Минорна вест од Егејска Македонија од 2019 г. лажно претставена како „бомбастична новост“
Повеќе Фејсбук-објави пренесуваат „бомбастична новост“ дека во Грција се појавиле летоци со повик за автономија на Егејска Македонија, но тоа е настан од 2019 г. и тоа минорен, а за него тогаш јавиле само таблоиди и новинарски „второлигаши“ од таа соседна земја. Тоа тогаш го пренеле и некои наши медиуми, но, за жал, многумина кај нас тоа не го „гуглаат“, т.е. не го проверуваат, па лесно „паѓаат“ на вакви „новости“
Повеќе Фејсбук-објави пренесуваат „бомбастична новост“ дека во Грција се појавиле летоци со повик за автономија на Егејска Македонија, но тоа е настан од 2019 г. и тоа минорен, а за него тогаш јавиле само таблоиди и новинарски „второлигаши“ од таа соседна земја. Тоа тогаш го пренеле и некои наши медиуми, но, за жал, многумина кај нас тоа не го „гуглаат“, т.е. не го проверуваат, па лесно „паѓаат“ на вакви „новости“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која започнува со зборовите:
ЛЕТОЦИ ЗА “АВТОНОМНА МАКЕДОНИЈА“ ВО ГРЦИЈА
11 април 2026 година, Солун, Македонија – Грчките медиуми јавуваат дека во неколку места во северниот дел на Грција се појавиле летоци со пораки поврзани со идејата за “автономна Македонија“.
Исти или слични Фејсбук-објави можат да се видат и на линковите: тука, тука, тука, тука и тука, па оваа рецензија ќе важи и за нив. Сите тие објави ја пренесуваат таа „бомбастична новост“, која „ја разбранувала јавноста“, но таа „новост“ е задоцнета дури 7 години, а своевремено била минорна, што детално ќе го објасниме. Тука ќе се сконцентрираме на објавата со која започнавме, а таа вели:
Според информациите што ги пренесуваат дел од медиумите во Грција, на летоците се споменува можноста за автономија на регионот кој во историски контекст е познат како Егејска Македонија.
Грчките новинарски портали претпоставуваат дека зад оваа иницијатива би можеле да стојат поединци или групи Македонци од егејскиот дел на Македонија, но засега нема официјална потврда за потеклото на материјалите.
Летоците, според објавите, биле поставени или дистрибуирани на повеќе локации, по што темата брзо се проширила и на социјалните мрежи.
Засега нема официјална реакција од грчките институции, ниту пак е потврдено кој стои зад нивното печатење и дистрибуција.
Темата повторно ги отвори дискусиите околу историските и политичките прашања поврзани со регионот Македонија, кои со децении претставуваат чувствителна тема во односите во регионот.
Покрај тој текст, во Фејсбук-објавата е споделен и јутјуб-клип за тие летоци, кого го гледаме подолу. Тој е објавен на 1.4.2026 г., што создава впечаток дека настанот е од поблиското минато, но тоа не е така. Тоа е репортажа на грчката приватна телевизија Стар од далечната 2019 г., што подолу го гледаме и од грчки јутјуб-канал, кој тоа го објавил во таа година, а сајтот на Стар тогаш објавил и напис на таа тема.
Значи, некој јутјубер објавил стара снимка, што, се разбира, не е никаков грев, но Фејсбук-објавата, која тука ја рецензираме и која го споделила тој клип, него лажно го претставува како нов.
Во долниот дел на клипот има т.н. кајрон, т.е. лента со вести на грчки јазик, кои јавуваат дека познатиот опозиционер од Венецуела, Хуан Гваидо, повикува на протести против тамошниот претседател Николас Мадуро, но таа вест сега би била бесмислена, зашто тој беше соборен од власт на 3.1.2026 г., па и тоа ни кажува дека клипот е стар, т.е. инцидентот со тие летоци во Грција е стар 7 години, а не е новост.
Арно ама, Фејсбук-објавата што ја рецензираме јавува дека тоа е актуелен настан, па таа дури започнува со датум („11 април 2026 година“), што создава впечаток дека токму тогаш се случил тој инцидент со летоците. Објавата помалку сензационалистички јавува дека во случајот се споменува „можност за автономија на Егејска Македонија“, со што „повторно се отвориле дискусиите за македонското прашање“ или нешто во тој стил, но со тоа ги доведува читателите во заблуда.
Тоа, како што видовме, е настан од 2019 г., а тој не покренал бурни дискусии. Покрај Стар, за тоа јавиле и Етнос, Лифо, Иефимерида и други медиуми од Грција, но веста ја нема кај оние најрелевантните од таа земја како што се: То вима, Та неа, Катимерини и Прото тема.
Тоа значи дека настанот бил од минорен карактер и дека не кренал толку „прашина“, а таа вест во Грција ја објавувале само таблоиди и новинарски „второлигаши“, кои од сè се обидуваат да направат сензација, особено ако задира во национализам и такви осетливи теми.
Тоа го гледаме и во споменатата репортажа на ТВ Стар, кај што е прикажан тој фамозен леток, кој, наводно, бил растуран во селата Овчарани (грчки: Мелити) и Горно Врбени (Ксино Неро) близу градот Лерин (Флорина), но и во градот Сер (Серес), а сето тоа е во Егејска или Грчка Македонија.
Летокот делува скромно и личи на обичен лист хартија од A4 формат, отпечатен на обичен принтер, а текстот на летокот е оскуден и е со правописни грешки. Наместо „ΑΥΤΟΝΟΜΙΑ ΤΗΣ ΜΑΚΕΔΟΝΙΑΣ“ (превод од грчки: „Автономија на Македонија“), таму пишува „ΑΥΤΟΝΟΜΙΑ ΤΙΣ ΜΑΚΕΔΟΝΙΑΣ“, што значи дека авторот на летокот ги измешал грчките букви „Η“ (Ита) и „Ι“ (Иота), зашто обете звучат слично на нашето „И“. Од тоа се заклучува дека тој не го познава грчкиот јазик и дека не е жител на тие простори.
Кој стоел зад тие летоци е непознато, но тие се потпишани со „ВМРО (Обединета)“, организација, која постоела пред еден век и која сигурно нема врска со случајов, а грчките националисти погрешно ја довеле во врска со партијата ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Грчките националисти сугерирале дека летоците ги растурал некој близок на таа политичка опција, т.е. наш сограѓанин, но за тоа не понудиле докази, па тука може имало лажни обвинувања и фалсификати од нивна страна.
Без никаква смисла, таа историска организација на летокот е наведена на латиница како „VMRO OBEDINETA“, но тоа може било сторено за да биде поразбирливо за жителите на Егејска Македонија, кои ја немаат изучувано кирилицата или тој што го фалсификувал летокот не ја изучувал, ама ова се само нагаѓања, затоа што не ја знаеме позадината на оваа приказна.
Сакајќи да каже дека ние како држава сме „опасност за Грција“ и дека „имаме територијални претензии кон Егејска Македонија“, Стар цитира изјави на Јанко Бачев, кој навистина споделувал такви ставови, но Стар го премолчиле фактот дека тој е маргинален политичар, чија партија нема ни еден пратеник во нашето Собрание. Тука станува јасен сензационализмот на Стар и нивната тенденција да ги преувеличуваат нештата. Така, тие ја преувеличиле и приказната за тој скромен леток, за чија позадина не се знае скоро ништо.
За овој леток била известена и тогашната влада на С. Македонија на премиерот Зоран Заев, на што нејзиниот портпарол Миле Бошњаковски изјавил дека земјава се оградува од тие летоци и така тоа завршило. Посериозни реакции од високи грчки политичари или меѓудржавни кавги и скандали околу ова немаме забележано, па и тоа е причина зошто случајов го сметаме за минорен.
За овој инцидент со летоците во 2019 г. пренеле и некои наши медиуми, но, за жал, многумина кај нас тоа не го „гуглаат“, т.е. не го проверуваат, па лесно „паѓаат“ на вакви „новости“.
На крај го заклучуваме следново. Во Фејсбук-објавата, која тука ја рецензираме, има по нешто вистина – некои грчки медиуми јавиле за појава на такви летоци, само што тоа кај нас сега е лажно претставено како новост и е лажно претставено како нешто, што ја „разбранувало јавноста“, па општата оценка за објавата е дека таа е делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар