Миграцијата не е „тури-потпечи“ проблем кој ќе се реши со спинување

Фото: Принтскрин колаж

 

Да се извртува вистината дека само владата на Заев и двоецот Заев-Пендаровски биле виновни за лошите резултати кои го зголемуаваат трендот на миграција, а дека опозицската партија по 12 април ќе ја обнови земјата и „ќе даде нова надеж за младите“, е несериозно третирање на еден многу сериозен проблем. Небаре станува збор за готвење на брз ручек („тури-потпечи“). Ова се нарекува спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Главната опозициска партија официјално се произнесе околу една изјава на претседателот Стево Пендаровоски и зазеде ставови во јавноста за тоа чија е вината и како опозицијата ќе го реши проблемот со миграцијата, посебно на младите. Во дел од овие ставови сe препознава спин:

Спин: Држава во која претседателот отворено кажува дека доколку не е на функцијата претседател би се отселил од државата е во голема стагнација. Македонија со Зоран Заев е во погрешен правец, а најголем доказ за тоа е искрената изјава на Стево Пендаровски. Стево Пендаровски е првиот човек на државата и тој како претседател ги има сите информации, политички, правни, економски и безбедносни. Пендаровски знае дека Македонија со Заев на чело не може да се помести од мртва точка….

Стево Пендаровски знае дека вака веќе не може. За тоа потребни се промени. По 12 април следува обнова на Македонија и нова надеж за младите, со конкретни мерки и конкретни проекти.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб – Македонија со Заев е…, датум: 25.11.2019]

 

КОНТРАСПИН:

Изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека кога не би бил претседател и кога би бил млад човек и тој би си заминал од државата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја ползува во спинерски манир и со извртување на вистината сака да го убеди јавното мислење дека токму политиките на премиерот Зоран Заев и (двоецот, Заев со Пендаровски, како што велат), се виновни зошто младите се иселувале од Македонија.

Пендаровски неколку пати се обиде да се дообјасни, па дури и се извини ако неговиот речник бил несоодветен, но суштината на два пати ја соопшти и преку сајтот на претседателот. Последното објаснување е следното:

Ја разбирам потребата за дадената изјава на Регионалниот младински лидерски форум во Нови Сад да биде врамена во дневни партиско-политички пресметки, но трендовите во целиот регион и кај нас се неспорни. Губиме висококвалификуван и млад кадар. Одговорноста е на сите политички водства, од независноста до денес. Вклучително и моја. Доколку немаат суштинска европска перспектива, поголеми плати и поквалитетен живот, младите ќе продолжат масовно да се иселуваат. Младите мора да имаат прва шанса да успеат дома.

Ако се погледнат стручни анализи од кредибилни меѓународни или домашни организации ќе се види спинерството што се прави од изјавата и ќе се потврдат зборовите на Пендаровски дека сите политички елити имаат дел од вината за лошата политика која ги турка, не само младите луѓе да си бараат подобар живот во странство. Еден таков кредибилен извор е студијата што ја направи Вестминистер фондацијата за демократијата, за тоа „Цената на миграцијата на младите“,  која беше објавена неодамна. Според податоците користени од домашни извори, од ОЕЦД и од ООН, во периодот од 2012 до 2016 година во просек од Македонија трајно си заминувале по околу 9.000 луѓе годишно:

Нето миграција по години. Извор: Вестминстер Фондација

Понатаму, како главни наведени причини се економските, во комбинација со други, како што е владеењето на правото, еднаквите услови без дискриминација по однос на полот, перцепција на корупцијата, итн. (стр.23 од Анализата). Но, сепак, над 50 отсто од причините се економски. И тоа е поткрепено со табела во која се гледа колку е просечната заработувачка во Република Северна Маедонија и во соседните земи, а колку во земјите во кои најчесто мигрираат луѓето, како Германија, на пример.

Колку се заработува во Македонија и регионот, а колку во земјите каде што се мигрира најчесто. Извор: Весминстер Фондација

Од табелата погоре јасно се гледаат огромните разлики. Без оглед на фактот што просечната и минималната плата растат во изминатите не само две-три години, без оглед што одредени професии значително ги зголемија личните приходи по основ на плата, платите споредени со земјите каде се мигрира, се сè уште многу ниски.

И таквиот бум на плати не може да го вети никој за ниту еден или два мандата, па за да спинува дека оваа власт била виновна и времето го истрошила во корупција и криминал, ама по 12 април ќе следувале „чуда“ колоквијално кажано и следувала „обнова на Македонија со нова надеж за младите.“ Конечно, проблемот не е само наш, па дури не е само регионален. Станува збор за феномени и трендови, кои се резултат на миксови од неспособни политички елити со лоши политики, до реални економски, правни и културолошки разлики во светот што ги поттикнуваат миграциските процеси.

Затоа, посебно тој дел од соопштението/ставот на ВМРО-ДПМНЕ, за чудата по 12 април и за новата надеж за младите, е извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.