Мицкоски се чуди како недостасуваат ресурси за кризна состојба, иако неговата партија 10 години ги кратеше

Фото. vmro-dpmne.org.mk

 

Барајќи да биде прогласена вонредна состојба поради пандемијата на КОВИД-19 непосредно пред таа да биде официјално прогласена, а откако со денови инсистираше на прогласување кризна состојба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Миц коски на прес-конференцијата на  18 март (2020)  даде изјава која ја оценуваме како полувистина.

… Вчера со директно признание на претседателот Пендаровски дознавме една поразителна информација, дека постои дилема за воведување на кризна состојба бидејќи има недостаток на државни ресурси квалитетно и ефикасно да се покрие државата, што е огромен скандал особено ако кризата се продлабочи, за што упатуваат сите сериозни фактори, но во овие моменти од посочување на показалецот фајде нема, и ова е посебна тема за која ќе зборуваме и ќе се навратиме откако  ќе заврши цела оваа состојба со пандемијата од корона вирус, рече Мицкоски

[Извор:Курирдатум: 18.03.2020]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е делумно точна.

Точно е парафразирана констатацијата на претедателот Стево Пендаровски дека „има недостаток на државни ресурси квалитетно и ефикасно да се покрие државата“, но прилично проблематичен е делот во кој Мицкоски тврди дека „вчера со директно признание на претседателот Пендаровски дознавме една поразителна информација“.

Имено, Мицкоски можел дури вчера да ја дознае таа поразителна информација само ако бил изолиран од какви било информации во периодот кога владеела неговата партија, особено по 2008 година.

Во својата изјава, зборувајќи за контрола на движењето во кризна состојба, Пендаровски вели дека:

Со комплетно ангажирање на армискиот состав, со комплетно ангажирање на полицискиот состав и на квалификуваните здравствени работници, ние тоа не можеме да го направиме на целата територија.

Но, Мицкоски не може да не знае каква е и зошто е таква состојбата со силите за безбедност, особено со состојбата на војската, затоа што неговата партија додека беше на власт цела деценија го намалуваше буџетот за одбрана.

Несоодветното финансирање во последната декада резултираше со негативно кумулативно влијание врз способностите и капацитетите на АРМ. Финансирањето во минатиот период беше едвај доволно за да се одржуваат средствата со кои располагаме, но не и да се опремуваме и модернизираме во согласност со планираното. Моменталната состојба во АРМ е одраз на недоволни инвестиции во одбраната во подолг временски период, стои во Стратегисткиот одбранбен преглед, документ за оценка на состојбата и проекција за развој на одбраната, кој беше усвоен во јуни 2018 година. (за кој во септември 2018 г. пишуваше Мета)

Покрај тоа, не се вработуваа нови професионални војници, а цела деценија немаше ниту курс за подофицери.

Поради постојаните кратења на буџетот од 2008 до 2017 година, АРМ петнаесет години не можеше да ја достигне бројната состојба од 8.167 војници, проектирана уште со Стратегискиот одбранбен преглед во 2004 година. Војската до денес успеа да стаса до бројна состојба од околу 6.800 војници, која е и новата проекција со  Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) од 2018 година. (објави Мета во јуни 2019)

Буџетот на одбраната се зголемува, а војската се подмладува, но ќе и треба време да го надомести преполовувањето на буџетот.

Мицкоски би морал да знае и за состојбата во полицијата. Уште во 2016 година, тогашниот пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, предупредуваше на десеткување на полицијата:

Станува збор за целосна партизација на полицијата, процес кој владејачката гарнитура го спроведува во континуитет. Трајанов вели дека во изминатите неколку години, околу 3.000 полициски службеници, користејќи ги новите услови за пензионирање, го напуштиле министерството, а сега на нивно место се вработуваат кадри чија селекција оди под партиски клуч.

И во МВР се надоместува одливот на кадар од минатите десетина години. Според извештаите на Министерството за информатичко општество и администрација за бројот на вработени во јавниот сектор, во периодот од 2015 до 2018 година, бројот на вработени во МВР се зголемил за 1.120 лица.

Има уште многу илустрации за генезата на состојбата, но и овие се сосема доволни за во оваа делумно вистинита изјава на Мицкоски да се препознаат јасни елементи на спинување. Па, во таа смисла, зачудува тоа што Мицкоски, заборавајќи на причините поради кои државата денес има ограничени капацитет за да се справи со кризната состојба, се изненадува од состојбите кои ги предизвика токму неговата партија (ВМРО-ДПМНЕ) кога беше на власт.

 

ИЗВОРИ:

  • МИОА Годишен извештај за податоците од регистарот на вработените во јавниот сектор за 2015 и 2018 година, (Пристапено на: 18.03.2020)

 

Оцени: Игор К. Илиевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција