Министерството за финансии нема поддршка од сите Комори

Стопанска комора на Северозападна Македонија не дава поддршка за новото задолжување. Фото: Мета

 

Трите најголеми Стопански комори во земјава имаа средба со новиот министер за финансии Кирил Миноски, по што Министерството за финансии излезе со соопштение на 7 јули, во кое меѓудругото се вели:

Стопанските комори ги поддржуваат економските мерки на Владата, особено оние за поддршка на извозните компании и за инвестирање во инфраструктурните проекти. Стопанските комори ги поддржуваат економските мерки на Владата, особено оние за поддршка на извозните компании и за инвестирање во инфраструктурните проекти.

[Извор: Министерство за финансии, Датум: 07.07.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Дел од ова соопштение на Министерството за финансии се оценува како невистинито.

Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСМ) на прес-конференција на 11.07 изрази разочарување од искривувањето на вистината во наведеното соопштение на Министерство за финансии.

Директорот на СКСМ, Фатмир Бикиќи изјави:

Министерство за финансии по средбата со претставниците од Комората испрати соопштение во кое се вели дека коморите ги поддржуваат политиките на Владата, што е искривување на вистината. Се знае која од Коморите може да даде поддршка, но ние како СКСМ ја изразивме загриженоста на нашите членки за непродуктивните расходи и зголемување на долгот. Ние сме за стимулирање на рамномерен развој, а не за селективен пристап за поддршка на претпријатијата. Исто така укажавме дека сме за еднаков третман на домашните и странските инвеститори.

Во насока на тоа дека СКСМ не ги поддржува владините политики е и ставот на Комората дека Владата новата еврообврзница ќе ја искористи за покривање на тековните обврски, односно за исплата на плати и на пензии, а стопанството како и досега нема да има голема полза.

Директорот Бикиќи додаде:

Досега од задолжувањата не сме виделе вистинско искористување на средствата за капитални инвестиции и за суштински развој на економијата. Ако парите се користат за пензии, плати, социјални трансфери, тоа не е свеж капитал за економијата, туку задржување на социјалниот мир.

Со сродна оценка, Бикиќи се произнесе и во разговор за „Фактор“. Тој потенцираше дека СКСМ секогаш ќе ја поддржи Владата кога таа ќе настапи со развојни политики, а побара и подеднаков третман на домашните и странските инвеститори.

Нашата комора поддржува претприемништво како катализиатор за економски развој, барајќи еднаков третман на домашните и на странските инвеститори, што не е случај на оваа актуелна Влада. Нашата комора бара униформирана примена на нашето законодавство, како предуслов за правната држава и неселективен пристап на Владата за уплата на долговите кон компаниите. За развојни политики, не само министерот за финансии туку секој свесен политички актер ќе добие безрезервна поддршка од нашата комора.

Со овие изјави на директорот на СКСМ, Фатмир Бикиќи, соопштението на Министерство за финансии дека стопанските комори ги поддржуваат економските мерки на Владата се оценува како невистинито.

 

ИЗВОРИ

 

 

Оценето од: Силвана Жежова

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција