Момчето што е приведено, не значи и дека е виновно за лажните закани за бомби во скопските училишта

Фото: Мета.мк

Во полициското соопштение јасно стои дека лицето е приведено „поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби“. Никаде, наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, не се вели дека токму тоа лице е „момчето што ги пријавило бомбите во училиштата“. Објавата на Фејсбук, а и самиот медиумски наслов, без почитување на презумција на невиност, посочуваат како со сигурност да е тоа лицето кое се заканувало дека има поставено бомби во средните скопски училишта, нешто што подоцна беше отфрлено од Јавното обвинителство

Во полициското соопштение јасно стои дека лицето е приведено „поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби“. Никаде, наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, не се вели дека токму тоа лице е „момчето што ги пријавило бомбите во училиштата“. Објавата на Фејсбук, а и самиот медиумски наслов, без почитување на презумција на невиност, посочуваат како со сигурност да е тоа лицето кое се заканувало дека има поставено бомби во средните скопски училишта, нешто што подоцна беше отфрлено од Јавното обвинителство

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се вели: „ОВА Е МОМЧЕТО КОЕ ПРИЈАВИ БОМБИ ВО СКОПЈЕ“.

Во состав на објавата, споделен е медиумски напис со наслов сличен на постот објавен на Фејсбук.

ГО УАПСИЈА: ОВА Е МОМЧЕТО КОЕ ПРИЈАВИ БОМБИ ВО СКОПСКИТЕ УЧИЛИШТА – ПОЗНАТ Е НА ИНСТАГРАМ, гласи насловот на написот. 

Станува збор за случај кој предизвика голема вознемиреност во јавноста, откако во последниов период имаше вкупно четири лажни закани за поставени бомби во девет скопски средни училишта.

Полицијата вчера, во средата, приведе едно лице во врска со лажните бомашки закани за бомби во училишта во Скопје. Во соопштението на МВР, идентитетот на лицето е напишано со иницијали – Н.Н.

Полициски службеници од СВР Скопје денеска (02.11.2022) го приведоа Н.Н. од Скопје, поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје. Во координација со надлежното обвинителство се преземаат мерки за расчистување на случајот. Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста и дека завршија антитерористичките проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје на електронските адреси добиле порака со закана за поставена бомба и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, се вели во соопштението на МВР до јавноста, а и во објавеното видео на полицијата.

Во полициското соопштение јасно стои дека лицето е приведено „поради постоење на сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби“. Никаде, наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, не се вели дека токму тоа лице е „момчето што ги пријавило бомбите во училиштата“. Објавата на Фејсбук, а и самиот медиумски наслов, без почитување на презумција на невиност, посочуваат како со сигурност да е тоа лицето кое се заканувало дека има поставено бомби во средните скопски училишта.

Во објавениот напис, пак, наспроти она што се тврди во насловот, никаде не се спомнува дека токму тоа е момчето кое пријавувало поставени бомби, туку дека станува збор за „сомнение на МВР“.

Набрзо по објавата од МВР, во медиумите беше откриен и идентитетот на приведеното лице – дека станува збор за Никола Николовски од Млади конзервативци, кој имал и фирма за е-трговија и продажба преку интернет. Претходно пишувал  коментари, извештаи и конзервативни колумни во повеќе портали. Николовски ги уредува и профилите “Боемот” на Твитер и Инстаграм.

Со реакција за приведувањето се јавија и Conservative.mk, со тврдење дека „вистинските лица кои стојат позади овој нарачан напад мора да понесат одговорност и дека момчето не стои зад лажните пријави“.

Да се тврди со сигурност дека одредено лице е виновно за било каков криминален акт, треба да постои формална потврда од судските инстанци, односно судска пресуда. Во сите останати случаи, како и во овој, не може да се каже дека одреден човек со сигурност сторил кривично дело, само затоа што бил приведен во полициска станица.

За ова, дотолку повеќе говори и фактот што Јавното обвинителство го ослободи Николовски, бидејќи немале сознанија дека токму тој стои зад лажните дојави.

Во текот на измината вечер по напатствија на јавниот обвинител се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода, изјавија од обвинителството. 

Поради сите погоренаведени факти, оценуваме дека постот што го рецензираме е делумно невистинит. Насловот и објавата на Фејсбук сугерираат дека лицето кое е приведено за лажните бомбашки закани е виновно, додека во медиумскиот напис се наведува нешто сосема поинакво – дека постојат само сомнежи, кои подоцна се отфрлени од Јавното обвинителство. Оттаму, случајот не е расчистен, а сторителот сè уште не е пронајден.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција