Мицкоски прогласи изборна победа со помалку освоени гласови од противникот

Фото: Принтскрин веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

 

Откако Државната изборна комисија објави прелиминарни резултати од гласањето во рамки на првиот круг од претседателските избори, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогласи изборна победа, што всушност претставува невистинито тврдење од проста причина што бројките говорат нешто спротивно:

Победивме и тоа е победа на сите вас што сте овде, но и на сите оние кои што денеска ја поддржавте идниот претседател на Република Македонија проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова и идните градоначалници во Охрид и Ново Село, Николчо и Митре, јас од срце ви благодарам. Ги победивме сите оние остатоци од транзицијата, ги победивме сите оние неуспешни измамнички и криминални политики чии што предводник и олицетворение е Зоран Заев…, рече Мицковски на прес-конференција во партиското седиште по завршувањето на гласањето.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – „Власта е делегитимирана, почна падот на Зоран Заев и доаѓа правдата за Македонија!“ – датум 21.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во недела пред полноќ се обрати пред присутните во партиското седиште и до целокупната јавност. Кога веќе беа преброени гласачките ливчиња од 90 проценти од избирачките места, тој прогласи изборна победа на претседателската кандидатка што ја поддржува неговата партија, Гордана Силјановска – Давкова, а воедно им честиташе и на вмровските кандидати за градоначалници на Охрид и Ново Село, каде се одржаа и предвремени локални избори заедно со претседателските.

Оваа победа е велика затоа што е на народот и во вистински момент. На секој еден човек кој почувствувал на своите плеќи неправда, и истовремено одговорил борејќи се за правда. Од денес, ден недела, Цветници, Македонија има нова реалност. Македонија, горда, достоинствена, честита, праведна победи денеска. Победи Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот, најголемата, најсилната, коалиција, наспроти однародената власт предводена од Зоран Заев, СДСМ и уште други 30-тина партии, рече Мицкоски.

Но, тоа е спротивно на официјалните податоци од спроведените избори, кои покажуваат дека Силјановска – Давкова освоила помал број на гласови во споредба со противкандидатот на владејачката коалиција Стево Пендаровски. Притоа, иста е ситуацијата и во битката за градоначалник на Охрид, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошески освои помалку гласови во споредба со неговиот противкандидат од СДСМ Константин Георгиевски. Единствено, ДПМНЕ може да се пофали со победа во првиот круг во Ново Село.

Поточно, во битката за претседателската функција, Силјановска – Давкова во првиот круг освои 319.240 гласови, што е за 4.606 помалку од оние 323.846 гласови што ги освои Пендаровски. Практично, тие ќе се натпреваруваат во втор изборен круг за две недели, бидејќи освоија повеќе гласови од третиот кандидат поддржан од албанските опозициски партии Алијанса за Албанците и БЕСА, Блерим Река, кој всушност освои 79.915 гласови.

Што се однесува до локалните избори во Охрид, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Милошески освои 10.614 гласови, додека кандидатот на СДСМ Георгиески освои 13.037 гласови, или 2.423 повеќе. На овие избори, во првиот круг учествуваа уште тројца кандидати – Михаил Трендафилов-Нанче од Граѓанско-демократската унија, Стевче Стевовски од Демократи и Џемал Мена од БЕСА, кои вкупно освоија 3.211 гласови, кои може да одиграат клучна улога во вториот изборен круг.

Единствено, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови од конкурентот од СДСМ во натпреварот за градоначалник во Ново Село. Таму, Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ доби 2.753 гласови, додека Никола Андонов од СДСМ доби 2.693 гласови. Сепак, и тие ќе одат во втор круг за две седмици, бидејќи имало 103 неважечки ливчиња, поради кои ниту еден од кандидатите не ги добил потребните 50 отсто од гласовите на излезените избирачи за победа во првиот круг.

И покрај тоа што изборниот исход генерално може да се анализира како поразителен за владејачката коалиција на чело со СДСМ, чија поддршка драстично се стопи во однос на претходните изборни циклуси, сепак, гласовите во првиот круг на контото на кандидатите на ВМРО-ДМНЕ не се доволен аргумент за опозицискиот лидер Мицкоски да прогласи победа. Освен што Силјановска-Давкова освои помалку гласови од Пендаровски, таа освоила помалку гласови во однос на гласовите што ги освои ВМРО- ДПМНЕ на последните локални избори, по кои во партијата дојде до лидерска смена и внатрепартиски промени. Така што, изјавата на Мицкоски во која тој прогласи изборна победа  ја сметаме за невистина.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција