ја раководеле земјата потфрлиле во решавањето на ова прашање. Тоа е истиот Мицкоски, сега премиер и лидер на истата партија која не само што уште истата вечер (12.11.2024), туку и секоја година наназад во периодот од ноември до март континуирано испраќаше жестоки критики и го политизираше истово прашање
Премиерот Мицкоски замоли да не се политизира прашањето за загадениот воздух во повеќе градови во земјата, вклучувајќи го и најголемиот Скопје, со објаснување дека сите политички елити што досега ја раководеле земјата потфрлиле во решавањето на ова прашање. Тоа е истиот Мицкоски, сега премиер и лидер на истата партија која не само што уште истата вечер (12.11.2024), туку и секоја година наназад во периодот од ноември до март континуирано испраќаше жестоки критики и го политизираше истово прашање
Премиерот Христијан Мицкоски во говор посветен на Скопје, изрече став којшто може да се оцени како недоследност:
Изјава: Свесен сум дека загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми што секојдневно го чувствуваме. Честопати се срамам кога гледам како нашиот главен град – градот на слободата, сега е меѓу најзагадените градови во светот. И посебно сум разочаран од тоа што се допушти децении и децении ништо да не се преземе за почист воздух. И ве молам да не ја политизираме оваа тема, затоа што тоа е колективен неуспех на сите политички елити досега кои управувале со државата и градот“.
[Извор:ВМРО-ДПМНЕ – Х. Мицкоски/дел од говор; Датум – 12.10.2024]
Образложение: Сè ќе беше во ред со критиките на премиерот Мицкоски за загадениот воздух во говор одржан по повод ослободувањето на Скопје, доколку владејачката партија на која тој е претседател не го политизираше прашањето, односно постапи неконзистентно истата вечер по говорот на 12 ноември, но и на 11.11. 2024, па и повеќе години наназад, што упатува на недоследен став.
Мицкоски е во право кога оценува дека сите политички елити што ја раководеле земјата потфрлиле, односно не направиле доволно за да се реши прашањето. Стратегиите, научните истражувања, зелените планови, ад-хок мерките, мерните уреди, итн., се разбира не е ништо, но суштински е исто како да е ништо, бидејќи состојбата останала иста. Но, Мицкоски, токму од тие причини, замоли да не се политизира прашањето. Веднаш по говорот ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение во кое го прави токму спротивното:
СДС 7 години буквално ништо не направи во однос на загадувањето. Доколку изминатите 7 години СДС имаше барем една мерка против загадувањето до ваква ситуација можеби и немаше да дојде.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на сеопфатна стратегија која на долг рок ќе даде резултати….
Претходниот ден (11.11.2024) ВМРО-ДПМНЕ повторно имаше соопштение на оваа тема во кое меѓу другото се вели:
Владата на СДС и ДУИ не направи ништо за аерозагадувањето.
И самиот Зоран Заев постојано викаше на цел глас аеро, аеро и ветуваше чист воздух.
Јани Макрадули од СДС кон крајот на 2017 година како заменик министер во ресорното министерство протестираше за почист воздух. Или Јани протестираше против Јани.
ДУИ кои се прокламираа како зелена партија немаат ниту З од зелена агенда.
А што имаше во време на СДС и ДУИ? Мерните станици честопати беа расипани и не функционираа.
СДС во изминатите 7 години трошеа милионски буџети, а за подобрување на квалитетот на воздухот не вложија ништо…
Овие две соопштенија не се ништо друго туку политизација на прашањето, макар биле и одговор на реакции од СДСМ и ДУИ. Ако нешто не сакаш да политизираш, ќе го покажеш со личен пример.
Но, така беше и со години наназад. И тоа токму во периодот некаде од ноември до март, кога започнува сезоната за греење во градовите и населените места.
На пример, лани, во 2023 г. ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија испрати соопштение со наслов „Скопје и Македонија тонат во загаден воздух, за 7 години Владата потроши 20 милијарди евра, а ни евро за почист воздух“.
Во првата реченица се вели:
7 години СДС е централна власт. 7 години откако станаа власт со ветувањето за почист воздух. 7 години како и Скопје и цела Македонија се гушат во загадениот воздух.
Во 2022 година медиумите бележат уште едно соопштение кое делумно е во исти стил, а делумно различно:
Скопје дише загаден воздух зошто владата 5 години еден денар не одвои за да го намали загадувањето. Пет години Заев и неговиот пион Ковачевски не направија ниту еден проект за намалување на загадувањето на воздухот, соопшти ВМРО-ДПМНЕ….
…За разлика од владата, Град Скопје и општините прават сè што е во нивна можност да го намалат загадувањето, но без работа од страна на владата поголеми резултати не се возможни, затоа потребни се предвремени парламентарни избори и избор на нова влада која ќе се бори против загадувањето на воздухот.
Разликата е очигледна. ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше во најдобри односи со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, па оттаму, Градот и општините под нивна власт правеле сè, а воздухот „мирисал на рози“, иако цела јавност знае дека не било така.
ВМРО-ДПМНЕ слично се однесувале и во 2019 година на пример, што може да се види и од примерот тука, па и во 2018 година во ноември, кога барале и собраниска расправа (види тука), итн.
Интересно, ВМРО-ДПМНЕ е целосно свесна дека станува збор за долгорочно и бавно решение кое бара системски пристап, многу пари и дека ниту една краткорочна мера не може да го реши проблемот. Тоа се наведува во сите нивни соопштенија кои ги наведовме тука, а и во сите јавни расправи во кои учествувале функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се гледа дури и од вчерашното соопштение, но и од говорот на Мицкоски, кој најави системско решение чиј главен столб ќе биде гасот добиен преку нови когенеративни централи.
Впрочем ни изградбата на најавените когенеративни централи не е решавање на проблемот ниту за оваа, ниту за наредната, па дури ниту за третата зима отсега, затоа што околу три години е најкраткиот рок да се изгради една таква постројка. Токму една таква инвестиција за толку време (18+36 месеци) беше најавена на крајот од владеењето на СДСМ и ДУИ со грчки Митилинеос, но ВМРО-ДПМНЕ и група експерти на крајот од 2023 г. и самиот почеток на 2024 година беа против, со образложение дека на приватниот партнер му се дава премногу. Еве сега, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во потрага по нови партнери па можеби и ќе успее повеќе. Но да повториме, потребни се години.
Од сè погоре изложено сосема е јасно дека замолницата на Мицкоски да не се политизира темата, а токму неговата партија го прави тоа и сега, како и во изминатите години, е недоследност.
Извори:
- (12.11.2024) ВМРО-ДПМНЕ – Х.Мицкоски – [Проверено на 13.10.2024]
- (11.11.2024) ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – [Проверено на 13.10.2024]
- (01.08.2022) Тајм.мк – кластер вести – [Проверено на 13.10.2024]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар