Мигранти од Обединетото Кралство во С. Македонија – засега е вест без официјална поткрепа

Фото: Commander, U.S. Naval Forces Europe-Africa/U.S. 6th Fleet, Public domain, via Wikimedia Commons

Засега од познатите факти до 05.12.20205 до пладне, не може да се тврди дека британски мигранти би биле упатувани во С. Македонија, без оглед дали би биле сместувани во мигрантски камп или на друг начин, по што би биле слободни да решаваат за нивната натамошна судбина – барање азил во РСМ или барање статус на економски мигрант

Прашањето околу враќање на мигранти од Обединетото Кралство во С. Македонија, кое и овој пат, како и пролетта 2025 година, го отворија британските медиуми, засега нема ниту една официјална поткрепа освен на неименуван извор од кој „Тајм“ наведува дека „дознава“. Токму затоа и во првичниот текст медиумот оди со наслов „…би можеле да бидат депортирани во С. Македонија“, а не како готов факт

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Бидејќи прашањето на можно враќање мигранти од Велика Британија во земјава е извор на манипулации, дезинформации, но и тврдења зад кои стојат неименувани извори во британските медиуми, накратко да се потсетиме како започна приказната:

Британскиот медиум „Тајм“, а потоа и некои други излегоа со тврдење дека британските баратели на азил од трети земји на кои не им е одобрен, би можеле или ќе бидат транспортирани во С. Македонија. Ова се случува минатата недела на 5 декември.

Опозициската партија СДСМ, (а и некои медиуми во најавите на вестите), го прифаќа ваквиот наратив како готов факт и излегува со соопштение со наслов „Предавникот Мицкоски ја претвора Македонија во мигрантски камп, за пари“

По ова следува одговорот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во чиј суштински дел се наведува:

Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од „фабриката” на истата партија која пред само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола. Денес, тие истите глумат загрижени патриоти соопштение на ВМРО-ДПМНЕ од 05.12.2025 г.

Претходно во соопштението се наведува:

Криминалците за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот. Кога немаат аргументи, кога фактите им се против нив, СДС бега во фантазии и хорор-сценарија.

Веста не ја измисли СДСМ, туку само ја „хендлуваше“

Но, вестите не ги измислија во СДСМ, туку потекна од текст на британскиот Тајмс од 05.12.2025 со наслов „Failed asylum seekers could be deported to North Macedonia“ (Барателите на азил кои не добиле одобрување би можеле да бидат депортирана во Северна Македонија). Во поднасловот на текстот се наведува „балканската земја е во формални преговори со ОК за да биде домаќин на едно од засолништата за враќање…“, со што премиерот Кир Стармер се надева дека ќе ги одврати мигрантските бранови кои со мали чамци преку Каналот се обидуваат да влезат во Обединетото кралство.

По ова се јави и британската амбасада во Македонија со објава на социјалната мрежа „X“ во која се наведува следното:

По клучната средба меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, Велика Британија и Северна Македонија воспоставија Стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји. Како дел од ова, двете земји потпишаа партнерство Влада со Влада за реализација на критични инфраструктурни проекти во земјава. Оваа соработка беше зајакната и од двајцата премиери за време на средбата во рамки на Берлинскиот процес што се одржа во Британија во октомври оваа година.

Дополнително, двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнувајќи ја безбедноста и справувајќи се со криминалните мрежи. Ние стоиме цврсто со нашиот македонски сојузник во НАТО во унапредувањето на просперитетот, безбедноста и економскиот раст, стои во објвата на фејсбук профилот на Британската амбасада, се наведува во објавата од амбасадата на Велика Британија (извор ТУКА).

Иако СДСМ излезе по ова со ново соопштение во кое се наведува дека текстот од амбасадата бил потврда на првичното тврдење на Тајм, прецизното читање на текстот и во оригинал објавен на мрежата X, не наведува нешто такво што би го оправдало тврдењето на СДСМ.

 

Демант од Владата

И Владата преку портпаролката Марија Митева ја демантираше информацијата на британските медиуми, во одговор на прашање од СДК (пренесува РСЕ, а според истиот медиум, портпаролот на Даунинг стрит 10 одбил да ги коментира тврдењата на британските медиуми, т.е. попрецизно на „Дејли Мејл“ за плановите за отворање на центри за враќање на мигранти ).

Ваквиот напис е за внатрешно-политичка употреба. Единствената вистина е таа што ја кажа и амбасадорот на Британија во Македонија Метју Лосон во јавна изјава во мај, кога категорично ги отфрли тврдењата дека Македонија ќе прифаќа мигранти, изјави Митева за СДК.мк.

Сите други дополнителни пропратни соопштенија од опозицијата или директни тврдења дека Владата молчи, или пак, во кои се поставува под знак прашање легитимноста на владата или премиерот да преговара за мигрантски кампови, остануваат како дел од политичкиот фолклор.

Фактите, засега (05.12. до пладне), се следни:

Приказната од „Тајм“ во која се тврди дека двете земји отпочнале формални разговори за ова прашање некаде во есента, се темели на анонимен извор или извори на весникот од кои „Тајм“ „дознава“.

Македонската Влада и владејачката партија тврдат дека веста не е точна и дека не се преговара за кампови за мигранти, а тоа не го споменува ни амбасадата на Велика Британија во Скопје во својата објава: Двете земји имаат соработка и во прашањето за справување со нелегалната миграција, поточно „преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнувајќи ја безбедноста и справувајќи се со криминалните мрежи“ (Британска амбасада во Скопје).

Од ова, засега, не може да се тврди дека британски мигранти би биле упатувани во С. Македонија, без оглед дали би биле сместувани во мигрантски камп или на друг начин, по што би биле слободни да решаваат за нивната натамошна судбина – барање азил во РСМ или барање статус на економски мигрант.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција