Моќта на САД во поглед на ЕУ интеграциите на С. Македонија е равенка со повеќе непознати

Фото: Wikipedia, Cezary Piwowarczyk - Own work, CC BY-SA 4.0

Имајќи ги предвид сите промени што се очекуваат и на геополитички план, имајќи предвид дека освен околу Украина, главен проблем на Трамп му е трговијата со ЕУ, се чини малку веројатно дека Вашингтон би се впуштил или би можел да се впушти за брзо време во робусно посредување помеѓу Скопје и Софија со цел напредок на С. Македонија кон ЕУ, па дури и без оглед на личните врски што ги има изградено владата на Мицкоски со блиски луѓе на Трамп. Впрочем, амбасадорката Агелер неколку пати изјави дека многу сакаат да не видат во ЕУ ама дека САД не се дел од ЕУ

Имајќи ги предвид сите промени што се очекуваат и на геополитички план, имајќи предвид дека освен околу Украина, главен проблем на Трамп му е трговијата со ЕУ, се чини малку веројатно дека Вашингтон би се впуштил или би можел да се впушти за брзо време во робусно посредување помеѓу Скопје и Софија со цел напредок на С. Македонија кон ЕУ, па дури и без оглед на личните врски што ги има изградено владата на Мицкоски со блиски луѓе на Трамп. Впрочем, амбасадорката Агелер неколку пати изјави дека многу сакаат да не видат во ЕУ, ама дека САД не се дел од ЕУ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Тема која може да e предмет на дезинформации низ социјалните мрежи е величењето на улогата на САД во поглед на европските интеграции на Северна Македонија. Поточно, станува збор за помошта што САД би можела да ја пружат во излегувањето од ќорсокакот околу суштинскиот почеток на преговорите, за што предуслов е измената на уставот и внесување на бугарското малцинство како составен дел од овој темелен документ.

Владата веќе со месеци активно го предлага и предизборно најавуваното решение за уставни измени со одложено дејство, но засега без барем малку видлив успех, а некои од аналитичарите тврдат дека тоа и другите адути на ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање веќе пропаднале. Причините се дека тоа решение мора формално или неформално да биде одобрено најпрво од Софија, а потоа Европската унија да го спроведе со или без менување на преговарачката рамка. Но, сепак и после неколку месеци од првото официјално циркулирање на ваквиот предлог до Брисел, последниот одговор од ЕУ беше од Марта Кос, еврокомесарката за проширување:

Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така и со поддршка на Бугарија, ќе можеме продолжиме на тој пат изјави Кос на 14.01.2025 г. на дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).

Во недостиг на јасен одговор од ЕУ дека е спремна да влезе во сложено усогласување за промена на преговарачката рамка или на брза промена на моделот на одлучување за важни надворешни прашања по системот консензус минус еден, владините функционери и блиски луѓе на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да го бараат можниот излез и од САД.

Дефинитивно доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму, заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности како и од самата инаугурација. Да ги афирмираме  нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи премиерот, јас и други чинители во Владата. Исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО Алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу не засегаат, изјави Муцунски на интервју во Топ Тема, а и Телма ТВ го нотираше потпирањето врз САД во најавата  за разговорот, со наслов на својата веб платформаМакедонија ќе бара помош од САД во поглед на евроинтеграциите“.

Републиканците имале помек пристап кон Скопје

Само ден по оваа изјава во Бугарија конечно беше избрана политичка влада – еден од условите што го најавуваше и Мицкоски и Муцунски како услов за откочување на спорот, бидејќи ќе имале со кого да преговараат. Но, иако нема ниту еден сигнал од претходно дека владата составена од ГЕРБ-СДС, од БСП и од Има таков народ на Слави Трифонов е подготвена да преговара за уставни измени со одложено дејство или за други аспекти од Договорот за соработка и пријателство, како што е членот што ја одредува работата на мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања, поранешниот амбасадор и близок до врвот на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев ја уверува јавноста дека тоа ќе се случи токму поради моќта на САД и новата администрација на претседателот Доналд Трамп:

Ние сега имаме можност преку администрацијата на Доналд Трамп, бидејќи републиканците имаат помек пристап кон Македонија и чекорењето напред. Тука лежи одговорот на прашањето дека ќе седнат на маса и едните и другите со поддршка на САД и Европа. И Бугарите ќе седнат на маса и ние, бидејќи и на Бугарија и треба Македонија и нема како да се избегне тоа, ќе се разговара, изјави Ѓорчев во интервјуто за ТВ 24.

Тој појаснува дека една од поважните причини е целисходноста на НАТО:

Македонија, Бугарија и Албанија сме северното крило на јужниот блок на НАТО и ако ние сакаме да направиме поврзување од Валона и Драч до Варна и Бургас треба сите заедно во еден заеднички работен тим, помогнати од САД и Брисел да седнеме и да ги видиме нашите облигации, Бугарските облигации и Албанските облигации и со заеднички сили тоа да го направиме, изјави Ѓорчев.

Полска не е оптимист за уставни измени со одложено дејство

Додека Муцунски и Ѓорчев покрај САД се потпираат и на ЕУ и на Софија, од новиот претседавач со ЕУ Полска прво најавија дека приоритет за нивното претседателство е безбедноста на Европа, а во однос на ќорсокакот и предложеното решение за уставни измени со одложено дејство не гледаат оптимистички:

Знам дека премиерот Мицкоски и неговата влада се надеваат дека Бугарија ќе се согласи со оваа одложена имплементација која, колку што разбирам, во практика би значела измени на македонскиот Устав подоцна, откако ќе станете членка на ЕУ, или откако ќе го отворите последното поглавје од преговорите. Можам да видам некои сојузници на владата кои инсистираат дека тоа е возможно. Но, од друга страна, нема навестување дека Брисел или Бугарија би ја промениле позицијата, дека се подготвени да ја сменат позицијата. Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен изјави в.д. амбасадорот на Полска во земјава Мариуш Бримора.

Амбасадорот верува во дијалог, но и во помирување со Бугарија како излезно решение:

Ќор-сокакот за кој зборувате е сто проценти билатерално прашање и како такво треба да го решат инволвираните земји. Она што ние можеме да го направиме, мислам на останатите членки на ЕУ, е да поддржиме решение кое е во насока на постигнување компромис на каков било меѓународен форум или на ниво на ЕУ и ние дефинитивно ќе поддржиме такво решение. Но, зависи од вас, да почнете да разговарате и да договорите компромис. Дополнително, според мене, а зборувам врз основа на полското искуство, има уште еден фактор кој е многу важен, а тоа е помирувањето, вели Бримора.

Според оваа изјава на претставникот на Полска во земјава, произлегува дека ЕУ крева раце и остава се на можностите за договор со Бугарија. А, бидејќи од таму немаше и нема ниту најмал сигнал дека компромис е можен, на Владата на Мицкоски, се чини, (по)следна надеж и е Вашингтон и новата американска администрација. Но, колкави и кои се можностите на САД?

Имајќи ги предвид сите промени што се очекуваат и на геополитички план, имајќи предвид дека освен околу Украина, Вашингтон има приоритети и на Блискиот Исток и Иран, потоа односите со Кина, како и тоа дека главен проблем на Трамп во Европа му е трговијата со ЕУ – бара поголем увоз на ниво на ЕУ на американски производи – се чини малку веројатно дека Вашингтон би се впуштил или би можел да се впушти во робусно посредување помеѓу Скопје и Софија во брзо време, со цел напредок на С. Македонија кон ЕУ, па дури и без оглед на личните врски што ги има изградено владата на Мицкоски со блиски луѓе на Трамп. И кога сме кај личните врски, некои аналитичари потсетуваат дека Трамп уште при првиот мандат има изградено блиски односи со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, a како што пишува ДВ и бугарскиот претседател Румен Радев имал покана, иако нема да присуствува на денешната инаугурација во Вашингтон. Иако С. Македонија има потпишано договор за стратешко партнерство со САД уште во 2008 година, иако и ние сме купувачи на оружје од американската воена индустрија, бизнис интересите во тој поглед несразмерно претежнуваат на страната на Бугарија, со оглед на големината на нивната армија. Ако на ова се додаде и геостратешкото значење поради Црно Море, голем американски притисок врз Софија, се чини, малку е веројатен, иако има и по некој аналитичар што тоа го смета за реално.

Скопје, 2018, поранешниот премиер Кирил Петков и поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Фото: Фликер/Влада на РСМ

Ве сакаме во ЕУ ама не сме дел од ЕУ

При бегла анализа на можностите на САД кон ова прашање не е одвишно да се потсетиме и на неколку изјави на американската амбасадорка во земјата. Анџела Агелер на 17.12.2024 при една посета на Тетово, запрашана за улогата на САД во ЕУ интеграциите на земјава изјави:

Ние не сме дел од ЕУ. И затоа ние не сме дел од многу од тие дискусии. Но, ќе го кажам она што го кажавме претходно во Вашингтон и овде во Скопје, а исто така и мојот пријател во Софија, нашиот амбасадор Мартин таму, многу би сакале да ја видиме Македонија во Европската Унија и се надеваме дека нивните дискусии ќе бидат успешни и плодни. Затоа што просперитетната, успешната, сигурната иднина на оваа земја е во рамките на Европската Унија. Таа е во срцето на Европа. И затоа таму припаѓа, кажала Агелер запрашана дали САД ќе помогнат за прашањето помеѓу С. Македонија и Бугарија.

Лани пак, при доаѓањето на новата влада, таа рече дека нема нови преговори ниту за Преспанскиот ниту за договорот со Бугарија. Интервјуто го објави РСЕ под наслов Агелер: Нема одново преговори ниту за Преспа, ни со Бугарија за ЕУ.

Ако се вратиме уште една година наназад, на почетокот на 2023 г.,  Агелер во интервју за Телма изјавила што застапуваат САД:

А, тоа што го застапуваат САД и што го застапува амбасадата е силна поддршка за патот кон ЕУ. Дали за тоа се потребни некои тешки одлуки и некој тежок избор, уште еднаш, од страна на лидерите и народот на оваа земја? Да, потребни се. Но, јас верувам дека оваа земја е способна да одговори на задачата и затоа, за мене е важно не само тоа што можам да слушнам, туку и да споделам, многу искрено и отворено, кој според нас е најдобриот пат напред, за оваа држава и за нејзиниот народ.

САД се светска велесила. Но, како што вели и Агелер, не се дел од ЕУ. Самиот тој факт е доволно ограничувачки за моќта да дејствуваат во односите меѓу Скопје и Софија, дури и не земајќи го предвид и традиционалното големо влијание на интересите на Русија во бугарската политика, а кое несомнено стои зад некои цврсти позиции на Софија во односите со Скопје. Затоа, прашањето (или преувеличувањето) на моќта на САД да го разреши јазолот меѓу Скопје и Софија и да помогне значително во европските интеграции е всушност равенка со повеќе непознати. Барем во овој момент.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција