Министерот Спасовски со повисока плата од премиерот Заев

vlada.mk

 

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во октомври примил поголема плата од премиерот Зоран Заев. Податоците добиени од Владата, а кои „Вистиномер“ ги побара за  проверка на едно од изборните ветувања на СДСМ поврзано со отчетноста на власта, покажуваат дека нето – платата на министерот Спасовски која изнесува 92.299,00 денари, е повисока од нето – платата на премиерот Заев која е 88.161денари, за 4.138 денари или околу 70 евра .

„Вистиномер“ деновиве (09.11.2018),  направи оценка на ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 година), со кое се обврза дека во првите шест месеци од мандатот ќе воведе мерки со кои секој граѓанин од својот компјутер ќе може да провери колкава е платата на секој министер, дали и колкави надоместоци зема за патни или други трошоци“.  Ова изборно ветување  на СДСМ,  наведено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“,   во рамките на „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“ ( стр.231), ја доби оценката  „делумно исполнето“.

Да појасниме дека по објавувањето на споменатиот текст (оценката на ветувањето), денеска (13.11.2018) од Владата добивме  нови податоци за нето-платата на министрите, со објаснување дека во консултација со службите има измени во првичните податоци кои ни беа испратени по електронска пошта. Според новите податоци, најниската министерска нето-плата исплатена во октомврои е 66.117,00 денари , околу 1.075 евра ( Асаф Адеми, министер за култура), а највисоката  е 92.299,00 денари, околу 1.500 евра (Оливер Спасовски, заменик на претседател на Владата и министер за внатрешни работи).  Овие суми се повисоки во однос на првичната листа објавена во текстот од 09.11.2018 година, а во која, пак,  немаше доставено податоци  за платата на министерот Оливер Спасовски. Разликата во висината на нето – платите на министрите во двете листи се движи од 300 до 12.000 денари.

Во интерес на коректно информирање ги објавуваме и новите податоци за нето-платите на министрите, сепак, да напоменеме дека оценката на изборното ветување на социјалдемократите останува иста – „делумно исполнето“.  Бидејќи, како што веќе кажавме во претходниот текст, идејата на самото ветување не е граѓаните (медиумите, невладините организации) да упатуваат специјални барања за добивање вакви информации од јавен карактер, или пак, да пресметуваат колкави се платите на министрите, туку ваков податок да добијат на едноставен начин, преку софтверска алатка која треба да биде објавена на видно место и веднаш да паѓа в очи. Проверка, која барем засега не може да ја направат со едно кликнување од компјутер. Но, со оглед на тоа што е реализиран еден дел од ветувањето, воведена е  Алатката за отчетност за патните и други трошоци на министрите, истото го оценивме како делумно исполнето.

 

1. Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија  88.161,00 денари;
2. Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори,  80.206,00 денари;
3. Оливер Спасовски, заменик на Претседателот на Владата и министер за внатрешни работи  92.299,00 денари;
4. Радмила Шеќеринска, заменичка на претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана  79.150,00 денари;
5. Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања  75.635,00 денари;
6. Хазби Лика, заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем  76.340,00 денари;
7. Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација  69.370,00 денари;
8. Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност  71.970,00 денари;
9. Никола Димитров, министер за надворешни работи  71.644,00 денари;
10. Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство  68.068,00 денари;
11. Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика  67.743,00 денари;
12. Драган Тевдовски, министер за финансии  70.346,00 денари;
13. Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа  66.442,00 денари;
14. Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора  68.719,00 денари;
15. Крешник Бектеши, министер за економија  68.393,00 денари;
16. Арбер Адеми, министер за образование и наука  68.719,00 денари;
17. Садула Дураки, министер за животна средина и просторно планирање 72.621,00 денари;
18. Аксел Ахмедовски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија  70.994,00 денари;
19. Венко Филипче, министер за здравство  68.393,00 денари;
20. Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија  77.825,00 денари;
21. Асаф Адеми, министер за култура  66.117,00 денари;
22. Бардул Даути, министер без ресор, задолжен за странски инвестиции 69.695,00 денари;
23. Горан Сугарески, министер за транспорт и врски  71.644,00 денари;
24. Рената Дескоска, министерка за правда  72.296,00 денари;
25. Аднан Ќахил, министер без ресор задолжен за странски инвестиции  74.898,00 денари;
26. Зорица Апостолска, министеркa без ресор задолжена за странски инвестиции  76.793,00 денари.

Висина на нето-платата исплатена во октомври 2018 година; Извор: Влада на РМ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција