Мнозинството во Собранието има опција за блокираните закони за анти-кризна помош

Фото: Собрание на РСМ

СДСМ можеби со право реагира за блокадата на собраниска комисија што е раководена од опозицијата и без чија расправа не можат да поминат владините мерки за помош на загрозени делови од населението во услови на криза. Но, решение постои и ако навистина не може да се постигне меѓупартиски договор, владејачкото мнозинство секогаш има на располагање можеби непопуларно, но сепак решение за да се одблокира функционирањето на Собранието

СДСМ можеби со право реагира за блокадата на собраниска комисија што е раководена од опозицијата и без чија расправа не можат да поминат владините мерки за помош на загрозени делови од населението во услови на криза. Но, решение постои и ако навистина не може да се постигне меѓупартиски договор, владејачкото мнозинство секогаш има на располагање можеби непопуларно, но, сепак, решение за да се одблокира функционирањето на Собранието

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

СДСМ се пожали дека ВМРО-ДПМНЕ веќе три недели ги блокира анти-кризните мерки на Владата за финансиска помош на загрозени делови од населението, на тој начин што пратеникот од опозициската партија Бобан Стојановски кој во исто време е претседател на Комисијата за финансирање и буџет, не ја закажува седницата на ова работно тело, со цел тие да стигнат на пленарна седница.

Во соопштението меѓу другото се вели:

ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно опструира законски решенија додека граѓаните чекаат помош од државата.

Ова е уште една потврда на крајното лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна продаваат загриженост за граѓаните, а од друга го кочат и опструираат разгледувањето и усвојувањето на мерките за помош.

Околу 200.000 лица од ранливите категории, пензионери со ниски пензии, приматели на минимална помош и самохрани родители со нетрпение ја очекуваат финансиската помош, која треба да ја добиваат наредните четири месеци.

Ден претходно, во Собранието за ова говореше и пратеничката од СДСМ Даниела Колева на прес конференција, при што меѓу другото рече:

За потсетување, потребата од усвојување на овој закон е утврдена уште на 17.10 оваа година и веќе трета недела седница на Комисијата не е закажана. Како и многу пати досега, ВМРО-ДПМНЕ повторно свесно и намерно опструира законски решенија додека граѓаните чекаат помош од државата. Ова е пример за класична негрижа и класично лицемерие, обвинуваат дека мерките се задоцнети а тие не закажуваат комисии каде мерките треба да се разгледаат а потоа и да се усвојат од страна на Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ не негира дека блокира

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ не негира дека ги блокира измените на законите кои би овозможиле да почне да се применува владиниот антикризен сет-мерки за помош на одредени категории население. Од оваа партија на соопштението на СДСМ кое што носеше наслов дека е срамно што ВМРО-ДПМНЕ блокира, одговорија по неколку часа дека било срамно што СДСМ со најголем буџет од 5,3 милијарди евра ќе одвојувале 750 денари помош…

Потоа во соопштението се редат повеќе економски предлози на ВМРО – ДПМНЕ меѓу кои три директно се однесуваат на материјата што е блокирана во собраниската комисија:

Дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните со категории на граѓани кои се испуштени (сите самохрани родители, средношколците, невработените лица кои се активни баратели на работа според евиденцијата на АВРМ, децата без родители и родителска грижа, како и корисниците на гарантирана минимална помош). Финансиската поддршка од 3000 денари наместо четири месеци да биде секој месец додека има прогласена кризна состојба, односно заклучно со април 2023 година.

За примателите на пензија со износ до 14.000 денари финансиската поддршка да биде 3000 денари месечно, за пензија до 30.000 денари 2000 денари финансиска поддршка и за останатите пензионери по 1000 денари месечно додека трае кризната состојба.

За студентите предлагаме враќање на мерката субвенциониран студентски оброк како минатата академска година, но со субвенција која ќе биде 160 денари дневно…

Предлози без кумулативни суми

Како што може да се види, ВМРО-ДПМНЕ преку блокирање се обидува да го убеди мнозинството дека предлог-мерките што тие ги предлагаат се подобри од оние на власта. Но, како по обичај, прво овие предлог-мерки не се поткрепени со вкупни финансиски бројки, кои беа една од причините зошто креирањето на владините мерки траеше повеќе недели пред да бидат соопштени на 9-ти октомври од премиерот Димитар Ковачевски.

Тоа значи ВМРО-ДПМНЕ не дава кумулативни бројки што би можеле да и помогнат на јавноста да процени дали тие се реални или не. Ова особено се однесува на мерката што ја предлага опозицијата за помош на сите 333 илјади пензионери колку што имало на листата за исплата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во септември 2022 година, наместо мерката на Владата за помош само на категорите пензионери што примаат до 14 илјади денари пензија.

Разликата во вкупната сума помеѓу онаа на Владата и онаа што ја предлага опозицијата би можела да биде огромна, зашто со мерките на Владата се опфатени над 150 илјади пензионери и таа мерка значи дополнителни 12 милиони евра трансфери, додека ВМРО-ДПМНЕ предлага опфат на сите 333 илјади пензионери, со тоа што за над 150 илјади пензионери вкупната сума да биде 12 наместо 6 илјади денари за четири месеци, а притоа без да наведе вкупна сума колку тоа би значело дополнително оптоварување на буџетот.

 

Решението постои – Претседателот на Собранието може да свика седница на работно тело

Нема дилема дека предлозите на Владата не се идеални, ниту пак има дилема дали секоја влада би сакала да го направи она што предлага ВМРО-ДПМНЕ, да опфати што поголема категорија граѓани со што повеќе пари. Прашањето е дали има пари?

Но, најлошо решение е и оние што се веќе предвидени во буџетот за до крај на оваа и за првите месеци од буџетот за наредната година да не се доделат, затоа што се блокирани во Собранието, нешто за што забелешки имаше и Европската комисија во извештајот за Македонија за 2022 година.

Оттука, СДСМ можеби со право реагира, но никако не е јасно, зошто ако ова прашање е од голема важност за голема група граѓани, не се реагира институционално, односно она што стои на располагање како легална опција. Имено, решението постои и е вградено и во сегашниот Деловник на Собранието и тоа во член 120 од Деловникот, во кој е предвидено што може да се преземе во случај на блокада на некое од работните тела:

(1) Работното тело работи на седници.

(2) Седница на работното тело свикува претседателот на работното тело. Претседателот свикува седница и ако тоа го побара претседателот на Собранието или најмалку една третина од членовите на телото, кои треба да достават материјал за прашањето што предлагаат да се стави на дневен ред на седницата.

(3) Ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата ја свикува претседателот на Собранието…

Ова практично значи дека решение постои и дека наместо прес конференции и соопштенија, работното тело, во овој случај Комисијата за финансирање и буџет може да биде свикана. Се разбира откако најпрво ќе се исцрпат сите други подобри решенија, а тоа е да се постигне меѓупартиски договор да нема блокади за важни законски измени.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција