Мицкоски неточно тврди дека растот од 4,3 отсто ја става Македонија меѓу првите три во Европа

Мицкоски на самитот „Конкордија“ во Њујорк, 21.09.2026 Фото: Влада на РСМ

Само во рамките на Европската Унија има најмалку три земји со повисок реален годишен раст во вториот квартал од 2026 година. Словенија забележала раст од 5,0 отсто, Данска од 4,6 отсто, а Малта од 4,5 отсто. Тоа значи дека само овие три земји се со реален годишен раст над македонските 4,3 отсто.

Само во рамките на Европската Унија има најмалку три земји со повисок реален годишен раст во вториот квартал од 2026 година. Словенија забележала раст од 5,0 отсто, Данска од 4,6 отсто, а Малта од 4,5 отсто. Тоа значи дека само овие три земји се со реален годишен раст над македонските 4,3 отсто. Дополнително, за утврдување на точен европски пласман потребно е да се земат предвид и останатите европски држави со објавени податоци за истиот период

 

Премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи на самитот „Конкордија“ во Њујорк, осврнувајќи се на економските резултати на земјата, изјави:

Последните податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат дека нашиот реален раст беше 4,3 проценти — номинално над 8 проценти, што нѐ става меѓу првите три земји во Европа според годишниот раст.

[Извор: Влада – 22.09.2026 ]

Образложение

Податокот дека македонскиот реален БДП во вториот квартал од 2026 година пораснал за 4,3 отсто во однос на истиот квартал од 2025 година е точен. Тоа го потврдува Државниот завод за статистика. Според објавените податоци, растот на БДП во вториот квартал изнесува 4,3 отсто, додека според сезонски и календарски прилагодените податоци растот изнесува 4,0 отсто.

Меѓутоа, од овој податок не произлегува дека С. Македонија е „меѓу првите три земји во Европа“. За да биде точно ваквото тврдење, потребно е македонскиот раст од 4,3 отсто да биде спореден со растот на европските земји за истиот период. Напротив, само во рамките на Европската Унија има најмалку три земји со повисок реален годишен раст во вториот квартал од 2026 година. Словенија забележала раст од 5,0 отсто, Данска од 4,6 отсто, а Малта од 4,5 отсто. Тоа значи дека само овие три земји се со реален годишен раст над македонските 4,3 отсто. Дополнително, за утврдување на точен европски пласман потребно е да се земат предвид и останатите европски држави со објавени податоци за истиот период, па формулацијата „меѓу првите три во Европа“ не може да се потврди со податокот од 4,3 отсто.

Дополнително, самиот раст од 4,3 отсто треба да се гледа во контекст на зголемената инвестициска и градежна активност. Според ДЗС, во вториот квартал од 2026 година бруто-капиталното формирање номинално пораснало за 14,5 отсто, додека градежништвото имало реален раст од 21,9 отсто. Овие податоци покажуваат дека инвестициите и градежната активност имаат значајно место во економската динамика во овој период.

Во овој контекст значаен е и заемот од 500 милиони евра од Унгарската Експорт-импорт банка, потпишан во октомври 2024 година. Владата тогаш соопшти дека средствата се наменети за буџетска поддршка, проекти на општините и поддршка на компаниите. Министерството истакна и дека средствата за компаниите треба да придонесат за започнување инвестициски циклус во приватниот сектор.

Оттука, заемот и реализацијата на капиталните и инвестициските проекти се релевантни за контекстот во кој се остварува економскиот раст. Сепак, само врз основа на овие податоци не може да се тврди дека растот од 4,3 отсто е предизвикан токму од заемот од 500 милиони евра. За таков заклучок би била потребна посебна економска анализа која би го измерила придонесот на овие средства кон БДП.

Затоа, точен е податокот дека реалниот раст во вториот квартал изнесувал 4,3 отсто, но не е поткрепено тврдењето дека ова ја става С. Македонија меѓу првите три земји во Европа според годишниот раст. Воедно, растот треба да се гледа во контекст на силниот инвестициски и градежен циклус, во кој улога имаат и средствата обезбедени преку унгарскиот заем, но без основа не може да му се припише целиот раст од 4,3 отсто.

Поради сето ова, изјавата на премиерот Мицкоски ја оценуваме како делумно вистинита.

Извори:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција