Мицкоски со историска невистина – фашистичките режими следеле и прислушувале кого сакале
Ако Мицкоски навистина има податоци за злоупотреби на аудио-бомбите кои беа дел од кампањата на СДСМ „Вистината за Македонија“ пред 8 години, тогаш треба веднаш да ги објави а не да навестува дека наскоро ќе ја дознаеме невистината за оние кои тврделе дека ја зборуваат вистината за Македонија. Неговата изјава дека во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале водачи на опозициски партии е невистината.
Ако Мицкоски навистина има податоци за злоупотреби на аудио-бомбите кои беа дел од кампањата на СДСМ „Вистината за Македонија“ пред 8 години, тогаш треба веднаш да ги објави, а не да навестува дека наскоро ќе ја дознаеме невистината за оние кои тврделе дека ја зборуваат вистината за Македонија. Неговата изјава дека во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале водачи на опозициски партии е невистината
Премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница посветена на пратенички прашања, одговорајќи му на пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ околу прислушкувањето, рече дека наскоро ќе биде откриено како се прислушкувало, а неговиот став дека во услови на фашистички режими не се следеле и прислушувале водачи на опозициски партии може да се оцени како невистина:
Изјава: Дали се сеќавате на онаа кампања „Вистината за Македонија“? Многу скоро од сега ќе ја видите невистината за оние кои велеа дека ја зборуваат вистината за Македонија, и ќе се срамите. Затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушувале водачи на опозициски партии. И јас сум убеден дека дел од раководството на СДСМ не ни знаеле дека тоа се случувало, дека најголемиот дел од нив го правеле за злоупотреба и лична агенда. Не дека некој од највисокото раководство немало информации, имало. И тоа што се случувало ќе ве згрози и вас, тоа што се случувало. Каков тип на мерки се преземени, и физичко следење и употреба на дозволени и недозволени методи. Затоа се плашите вие, затоа ја гледам таа дебата од убдашки болшевистички структури кои се присутни во нашите кодошки безбедносни структури. И затоа се плашат од спојување на агенциите. Што им фалеше спојувањето на овие агенции во Хрватска, во САД? Ништо не се случи.
[Извор: ТВ 21Мицкоски: Многу скоро од сега ќе видите како се прислушувало во последните години, и ќе се згрозите; – Датум: 28.11.2024]
Образложение:Наведувајќи ги фашистичките режими како пример, во кој наводно не се следеле и прислушувале водачи на опозициски партии, Мицкоски изнесува историска невистина.
Токму во фашистичките режими, посебно во нацистичка Германија, прислушувањето било дозволено со закон. Нацистите можеле да прислушуваат кого сакаат и прислушуваните разговори легално да ги поднесуваат на суд за да затвораат и осудуваат кого сакаат.
Во 2013 година поранешниот службеник на ЦИА Едвард Сноуден објави документи за масовното следење на комуникациите ширум светот од страна на тајните служби на САД. Весникот „Гардијан“ – еден од медиумите на кои „свиркачот“ Сноуден им ги достави документите – по повод импликациите од масовниот надзор на нивната електронска пошта, посочи интересна историска паралела.
Во 1933 година, Хитлер побарал од германскиот претседател, Хинденбург, да го потпише она што стана познато како декрет за пожарот во Рајхстагот (Reichstagsbrandverordnung). Декретот историчарите го сметаат за еден од клучните чекори во формирањето на еднопартиска нацистичка држава во Германија. Поништуваше многу од клучните граѓански слободи на германските граѓани и се користеше како правна основа за затворање на сите што се сметаат за противници на нацистите. Исто така, имаше за цел да ги потисне публикациите кои се сметаа за непријателски настроени кон нацистичката кауза. Според биографијата на Фердинанд Шлингенсипен за еден од водечките критичари на Хитлер, Дитрих Бонхофер (теолог и борец против нацизмот, н. заб.), декретот значел дека „правото на приватност на комуникација по пошта или телефон повеќе не постои, пишуваше „Гардијан“ пред 11 години во текстот јансо насловен „Како Хитлер го суспендираше правото на приватност на пошта и телефон“.
Палењето на Рајхстагот во сите релевантни историски извори е посочуван како изговор за воведување диктатура во Германија под власта на нацистите. Со денешната терминологија, тој пожар во Рајхстагот – за кој лажно биле обвинети комунистите – може да се подведе под „хибридна војна“.
Магазиниот „Смитсониан“, потсетувајќи на овој важен настан од неславната историја на забраните на приватноста, во 2017 година пишуваше:
Каде што има чад, има и оган, а каде што има оган, сигурно ќе следат теории на заговор. Барем тоа се случи во Германија на 27 февруари 1933 година, кога голем дел од парламентарната зграда во Берлин, Рајхстагот, се запали од подметнат пожар. Адолф Хитлер си поигра со стравот во јавноста и политиката за да ја консолидира моќта, поставувајќи ја сцената за подемот на нацистичка Германија. Оттогаш, таа стана моќна политичка метафора. Секогаш кога граѓаните и политичарите се чувствуваат загрозени од преголемата моќ на извршната власт, „Пожарот во Рајхстагот“ се споменува како предупредувачка приказна.
Нацистичката контрола на општеството е многу добро позната метологија во историјата, која ги засегала буквално сите пори на социјалното живеење, што вклучувале и кодешење на пријателите и членовите на семејствата. Таа ги комбинирала следењето, застрашувањето, пропагандата, градењето на култ кон фирерот Хитлер, што на крајот, освен со невидената воена експанзија низ Европа, резултирало со геноцид, истребувањето на непожелните расни и етнички групи.
Масовниот надзор и сеприсутната цензура биле алатки на диктаторските режими во фашистичка Италија за времето на владеењето на Мусолини од 1922 до 1943 година, во некогашниот Советски Сојуз под власта на болшевиците (со „црвениот терор“ на тајната служба КГБ), а масовното следење на комуникациите е сè уште присутно во современи општества (business as usual), како кинеското.
Во суштина, изјавата на Мицкоски е реакција на обвинувањата на пратеникот Трајчулески дека извршната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ прави директен упад во правниот систем на државата по скратена постапка:
Во текот на претходните месеци во ова собрание беа доставени и донесени закони во скратена постапка со кои се прави директен упад во правниот систем на државата, со кои се прекинуваат мандатите на членови на државните второстепени комисии и на независните регулаторни тела по сила на закон и тоа во скратена постапка. Ова е досега невиден преседан во нашата држава, со единствена цел реализирање на партискиот интерес, односно поставување на партиски луѓе на независните регулаторни тела и второстепени комисии. Се прекинаа мандатите на членовите на државната комисија за решавање во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на државната комисија за решавање по инспекциски надзор, на републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, на агенцијата за електронски комуникации, на комисијата за заштита на конкуренцијата, а во собраниска процедура се предлози за разрешување на членовите на агенцијата за супервизија на осигурувањето и на дел од членовите на регулаторната комисија за енергетика, рече Трајчулески.
Кога би сакале да бидеме иронични, ставот на Мицкоски дека во услови на фашистички режими не се следеле и прислушувале водачи на опозициски партии би го прогласиле за вистинит, но со доза на црн хумор: во тие и такви режими не постоеле ниту опозициски партии, а уште помалку нивни водачи. И уште повеќе, нашироко било познато дека телефонскиот сообраќај се прислушува, заради што и политички чувствителни разговори меѓу противниците на нацизмот не се ни воделе, зашто било јасно дека може да следи репресија.
Но, ако „Пожарот во Рајхстагот“ е предупредувачка приказна за моментите кога граѓаните и политичарите се чувствуваат загрозени од преголемата моќ на извршната власт, токму на таква опасност предупредуваше кампањата на СДСМ „Вистината за Македонија“ во 2015 година со објавувањето на аудио-бомбите, односно снимките од прислушкуваните разговори.
Затоа, ако Мицкоски навистина има податоци за злоупотреби, тогаш треба веднаш да ги објави наместо да навестува дека „многу скоро од сега ќе ја видите невистината за оние кои велеа дека ја зборуваат вистината за Македонија“.
Извори:
- (28.11.2024) ТВ 21 Мицкоски: Многу скоро од сега ќе видите како се прислушувало во последните години, и ќе се згрозите – [Проверено на 2.12.2024]
- (4.12.2013) Гардијан Како Хитлер го суспендираше правото на приватност на пошта и телефон – [Проверено на 2.12.2024]
- (21.02.2017) Смитсонијан Вистинската приказна за пожарот во Рахјстагот и нацистичкиот подем – [Проверено на 2.12.2024]
- (28.11.2024) Рацин Трајчулески до Мицкоски: Правите партиски упад во независните тела, ова не е мерит систем – [Проверено на 2.12.2024]
Оценил: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар