Модуларните болници празни, ниту еден хоспитализиран во Охрид и Струга

Фото: Вистиномер

Состојбата со коронавирусот охридско-струшкиот реон е стабилна, во болниците нема хоспитализирани пациенти со ковид-19. Сепак, здравствените работници се претпазливи бидејќи стабилната епидемиолошка состојба во регионот и во земјава може да се наруши со ширење на индискиот сој, особено во текот на летната сезона, кога огромен број туристи од странство ги посетуваат Охрид и Струга. Токму затоа се повикува на што помасовна имунизација. Моментално според официјалните информации на здравствените власти, во земјава има седум потврдени случаи со „Делта сојот“, ниту еден од нив не бил вакциниран, а сите патувале во странство

Состојбата со коронавирусот охридско-струшкиот реон е стабилна, во болниците нема хоспитализирани пациенти со ковид-19. Сепак, здравствените работници се претпазливи, бидејќи стабилната епидемиолошка состојба во регионот и во земјава може да се наруши со ширење на индискиот сој, особено во текот на летната сезона, кога огромен број туристи од странство ги посетуваат Охрид и Струга. Токму затоа се повикува на што помасовна имунизација. Моментално, според официјалните информации на здравствените власти, во земјава има седум потврдени случаи со „Делта сојот“, ниту еден од нив не бил вакциниран, а сите патувале во странство

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Се испразнија ковид модуларните болници во Охрид и Струга. Од стотина хоспитализирани пациенти денес нема ниеден случај со тешки последици од корона вирусот. Од охридската болница последниот пациент го испратија уште пред десетина дена во добра состојба. Во модуларната болница моментално се подготвува пунк за ревакцинација, а регионалниот вакцинален пункт спортската сала „Билјанини извори“, каде се вршеше масовна вакцинација на граѓаните од општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца, Кичево, Дебар и Ресен ќе се затвора.

Вакцини имаме доволно, вакцинираме со Синовак, Фајзер и Астра Зенека. Досега во регионалниот вакцинален пунк, во салата Билјанини извори, вакцинирани се вкупно 41.000 граѓани. Од 18 јули, салата се затвора, а масовната вакцинација продолжува во Здравствен дом Охрид, додека ревакцинацијата ќе продолжи во модуларната болница, вели Ајсел Зејноска директор на Здравствен дом Охрид.

Директор на ЈЗУ Општа болница Охрид, Горан Балевски, вели дека  состојбата со коронавирусот е стабилна:

Моментално во Охрид има само 11 активни случаи, сите на домашно лекување. Ковид болницата е празна, се вративме на нормалното функционирање. Здравствените работници после година и два месеци може да здивнат и да се вратат на својата примарна дејност.

Во Струга има само еден активен случај со коронавирус, а последниот хоспитализиран е испишан од модуларната болница на 20 јуни.

Воедно, на три пункта во општата болница во Струга непречно се одвива вакцинацијата против коронавирусот. На двата пункта се врши вакцина со прва доза, а на третиот ревакцинација. Досега се вакцинирани околу 7.000 стружани, а втора доза примиле околу 4.500 граѓани.

Сакам да упатам апел до граѓаните што повеќе да се организираме за вакцинација, бидејќи неочекувано е дали индискиот сој ќе ни се приближи. Па на тој начин да амортизираме доколку не фати некој нов бран, вели Арменд Арслани, директор на струшката болница.

Во општина Вевчани од 10 јуни нема активни случаи на коронавирусот. Регионот Лабуништа, Велешта, Октиси, Подгорци, Татеши, простор со 20 илјади жители, прогласи победа над вирусот. Ковид одделот е празен, а Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“ во Вевчани се врати на нормалното функционирање.

Истовремено тече вакцинацијата, над 30 отсто од населението од општина Вевчани е измунизирано, а на ниво на регион 8 проценти од населението прими вакцина против коронавирусот.

Старосната граница над 60 години е некаде 60%, над 70 години преку 80% се имунизирани. Додека од целиот регион што го покриваме малку е послаба заинтересираноста, но во последно време веќе има заинтересираност, вели Јован Стојкоски, директор на Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“.

Стабилна е состојбата и во Дебар, во општината има само 1 активен случај со коронавирусот.

Сепак, здравствените работници се претпазливи, бидејќи стабилната епидемиолошка состојба во регионот и во земјава може да се наруши со ширење на индискиот сој на вирусот, особено во текот на летната сезона, кога огромен број туристи од странство ги посетуваат Охрид и Струга. Токму затоа се повикува на што помасовна имунизација. Моментално според официјалните информации на здравствените власти, во земјава има седум потврдени случаи со „Делта сојот“, ниту еден од нив не бил вакциниран, а сите патувале во странство.

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција