Министерот Тошковски не ги врбува полицајците да носат брада
Не може да се каже дека Тошковски ги врбувал полицајците да носат бради, бидејќи тоа не е барање на Тошковски, туку на Независниот синдикат на полицијата
Не може да се каже дека Тошковски ги врбувал полицајците да носат бради, бидејќи тоа не е барање на Тошковски, туку на Независниот синдикат на полицијата
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Фрустрациите не можат да се измерат на кантар.
Ако Тошко носи брада, треба ли полицијата да ја врбува?
Како што веќе пишуваше Вистиномер, Министерството за внатрешни работи донело нов правилник за однесувањето и меѓусебните односи на работниците во министерството со кое се дозволува полицајците да носат уредна и кратка брада и тетоважи.
Како што нè информираа од Министерството за внатрешни работи, согласно извршените измени, на полициските службеници кои носат униформа им се дозволува да носат брада, но исклучиво доколку истата е кратка, уредна и редовно одржувана, односно не го нарушува професионалниот и службениот изглед на полицискиот службеник. Со оваа измена не се предвидува можност за носење долга или неуредна брада, туку се утврдува обврска за одржување на уреден и достоинствен изглед, соодветен на природата и угледот на полициската професија.
Со наведените измени се постигна усогласување на Правилникот со современите практики и потребите на полициските службеници, притоа задржувајќи ги стандардите за професионалност, дисциплина и углед на полициската служба, ни одговорија од МВР.
Барањето за измени во Правилникот нема никаква врска со министерот Панче Тошковски. Тој ниту ги иницирал овие промени, ниту пак ги „врбува полицајците да носат брада поради лични фрустрации“, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме.
Имено, измените на Правилникот се направени по барање и по иницијатива на Независниот синдикат на полицијата.
Еден можеби мал чекор за Министерството и синдикатот, но многу значаен во насока на подготвеноста за спроведување на реформи и слух за потребите на колегите од страна на раководството. Како резултат на континуираното барање на Независниот синдикат на полицијата, во целост е прифатен предлогот за укинување на забраната за користење на мобилни телефони на граничната полиција, сообраќајната полиција и управните служби, како и дозвола за носење на уредна брада и тетоважи од страна на униформираната полиција што е значаен чекор за либерализација и модернизација на условите. Ова претставува уште една потврда дека преку аргументиран дијалог, упорност и заедничка работа може да се дојде до решенија кои го подобруваат професионалниот статус и работните услови на полициските службеници, објавија од Синдикатот.
Значи, како што посочуваат оттаму, станува збор за континуирано барање на Синдикатот, што значи дека тоа влече корени од пред неколку години, не од мандатот на Тошковски, ниту пак се поврзува со актуелниот министер.
Од фотографијата може да се види дека барање за измени на правилникот со кои би се дозволиле бради и тетоважи Независниот синдикат поднесувал и во 2023 година, една година пред Тошковски да стане министер.
Според ова, не може да се каже дека Тошковски ги врбувал полицајците да носат бради, бидејќи тоа не е барање на Тошковски, туку на Независниот синдикат на полицијата.
Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар