Министерот Филипче не го консултира правникот Тодоров, туку епидемиологот Даниловски

[Рецензија: ,,Министерот за смрт” веќе не е тоа, Филипче секој ден се слуша со Тодоров]

Министерот за здравство, Венко Филипче, на 22 март гостуваше во емисијата Детектор на телевизија „Сител“, каде одговараше на прашања од граѓаните поврзани со корона-вирусот. Во еден од одговорите тој откри дека се консултира со врвен епидемиолог и поранешен министер за здравство, притоа воопшто не наведувајќи го неговото име.

Линк до оригиналниот напис: ,,Министерот за смрт” веќе не е тоа, Филипче секој ден се слуша со Тодоров

Датум и време на објавување: 22.3.2020, 18:01

Датум на рецензија: 23.3.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Прашањето од новинарката во емисијата гласи:

Лидерот на опозицијата ве обвини дека оние доктори што работат во јавното здравство кои гравитираат блиску до ВМРО-ДПМНЕ се ставаат на страна и не се користат нивните знаења. Дали е ова точно?

Во подолг и опсежен одговор, министерот објаснува дека дневно политичките интереси не се нималку важни во ситуацијата за справување со корона-вирусот, дека ги одбегнува таквите инсинуации поради сериозноста на состојбата и дека се консултира со поранешен министер за здравство, кој е стручен од областа на епидемиологијатa и кој е од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Името на поранешниот министер за здравство воопшто не е споменато од страна на министерот Филипче.

Јавните настапи не сум ги употребил за каква БИЛО политичка цел. Ова е премногу сериозно прашање, кое што ги надминува дневнополитичките интереси и обидите политички да се поентира. Во рамките на Комисијата за заразни болести има експерти кои со години работат таму. Тие не ни знам од каква политичка провениенција се. Луѓето што работат директно и медицинските сестри и лекарите, исто така. Мораме да го надминеме ова прашање на добивање политички поени кога станува збор за јавното здравје. Секојдневно сме во комуникација и совети добивам од еден поранешен министер од ВМРО-ДПМНЕ за здравство, којшто има експертиза од областа на епидемиологијата и тоа го користиме за размена на искуства, совети итн. Нема тука поделба на ниту еден доктор, медицинска сестра, здравствен работник кога се работи за ваква работа. (28 минута и 47 секунда до 29 минута 30 секунди во видеото).

Меѓутоа, во текстот што го рецензираме, во изјавата на министерот е додаден дел што тој воопшто не го кажува.
А тоа е, дека ексминистерот за здравство, Никола Тодоров, инаку правник по професија, е консултант на Филипче за стручни совети и експертиза од областа на епидемиологијата. Ваквата информација не е вистинита.

Секојдневно сме во комуникација и совети добивам од еден пopaнешен министep за здpaвство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, кој има експepтиза од областа на епидемиологиjaта. Тоа ние го користиме за сосема соодветна комуникациja, за размена на искуства и совети. Нема тука поделба на ниту еден доктор по политичка основа, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

Неточната информација не само што се пласира како да е дадена од Филипче, туку е и надоградена со инсинуации, наводна меѓупартиска пресметка и еден вид хушкање:

Кога СДСМ беше во опозиција не штедеше навреди и жесток говор на омраза кон тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров. Најморбидна етикета што му ја залепија беше „министер за смрт“. Но, денес тоа не важи. Тодоров веќе за нив не е „министер за смрт“, туку експерт што им помага со совети за борбата против коронавирусот.

Насловот покрај тоа што генерално е шпекулативен и сензационалистички, е фактички неточен, а истото се однесува и на текстот. Демант пристигна и од министерот за здравство, кој објасни дека експертот епидемиолог и поранешен министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, всушност, е професор доктор Драган Даниловски.

Медиумите треба секогаш веродостојно и прецизно да ги пренесуваат изјавите, особено во состојба на ширење на заразна болест и вонредна состојба воведена во земјава, а која е од интерес на секој граѓанин. Преку објавата, некој можел да се посомнева дека здравствените власти се консултираат со лица што не се стручни од посочената област, како во случајов, дека, наводно, правник е консултиран за епидемиологија.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција