Мицкоски ги измеша буџетот и бруто домашниот производ

Фото: Принтскрин

 

Во конфузното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, за „Дојче Веле“, тој, говорејќи за предвидените задолжувања на Владата за идната година, а во обид да ги прикаже како што поголеми, ги измеша процентните поени што се однесуваат на два различни показатели – оној за економскиот раст, кој всушност се однесува на бруто домашниот производ (БДП) и оној за задолжувањето како процент од буџетот, за потоа да започне да споредува „баби и жаби“, односно да врши математички операции помеѓу процентните поени кои се однесуваат на БДП и оние на буџетот. И, се разбира, заклучоците кои произлегоа од таквите математички операции се неточни, односно невистинити. Еве го тој дел од интервјуто на Мицкоски:

Одговор: … Ова е рекорден буџет. Ќе ве потсетам кога во минатото за првпат една од владите направи буџет од 3 милијарди евра во расходната страна, тоа беше рафална критика во општеството. Денеска – тишина. Чудна некоја тишина, никој ни збор да изусти за оние 3,9 милијарда евра, од кои една милијарда ќе биде обезбедена од задолжување.

Забелешка на новинарот: Нето задолжувањето е практично 400 милиони, бидејќи 600 милиони евра треба да се вратат… 

Одговор: Е сега, ако нетото е 400 милиони, а предвидуваме раст од 3,8% и задолжуваме 10% од нетото, каков е ефектот? Ефектот е 6,2% и тоа се пари кои вие ќе ги вратите.

 

[Извор: Дојче Веле, датум: 14. 11. 2019]

 

ОБЈАСНУВАЊЕ:

Најпрвин, Мицкоски вели дека од предвидените 3,9 милијарди евра, на колку што е проектиран буџетот за идната година, „една милијарда ќе биде обезбедена од задолжување.“ Ова не е точно. Односно е невистина. Ова би значело дека буџетскиот дефицит на земјава би изнесувал 25 отсто (1 милијарда од вкупно речиси 4 милијарди на колку што е проектиран буџетот за 2020), а толкав буџетски дефицит нема ниедна земја. Тешко дека било кој кредитор би кредитирал држава до тоа ниво – една четвртина од нејзините буџетски приходи да доаѓаат од задолжувања. Таква држава би била пред банкрот, односно веќе банкротирана. Дури и Грција во 2009 година, кога ја погоди тешка должничка и финансиска криза, имаше буџетски дефицит од „само“ 15,3 отсто од БДП.

Од друга страна, вистинските показатели велат дека буџетскиот дефицит на Северна Македонија за идната година е предвиден на нивото од само 2,3 отсто од БДП или 282 милиони евра и е понизок од минатогодишниот кој изнесуваше 2,5 отсто од БДП.

Новинарот го „исправа“ Мицкоски дека задолжувањето идната година ќе биде само 400 милиони евра, додека 600 милиони евра се за враќање на веќе постоечки долгови, но не го исправа во однос на невистината дека од предвидениот буџет од 3,9 милијарди евра една милијарда ќе била од задолжувања.

Имено, 400-те милиони евра кои државата ќе ги добие од нови задолжувања се приход, додека 600-те милиони евра, кои таа ќе ги плати за старите долгови се трошок, односно одлив и тие не можат да се собираат, па така да се добие износ од една милијарда евра.

И оттука натаму работите тргнуваат на уште полошо. Мицкоски, надоврзувајќи се на износот од нето задолжувањето од 400 милиони евра за идната година, вели: „…ако нетото е 400 милиони, а предвидуваме раст од 3,8% и задолжуваме 10% од нетото, каков е ефектот? Ефектот е 6,2% и тоа се пари кои вие ќе ги вратите.“ Тука Мицкоски ги вади 3,8-те отсто од БДП од 10-те отсто од „нетото“, веројатно 10-те отсто од буџетот и вели дека „ефектот“ ќе бил 6,2% и тоа биле пари кои ние граѓаните ќе сме ги врателе.

Овој исказ е комбинација меѓу „собирање баби и жаби“ и „сакам кажам, не знам речам“ изразување. Бруто домашниот производ во 2017 година, на пример, изнесуваше 10,3 милијарди евра според актуелниот курс. Ако се предвидува раст од 3,8 отсто, тоа би значело дека тој раст во пари би изнесувал околу 400 милиони евра или веројатно нешто повеќе, затоа што и лани имаше раст на БДП, што значи дека ланскиот БДП бил повисок од оној во 2017, па веројатно предвидениот раст за идната година во пари е некаде околу 450 милиони евра.

Но, оние 400 милиони предвидени за јавни задолжувања од страна на државата идната година, со овие 450 милиони евра за колку што е предвидено да порасне БДП, едно со друго немаат никаква врска и не можат да се собираат или одземаат. Едните се јавни, буџетски пари, а другите се дел од бруто домашниот производ (БДП) и тие претставуваат износ за кој ќе порасне севкупната економија во земјава, значи и јавниот, и приватниот сектор, и банкарството и така натаму. Овие пари немаат врска едни со други.

Но, со оглед на тоа што Мицкоски ги измеша БДП и буџетот, тој во неговата изјава дојде до некаков си „ефект“ од 6,2 отсто, преку операција „собирање баби и жаби“, односно одземајќи 3,8 отсто од БДП од 10 отсто од буџетот.

Со оглед на сето ова, а пред сѐ, со оглед на оваа масовна конфузија, во која не се знае што е што, што се сака да се каже, се мешаат јаболка и портокали и се собираат баби и жаби, единствено нешто што може да произлезе од ваквата изјава на Мицкоски, тоа е невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Владимир Петрески

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција