Милошоски: Димитриев, нема да бидете само премиер, туку и министер за внатрешни и министер за труд и социјала

Антонио Милошоски на собраниската седница за избор на преодната Влада Фото: Принтскрин

На собраниската седницата на која се гласаше за избор на преодната Влада, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, меѓу другото, изјави:

Тоа што на крајот треба да се напомене и да се знае, вечерва, доколку министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политка не дојдат навреме, или не ги потпишат заклетвите, кои се должни да ги потпишат како министри во Владата на Република Македонија, тогаш почитуван колега Димитров, вие од вечерва нема да бидете само премиер, туку ќе бидете и министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика сè додека согласно Уставот и законите, како што треба, секој министер не даде и не потпише свечена заклетва дека ќе работи  согласно Уставот и законите на оваа држава…

[Извор: Курир, Видео: 4.00-4.40 мин,  Датум: 18.01.2016]

Образложение:

Во експозето и во предлогот на новиот  премиер Емил Димитриев, за нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика се предложени Оливер Спасовски и Фросина Ременски.  ( Тоа што тие не дојдоа на седницата и не ги потпишаа свечените изјави предизвикува друг правен момент, кој не ја тангира невистинитоста на оваа изјава.)

Инаку, според член 94 од Уставот на Република Македонија:

Член на Владата има право да поднесе оставка.Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата. За предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.

Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.  [Пристапено на 19.01.2016]

Во Законот за владата во член 3 став 2 прецизно стои дека:

При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. [Пристапено на 19.01.2016]

Во член 93, став 2 од Деловникот за работа на Владата децидно е кажано дека:

Во случаевите кога министерот е отсутен или спречен да учествува во работата на Владата, по претходна најава кај претседателот на Владата, на седницата на Владата присуствува неговиот заменик  [Пристапено на 19.01.2016]

На собраниската седница на 18.01.2016 година   Димитриев го предложи истиот состав и на заменици и дополнителни министри, кои беа изгласани во рамки на оваа собраниска седница.

Заменик министер за одбрана останува Иљми Селами, Земри Ќамиљи во МВР, Билјана Бришкоска Бошковски во Министерството за правда, Драгана Кипријановска во МНР, Ардиан Џеладини во Министерството за финансии, Христијан Делев во Министерството за економија, Ванчо Костадиновски во Министерството за земјоделство, Јовица Андовски во Министерството за здравство, Спиро Ристовски во Министерството за образование и наука, Ибрахим Ибрахими во Министерството за труд и социјална политика, Љупчо Пренџов во Министерството за локална самоуправа, Драган Недељковиќ во Министерството за култура, Тимпо Муцунски во Министерството за информатичко општество и администрација, Ниметуља Хаљими во Министерството за транспорт и врски и Стево Темелковски во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Дополнителен заменик министер за внатрешни работи е Митко Чавков, дополнителен заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов, дополнителен заменик министер за финансии Кире Наумов, дополнителен заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски и дополнителен министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски. [Пристапено на 19.01.2016]

Во член 48 од Законот за органите на државната управа  е наведено:

  1. Собранието на Република Македонија именува и разрешува заменик на министерот на соодветното министерство на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија.
  2. Заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето.
  3. Заменикот во соработка со министерот врши работи од надлежност на министерот што тој ќе му ги довери. [Пристапено на 19.01.2016]

Од сето ова јасно се гледа дека не премиерот, туку замениците-министри ги заменуваат министрите, така што изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски е невистинита.

Извори:

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција