Мицкоски ја величи традицијата на институцијата која постојано ја напаѓаше како опозиционер

Мицкоски на прославата на 80-годишнината на ДСЗ (Фото: Влада на РСМ)

Мицкоски денес како претседател на Владата говори дека 80-те години на Државниот завод за статистика „не се само историја – тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба“, при што не е јасно дали во таа традиција на институцијата ги смета и периодот од 2019 до 2021, кога најжестоко ја напаѓаше заради тоа што власта преку неа насилно го туркала пописот како политичка, а не статистичка операција. ДЗС за Мицкоски како премиер од „инструмент на политиката“ станала „алатка за креирање ефективни и одговорни јавни политики“.

Мицкоски денес како претседател на Владата говори дека 80-те години на Државниот завод за статистика „не се само историја – тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба“, при што не е јасно дали во таа традиција на институцијата го смета и периодот од 2019 до 2021, кога најжестоко ја напаѓаше заради тоа што власта преку неа насилно го туркала пописот како политичка, а не статистичка операција. ДЗС за Мицкоски како премиер од „инструмент на политиката“ станала „алатка за креирање ефективни и одговорни јавни политики

 

 

Премиерот Христијан Мицкоски имаше обраќање на прославата на 80-годишнината на Државниот завод за статистика. Делови од неговиот говор, изречен по свечен повод, звучат како вистински панегирик во кој се велича историјата и традицијата на оваа институција, но можат да се оценат и како недоследност:

Овие 80 години не се само историја – тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба, кои претставуваат темел на демократскиот и институционален развој на нашата држава. Во едно современо и транспарентно општество, статистиката претставува огледало на реалноста. Таа е алатка за анализа, основа за планирање, и патоказ за креирање ефективни и одговорни јавни политики. Преку точни, сигурни и навремени податоци, институциите можат да носат одлуки што одговараат на вистинските потреби на граѓаните…

Денес можеме со гордост да констатираме дека македонската статистика е во голем дел усогласена со европската статистичка практика и со меѓународните стандарди. Податоците произведени од Државниот завод за статистика се официјални, висококвалитетни и меѓународно споредливи – што ја издвојува оваа институција како клучен извор на информации во Македонија…

Како Влада, ќе продолжиме да ја поддржуваме статистиката – затоа што точните податоци значат подобри политики, а подобрите политики значат подобар живот за граѓаните…

Благодарение на вашата посветеност, методолошка точност и институционална одговорност, нашата земја има статистика што е почитувана дома и призната надвор.

[Извор: Влада – Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски; Датум – 02.06.2025]

 

Образложение:

Мицкоски како претседател на Владата во говорот по повод јубилејот на Државниот завод за статистика (ДЗС), меѓу другото ја посочува традицијата на професионализам, кредибилитет и јавна служба на оваа институција, кои се темел на демократскиот и институционален развој, како и нејзината посветеност, методолошка точност и институционална одговорност, апострофирајќи дека Владата на лие чело е ќе продолжи да ја поддржува статистиката – затоа што точните податоци значат подобри политики, а подобрите политики значат подобар живот за граѓаните… Во делови на неговиот говор препознаваме недоследност од неколку аспекти.

Колку што Мицкоски ја слави и фали ДЗС како премиер, толку тој и ВМРО-ДПМНЕ, на чие чело дојде во ноември 2017, ја напаѓаа оваа институција како опозиционери.

Кон крајот на 2019 ДЗС најави дека ќе поднесе тужби до ВМРО-ДПМНЕ и до нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека наводно располагаат со сведоштва од поранешни и од сегашни вработени дека се манипулира со растот на БДП, долгот на државата и со други податоци, на што реагираше ДЗС со најава за тужба за клевета:

Во целост ги отфрламе и демантираме изјавите и шпекулациите на Мицкоски како неточни и лажни. Заводот за статистика е професионална и независна институција чија работа е под постојан мониторинг и евалуација на Еуростат, а економските и монетарните статистики се и под мониторинг на ММФ. Поради изнесените клевети, Заводот ќе поднесе тужба за Мицкоски и за ВМРО ДПМНЕ, изјави тогашниот директор на ДЗС, Апостол Симовски.

Вистинската „војна со зборови“ следуваше во 2021, а повод беше пописот на населението. ВМРО-ДПМНЕ категорично беше против спроведување на пописот во тогашните услови на пандемија со ковид-19, кој по две презакажувања беше реализиран во септември 2021.

Дејан Станков, директор на ДЗС, Мицкоски и Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии (Фото: Влада на РСМ)

ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваше тогашната власт предводена од коалицијата СДСМ-ДУИ за дезориентираност и го апстрофираше Државниот завод за статистика како институција што е во клинч сама со себе заради различното мислење за попишување на дијаспората и нивните верски чувства. ВМРО-ДПМНЕ ја спроведе иницијативата за собирање потписи против законот за попис, а Мицкоски тогаш на Фејсбук напиша дека го дал својот потпис против „фалсификат попис“, со став дека поддржува европски и вистински попис: „Да спречиме кражба, да ја тргнеме политиката од статистиката“.

На неговата објава реагираше тогашната пратеничката и претседателка на Форумот на жени на СДСМ Снежана Калеска – Ванчева со ставот дека по цели 19 години, државата конечно ќе спроведе попис на населението и домаќинствата, согласно сите стандарди и пракси на Евростат.

Добиените податоци ќе послужат како одлична база за градење на политики и мерки во образованието, здравството, социјалната и детска заштита, но и во земјоделството, културата и развојот на регионите и општините, истакна таа.

Четири години подоцна, Мицкоски со речиси идентичен став како Снежана Калеска – Ванчева за статистиката:

Таа е алатка за анализа, основа за планирање, и патоказ за креирање ефективни и одговорни јавни политики, рече Мицкоски во обраќањето на 80-годишнината на ДЗС.

Мицкоски денес како претседател на Владата говори дека 80-те години на Државниот завод за статистика „не се само историја – тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба“, при што не е јасно дали во таа традиција на институцијата го смета и периодот од 2019 до 2021, кога најжестоко ја напаѓаше заради тоа што власта преку неа насилно го туркала пописот како политичка, а не статистичка операција.

Четири години подоцна ДЗС во визурата на Мицкоски, овојпат како премиер, од „инструмент на политиката“  станала „алатка за креирање ефективни и одговорни јавни политики“.

Поради тоа, делови од говорот на Мицкоски на прославата на 80-годишнината на Државниот завод за статистика можат да се оценат како недоследни.

 

Извори:

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција