Мигранти ни доаѓаат по желба на нашите фирми, а не заради зла намера на странски фактори

Бегалци камп на Сомалијци Фото: Reinhard Dietrich, CC0, via Wikimedia Commons

Странски медиуми јавија дека одбиени азиланти можеби ќе се ипраќаат во С. Македонија, со која се разговарало за собирни центри за нив, но тоа не заврши со договор. Независно од тоа, кај нас доаѓаат економски имигранти, но една објава на Фејсбук прави намерна збрка меѓу тие различни категории на имигранти

Странски медиуми јавија дека одбиени азиланти можеби ќе се ипраќаат во С. Македонија, со која се разговарало за собирни центри за нив, но тоа не заврши со договор. Независно од тоа, кај нас доаѓаат економски имигранти, но една објава на Фејсбук прави намерна збрка меѓу тие различни категории на имигранти

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Нацизмот упорно продолжува:

Порано, за еден убиен нацист, убиваа по 100 Македонци.

Сега, за 1 Македонец нацистите ни’ доселуваат по 100, за нив- непожелни мигранти!

По 50 000 годишно! Додека не’ сотрат!

Со амин на Северните измеќари!

Објавата е дезинформаторска и прави збрка меѓу две различни категории на имигранти.

Првата категорија се економските имигранти, какви што кај нас доаѓаат од Бангладеш, Непал, Индија, Филипините и други земји по желба на нашите работодавачи, кои заради големото иселување на нашите работници се соочуваат со недостиг на работна сила. Објавата споменува бројка од 50.000 мигранти, која е од изјава на вицепремиерот Александар Николоски, според кого таа бројка би одговарала на потребите и можностите на нашето стопанство, но тоа не значи дека толку мигранти веќе се примаат. На тоа ќе се осврнеме подоцна.

Втората категорија се одбиени баратели на азил, кои се непожелни во западните земји, па тие сакаат да ги релоцираат тие мигранти во собирни центри во трети земји. Такво нешто договорија Италија и Албанија, а според медиумите во Велика Британија, таа имала слична идеја за која разговарала со владата на С. Македонија, што беше дочекано со негодувања на дел од нејзината јавност и опозицијата, па тоа не заврши со договор меѓу двете земји. Немаме податок дека друга земја освен В. Британија имала таква идеја за С. Македонија, па објавата сигурно алудира на тоа.

Со правење збрка меѓу овие две категории, објавата создава лажен впечаток дека економските имигранти – кои сега ги гледаме како вработени по градежни објекти, супермаркети и сл. во земјава – се одбиени како непожелни и опасни во некоја друга земја и дека таа ни ги праќа тие мигранти со цел „да нè сотре“. Но, нема доказ дека тие мигранти се непожелни азиланти испратени од земјите кадешто биле одбиени, туку тие се кај нас по желба на нашите фирми.

Зависно од типот на работа, на тие странци им треба работна дозвола или т.н. позитивно мислење, но тоа не можат да го добијат сите заинтересирани фирми, затоа што нивниот број е ограничен со квота. Согласно закон, квотата не смее годишно да надмине 5 отсто од населението на С. Македонија, кое законски е вработено според податоците на Државниот завод за статистика.

За 2026 г., С. Македонија одобри квота за 10.000 дозволи и мислења (броени заедно), од што 4.500 за нови вработувања и 5.250 за продолжување на постојните, што значи дека нема секоја година да ни доаѓаат нови 10.000 странски работници, а камоли 50.000 – како што тврди објавата, туку дел од таа квота служи за продолжување на оние вработувања, кои почнале отпорано.

Таа бројка од 50.000 е од изјавата на Николоски, која е извитоперено пренесена во објавата. Тој не изјави дека С. Македонија секоја година прима толку многу странски работници, туку дека нашето стопанство има потреба од зголемување на квотата и дека има можност да „конзумира“ 40-50 илјади странски работници годишно. Николоски тоа го изјави само теоретски, сметајќи дека тоа би било позитивно, а дали неговото мислење е издржано – не е тема на оваа рецензија.

И, не значи дека сите тие мигранти вечно би останале во земјава. На некои од нив им треба само привремена работа, на други нема да им се допадне онаа која ќе ја најдат, а трети ја гледаат земјава само како отскочна штица кон ЕУ.

С. Македонија не им дава државјанства или постојан престој на тие странци, туку привремен престој, кој теоретски може да води кон постојан или кон државјанство, но за тоа мора да минат многу години и да се задоволат и други критериуми, а нема гаранција дека тоа ќе биде одобрено.

Тие мигранти немаат врска со оние одбиени баратели на азил за кои британските медиуми јавија дека би можеле да бидат испратени во С. Македонија. Идејата за увоз на работна сила во С. Македонија датира уште од 2019 г. и практично се реализира од 2023 г., а контроверзите околу можното пристигнување на одбиени азиланти од В. Британија започнаа во 2025 г. Развојот на настаните беше следен.

В. Британија сакаше да реализира таков план во Руанда, но го напушти како скап и неефикасен, па предложи тоа да се стори на Балканот, што отворено го отфрлија премиерите на Албанија и Црна Гора, но не и премиерот на С. Македонија, чиј став беше нејасен. Но, како што јавија медиумите во В. Британија во декември 2025 г., таа имала разговори со С. Македонија за таа да ги прими тие одбиени азиланти, додуша не беше јавено и дека нешто е договорено и потпишано.

Јавноста и опозицијата во С. Македонија негативно реагираа на можноста за примање на тие мигранти, а премиерот Христијан Мицкоски изјави дека такво нешто не било ни разговарано, ни договорено, а ова последново го изјави и британскиот амбасадор. Во демократски земји е тешко да минат некакви тајни договори, па такво нешто исклучуваме, но судејќи по написите во британските медиуми како реномираниот „Тајмс“, можно е да имало разговори на таа тема, кои заради негативната реакција на нашата јавност не завршиле со договор.

Ние не најдовме податок дека В. Британија тоа го правела со геноцидна намера „да ја сотре“ С. Македонија, туку просто си барала чаре за проблемот кој го има со непожелните азиланти. Сепак, објавата тврди дека некакви „нацисти“ ни ја наметнуваат таа имиграција.

Во тој дел објавата шири и псевдоисторија. Германските нацисти стрелале по 100 лица од окупираните територии за 1 убиен германски војник, но не најдовме податок дека тој принцип „100 за 1“ бил применет во Македонија. Тоа го имало во Србија, за што примери се масовните стрелања во Краљево и Крагуевац во октомври 1941 г.

Инаку, дестабилизација на држави со намерно испраќање на мигранти навистина постои, но по тоа се озлогласени Русија и Белорусија. Тие им издаваат визи на мигранти од Блискиот Исток, по што им дозволуваат илегално да преминуваат во соседните членки на ЕУ или НАТО: Полска, Литванија, Латвија, Естонија, Финска и Норвешка (извори: тука, тука, тука и тука).

Објавата намерно меша поими, шири псевдоисторија и извитоперено опишува и актуелни настани, па затоа ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција