Министерството за здравство не нуди лек против болката во грбот и вратот
Според сите параметри ова е вообичаена онлајн измама која неетички си поигрува со маката на луѓето кои навистина имаат проблеми и болки во грбот и вратот, со цел да потрошат пари за производ што наводно веднаш ќе ги излечи. Притоа се искористуваат називот на Министерството за здравство, логото на фармацевтите – „Садот на Хигија“, украински доктор кој лажно е прикажан како македонски доктор за да се даде привидна автентичност на измамата. А, притоа, лекот ветува брда и планини, речиси целосно излекување од болести за коишто со децении се трага по вистински лек и кај кои најчесто се менаџираат симптомите, наместо целосно лекување на болеста
Според сите параметри ова е вообичаена онлајн измама која неетички си поигрува со маката на луѓето кои навистина имаат проблеми и болки во грбот и вратот, со цел да потрошат пари за производ што наводно веднаш ќе ги излечи. Притоа се искористуваат називот на Министерството за здравство, логото на фармацевтите – „Садот на Хигија“, украински доктор кој лажно е прикажан како македонски доктор за да се даде привидна автентичност на измамата. А, притоа, лекот ветува брда и планини, речиси целосно излекување од болести за коишто со децении се трага по вистински лек и кај кои најчесто се менаџираат симптомите, наместо целосно лекување на болеста
Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека со „нов метод“ може да ја излечите болката во грбот и вратот. Станува збор за класична онлајн измама.
Во рамките на објавата споделено е видео во кое со неприроден говор е претставен некој доктор што го кажува следното:
Болка во долниот дел на грб, непријатни сензации во нозете и задникот, ќе ве однесат на операција. Бидете внимателни, ова е првиот аларм што ве предупредува, ’рбетот е во опасност слушајте внимателно што ќе ви кажам.
Во видеото се користат букви од српската и бугарската азбука (на пр.: српското „ђ“, бугарското „я“ и „й“), а со децидно македонска граматичка конструкција на речениците, но бугарски акцент, што укажува на тоа дека се работи за многу неквалитетно видео изработено со вештачка интелигенција.
Во објавата има линк што води до веб-страница (архивирана верзија) којашто лажно се претставува како да е Министерството за здравство и истовремено има текст со сензационалистички наслов каде се промовира лекот:
Не игнорирајте болката во грбот и вратот! Најефективниот метод за лекување на зглобовите и обновување на ‘рбетот од македонскиот лекар Александар Стојанов
Оваа реклама за наводниот продукт за лекување на болки во грбот и вратот, „OsteAction“ кремот, е презентирана на потрошувачите со неетички и лажен маркетинг, со лажни фотографии кои се користат да се потенцира ефикасноста на продуктот, како и ред други јасни знаци дека се работи за измама.
Прво, треба да се напомене дека на веб-сајтот се злоупотребени Министерството за здравство и светското лого за фармација, „Садот на Хигија“, за да се даде привиден авторитет и веродостојност на измамата – да наликува како да е официјалната страница на Министерството.
Според списокот на доктори со важечки лиценци, објавена на страницата Лекарска комора на Република Северна Македонија, може да се види дека постојат само двајца заведени доктори со активна лиценца кои се викаат „Александар Стојанов“. Едниот д-р Стојанов е епидемиолог, другиот д-р. Стојанов е доктор по трудова медицина (пренесено од Сител). Ниту едниот ниту другиот не личат на докторот што е прикажан во написот.

Д-р Стојанов, епидемиологија – лево; Д-р Стојанов, трудова медицина – десно
Човекот прикажан во написот е д-р. Васиљ Чајка, украински доктор кој според украинската истражувачка организација „Хромадске“, иако е специјализиран во физикална и рехабилитациона медицина тој наводно лекувал и рак. Во истражувањето на Хромадске пишува:
Неговите методи за „лекување“ на ракот се засноваат на псевдонаучни теории дека болеста произлегува од „конфликти и искуства“. А единствената официјална специјализација на Чајка воопшто не е поврзана со онкологија.
Со други зборови, настрана што вистинскиот д-р Чајка има проблематични практики за „лекување“ на пациенти, неговиот лик е „украден“, односно искористен за да се претстави непостоечки д-р. Александар Стојанов.
Понатаму, кремот „OsteAction“ не може да се најде на регистарот на лекови. Тоа значи дека не само што не е регистриран во државата, туку отсуствува каков било извештај и детали за фармацевтските особености на лекот, начинот на употребна и слично. Па заради тоа не може да се провери, како што наведено е во измамничката страница, дека препаратот наводно ги поминал клиничките испитувањата во САД, Германија и Израел, како и кај нас во С. Македонија, кога нема никакви докази за истото.
Се разбира оваа крема ја нема во аптеките во земјава (на пр. Зегин) и се нуди исклучиво онлајн на вакви сомнителни страници.
Дополнително, се споделува небулозна табела со наводните резултати врз „контролна група од 1.980 пациенти на возраст од 40 до 80 години“ каде се прикажани невозможни проценти на целосно лекување од редица болести.

За сите од горенаведените болести не постои препарат што целосно ќе ги излечи, туку достапни се различни опции за третман за управување со симптомите, забавување на прогресијата на болеста и подобрување на квалитетот на животот на пациентите со овие состојби.
А, настрана тоа што за секое рандомизирано клиничко испитување потребна е контролна и експериментална група – или група на испитаници на кои им се дава плацебо и група на која ѝ се дава вистинскиот препарат.
Исто така, страницата каде се продава овој препарат е во добропознат шаблон на измамнички страници кои ги намамуваат корисниците да купуваат различни препарати или производи. Ниту едно копче на страницата не функционира онака како што би се очекувало и сите копчиња водат до местото каде треба да се остават лични податоци, коишто понатаму може да се злоупотребат. Како и во други случаи на вакви измами и тука најдолу на страницата има наводни коментари, т.е. сведоштва од задоволни потрошувачи кои го купиле и пробале препаратот, а чии фотографии се преземени од разно-разни места на интернет.
Според сите параметри, ова е типична онлајн измама која неетички си поигрува со маката на луѓето кои навистина имаат проблеми и болки во грбот и вратот, со цел да потрошат пари за производ што наводно веднаш ќе ги излечи. Притоа лажно се искористуваат називот на Министерството за здравство, логото на фармацевтите „Садот на Хигија“, украински доктор кој лажно е прикажан како македонски доктор за да се даде привидна автентичност на измамата. А, притоа лекот ветува брда и планини, речиси целосно лекување од болести за коишто со децении се трага по вистински лек и кај кои најчесто се менаџираат симптомите, наместо целосно лекување на болеста.
Поради наведените факти оваа објава ја оценуваме како дезинформација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар