Mинистре Тодоров, и ние ги читаме извештаите за здравството на кои се повикувате
На 12.06.2016 година, во интервју за порталот Прес 24 насловено “Не требаат розови очила за да се видат капиталните инвестиции во здравството” , министерот за здравство Никола Тодоров, меѓу другото, ја даде и следнава изјава:
... најрелевантен показател за постојаниот напредок во областа на здравството е европскиот здравствен потрошувачки индекс (EHCI – European Health Consumer Index), каде Република Македонија веќе две години по ред е високо рангирана, а за период од една година остваривме напредок од вкупно 11 места …
[Извор: Прес 24“Никола Тодоров: Не требаат розови очила за да се видат капиталните инвестиции во здравството”, Датум: 12.06.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на министерот за здравство ја оценуваме како делумно вистинита.
Досега министерот Тодоров во повеќе наврати се повикува на резултатите од истражувањето на европскиот здравствен потрошувачки индекс (EHCI – European Health Consumer Index) , притоа користејќи селективен пристап во презентирањето на резултатите од истражувањето.
Европскиот здравствен потрошувачки индекс (EHCI – European Health Consumer Index) е извештај за проценка на европките системи за здравствена заштита врз основа на 48 индикатори, според кои се утврдува рангирањето на 35 земји опфатени со истражувањето. Индексот се подготвува од страна на Health Consumer Powerhouse, досега се подготвени извештаи за годините од 2005 до 2009 и од 2012 до 2015.
Во извештајот од 2013 година Македонија е рангирана на 28-мо место од вкупно 35 земји. Во извештајот од 2014 година Македонија е рангирана на 17 -то место од вкупно 37 земји, а во 2015 година на 18-то место од вкупно 35 земји.
Со ова се потврдува вистинитоста на дел од изјавата на министерот Тодоров дека Македонија бележи скок за 11 места во рок од една година, но не и дека земјата е високо рангирана бидејќи во истражувањето за 2015 година според вкупната оценка, Македонија е рангирана на 18 место од вкупно 35 земји.
Bo извештајот за 2015 година е наведено дека високото рангирање на Македонија се должи пред се на индикаторот пристапност (време на чекање за лекување). Имено, Македонија е високо рангирана по овој критериум поради воведувањето на “Национален систем за електронска евиденција во здравството”, односно “Moj термин” за што е највисоко оценета. Но, она што Тодоров никогаш не го споменува кога многу пати се повикува на истиот извештај е дека Македонија е најниско рангирана од вкупно 35 земји по индикаторите намалување на мозочни удари, смрт на новороденчиња, лечење на канцерогени заболувања, дијализа надвор од клинички услови.
Преглед на индикатори по однос на кои Македонија е негативно оценета и најниско рангирана во рамки на европскиот здравствен потрошувачки индекс (резултати резимирани од EHCI – European Health Consumer Index 2015) :
- Намалување на мозочни удари – последно 35-то место
- Дијализа која се врши надвор од клиника – последно 35-то место
- Смрт на новороденчиња – 33-та од вкупно 35 земји
- Надминување на канцерогени заболувања – 33-та од вкупно 35 земји
- Долгорочна грижа за стари лица – 32-ра од вкупно 35 земји
- Трансплантација на бубрези – 29-та од вкупно 35 земји
- Намалување на кардиоваскуларни заболувања – 28-ма од вкупно 35 земји
- Превенција од пушење – 27-ма од вкупо 35 земји
- Правичност на здравствениот систем – 23-та ов купно 35 земји
- Висок крвен притисок- 22-ра од вкупно 35 земји
Ова согледување на европскиот здравствен потрошувачки индекс (EHCI – European Health Consumer Index) докажува дека Македонија е средно рангирана од вкупно 35 земји, а не високо како што наведува министерот Тодоров. Скокот на 11 места од 2013 кон 2014 година се должи пред се на индикаторот пристапност (време на чекање за лекување), додека Македонија бележи најниски оценки по други индикатори наведени погоре кои министерот Тодоров не ги споменува. Поради сите овие аргументи, изјавата на министерот Тодоров ја оценуваме како делумно вистинита.
ИЗВОРИ:
- Прес 24 (12.06.2016): Никола Тодоров: Не требаат розови очила за да се видат капиталните инвестиции во здравството [Пристапено на: 20.6.2016]
- Европски здравствен потрошувачки индекс 2013 (EHCI – European Health Consumer Index) [Пристапено на: 20.6.2016]
- Европски здравствен потрошувачки индекс 2014 (EHCI – European Health Consumer Index) [Пристапено на: 20.6.2016]
- Европски здравствен потрошувачки индекс 2015 (EHCI – European Health Consumer Index) [Пристапено на: 20.6.2016]
- Нетпрес (27.01.2015): Тодоров: Реформите во македонскиот здравствен систем не застануваат [Пристапено на: 20.6.2016]
- Канал 5 (27.01.2015): Македонското здравство направи скок од 12 места на европскиот здравствен потрошувачки индекс [Пристапено на: 20.6.2016]
- Курир (23.03.2016): Реформите и инвестициите во здравството резултираа со скок од 12 места на ЕЗПИ- „Мој термин“ најдобра реформа [Пристапено на: 20.6.2016]
Oценето од: Mилена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар