Мицкоски не изврши државен удар, туку победи на демократски избори

Фото: vmro-dpmne.org.mk

Според податоците на Државната изборна комисија, на парламентарните избори Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи со освоени 436.407 гласа со што освои 58 мандати во шест изборни единици.

Според податоците на Државната изборна комисија, на парламентарните избори Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи со освоени 436.407 гласа со што освои 58 мандати во шест изборни единици

 

Анализираме објава на Тредс која тврди дека пред четири месеци ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски извршиле државен удар во Македонија.

Државен Удар имаше пред 4 месеци во Македонија од страна на Мицко и компанија…Чекаа да се промени смени власта и да направат беља да прават што сакаат да се одмаздуваат Вмро-изливна партија ќе почнат да бегаат и членовите и другарите кога ќе згрмат пушките патрони.Извинете до една партија до едно семејство до матичната мајка дотичната госпоѓа до вашето криминално семејство Наречена Мито бекријо и Ркоирт импорт дијаспора Корупција.Бог да ве прости од ова сигурно ќе умрете, се наведува во објавата.

Не е точно дека во Македонија пред четири месеци се случил државен удар. Државниот удар (се користат и термините воен преврат или пуч), според дефиницијата, е насилно преземање на власта во една држава од страна на политичка фракција, бунтовничка група, војска или диктатор, извршено преку кршење на уставните и правните норми кои се на сила во државата и апсење или ликвидација на дотогашните водачи.

Такво нешто во нашата држава немало. Пред четири месеци во државата се одржаа демократски избори и тоа двојни, за избор на нова влада и на претседател на државата, на кои убедливо победи ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова.

Според податоците на Државната изборна комисија, на парламентарните избори Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи со освоени 436.407 гласа со што освои 58 мандати во шест изборни единици.

На претседателските избори, пак, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ победи пред кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со двојно повеќе гласови – 561.000 наспроти 251.899 гласа.

Набљудувачката мисија за на ОБСЕ/ОДИХР првично оцени дека изборниот процес за парламентарните и претседателските избори бил конкурентен и дека биле почитувани основните слободи.

Согласно уставните одредби, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 6 јуни 2024 година, на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како победник на парламентарните избори, му го додели мандатот за формирање Влада.

Собранието на 23 јуни со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ.

Според ова, во никој случај не може да се тврди дека во државата имало државен удар кој го спровел Мицкоски, како што се тврди во објавата. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски победи на демократски избори и формираше влада согласно Уставот и законите. Според тоа, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција