Мицкоски спинува: Гласајте за ВМРО-ДПМНЕ, па ќе ви кажеме кој му помогна на Груевски да избега

Фото: скриншот

Мицкоски цели на создавање впечаток кај јавноста дека тој знае! Ама за да каже, треба да дојдат на власт. Оти само тогаш ќе отворат истрага и со фанфари ќе кажат кој сигурно му помогнал, оставајќи простор кај јавноста дека можеби ќе ги потврдат шпекулациите оти бегството на Груевски е дело на договор на политички елити

Мицкоски цели на создавање впечаток кај јавноста дека тој знае! Ама за да каже, треба да дојдат на власт. Оти само тогаш ќе отворат истрага и со фанфари ќе кажат кој сигурно му помогнал, оставајќи простор кај јавноста дека можеби ќе ги потврдат шпекулациите оти бегството на Груевски е дело на договор на политички елити

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Христјан Мицкоски во ТВ интервју изрече тврдење во кое се препознава извртување на вистината, т.е. спин:

Спин: (Кога ќе формираме влада – н.з.) со фанфари ќе објавиме кој му помогна да отиде таму (во Будимпешта-н.з). Ќе отвориме истрага и ќе информираме за појавноста кој му помогна.

[Извор: Алсат-М/Економски магазин/интервју со Мицкоски (49.50-50.40 мин), датум: 15.01.2020]

 

Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, во ТВ интервју се послужи со манипулативна техника која потпаѓа во категоријата спин, со цел да влијае врз јавноста за односот на неговата партија и неговата идна претпоставена извршна и законодавна власт за многу чувствително прашање – бегството на екс премиерот и се уште почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

На директно прашање дали ако дојдат на власт со фанфари ќе го пречекаат Груевски од Будимпешта, Мицкоски тврди дека со фанфари ќе објават кој му помогнал да избега. После првичниот силен впечаток дека тој ја уценува јавноста во смисла – гласајте за нас за да ви кажеме кој му помогнал да избега – Мицкоски малку ретерира, па се навраќа во сферата на правната држава, дообјаснувајќи се дека (идната влада на ВМРО-ДПМНЕ), ќе отвори истрага и ќе го разјаснат тоа чувствително прашање, при што ќе ја информираат јавноста „за појавноста кој му помогна“ на Груевски да избега.

Спинот се состои во извртувањето на вистината, која е повеќеслојна. Прво, Мицкоски поаѓа од добро познатиот факт дека Груевски не можел сам да избега. Досега официјално во јавноста тоа е потврдено, исто како што е потврдено од странски лидери дека на патот од Македонија до Унгарија, преку Албанија, Црна Гора и Србија, директно му помагале лица од Унгарија, најверојатно разузнавачи од таа земја. Она што не е познато, е кој и дали му помагал во подготовките и во неколкуте часа откако Груевски го распуштил обезбедувањето (кое, нели, според Оливер Спасовски било „лично и на повик“), со образложение дека за извесно време преку викендот нема да му требаат нивните услуги.

Потоа, Мицкоски поаѓа од фактот дека досегашната истрага која е сè уште отворена, не утврдила пропусти кај лица и институции кои повлекуваат кривична одговорност (последното соопштение од обвинителството), како и од сознанието дека во јавноста постоеа бројни шекулации дека можеби бегството било договорено со лица од извршната власт предводена од СДСМ.

Правејќи микс од овие последни два факта, Мицкоски ја извртува вистината и спинува: Кога ќе дојдеме на власт со фанфари ќе објавиме кој му помогна на Груевски да избега во Будимпешта, a тоа ќе го сториме откако ќе отвориме истрага.

Спинот е јасен, зашто Мицкоски цели на создавање впечаток кај јавноста дека тој знае! Ама за да каже, треба да дојдат на власт. Оти само тогаш, ќе отворат истрага и со фанфари ќе кажат кој сигурно му помогнал, оставајќи простор дека можеби ќе ги потврдат шпекулациите дека бегството на Груевски е дело на договор на политички елити.

Мицкоски, освен ако нема сигурни факти што досега ги крие од досегашната истрага, не може да знае дали со сигурност „со фанфари“ ќе објави кој му помогнал да избега. Тоа ќе зависи од утврдување на факти во истрагата. Истрагата е сè уште отворена. Да претпоставиме дека ако дојдат на власт и успеат со назначување на нови луѓе во обвинителството да ја „поттурнат“ сè уште отворената истрага, Мицкоски повторно не може со сигурност да знае дали таа истрага ќе вроди со плод и со фанфари да обелодени кој му помогнал да избега.

Со други зборови, (повторно, под услов да не знае за факти кои ги крие од досегашната истрага), Мицкоски манипулира, т.е спинува, со цел да ја убеди јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ ќе открие кој му помогнал на Груевски да побегне, ама за тоа да се случи, гласачите треба да и ја доверат идната власт на оваа партија! Покрај тоа, овој спин треба да послужи и за создавање перцепција дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски веќе се целосно дистанцирани од Никола Груевски како личност, а со тоа и од „појавноста“ „груевизам“, која како термин си доби заслужено место во вокабуларот на оваа генерација граѓани.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.