Мицкоски не изјавил дека Бугарите треба да признаат дека се Македонци

Мицкоски, Влада (15.05.2025) Фото: Влада на РСМ

Точно е дека Мицкоски бара реципроцитет, односно Бугарија да го признае македонското малцинство, но тој никогаш не изјавил дека Бугарите треба да признаат дека се Македонци. Станува збор за измислена изјава која му се имплицира на Мицкоски.

Точно е дека премиерот ја зацврстил одлуката дека уставни измени во Македонија нема да има додека не добие гаранции од Бугарија дека нема да поставува нови услови за македонската евроинтеграција. Точно е и дека тој бара реципроцитет, односно Бугарија да го признае македонското малцинство, но тој никогаш не изјавил дека Бугарите треба да признаат дека се Македонци. Станува збор за измислена изјава која му се имплицира на Мицкоски

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Конечно нешто умно. Така се води политика.

Објавата споделува и фотографија од премиерот Христијан Мицкоски на која е испишана негова наводна изјава која гласи:

Се додека нашите источни соседи не признаат дека се Македонци, Македонија не влегува во ЕУ.

На фотографијата има жиг со потпис на порталот Centar.mk.

Вистиномер не успеа да најде ваква вест или изјава на Мицкоски која ја пренел порталот „Центар“.

Најдовме вест во која премиерот дал изјава во врска со барањата на Бугарија и евроинтеграцијата на Македонија, но таа гласи вака: „Сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед, нема да се поместиме нити милиметар, рече Мицкоски“.

Во веста Мицкоски никаде не вели дека Бугарите треба да признаат дека се Македонци, па дури потоа Македонија ќе влезе во ЕУ. Неговата изјава се однесува на признавањето на правата на македонското малцинство во Бугарија.

Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа (се мисли на уставните измени, н. заб.) без ВМРО-ДПМНЕ не иде и дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. А ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај, како прво. И второ, сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме нити милиметар, рече Христијан Мицкоски во изјавата дадена од Гази Баба денеска, пренесе порталот Центар.

Ваква изјава на Мицкоски, каква што пренесува објавата која ја анализираме, не успеавме да најдеме во ниту еден релевантен медиум.

Точно е дека премиерот ја зацврстил одлуката дека уставни измени во Македонија нема да има додека не добие гаранции од Бугарија дека нема да поставува нови услови за македонската евроинтеграција. Точно е и дека тој бара реципроцитет, односно Бугарија да го признае македонското малцинство, но тој никогаш не изјавил дека Бугарите треба да признаат дека се Македонци. Станува збор за измислена изјава која му се имплицира на Мицкоски.

Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме за невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција