Момчето со кучето е приведено според наредба на МВР, а не на функционер на СДСМ

[Рецензија: Функционер на СДСМ наредил апсење на момчето со куче]

Овој текст лажно обвинува функционер на Министерството за внатрешни работи дека наводно наредил апсење на момче од Скопје кое го прекршило полицискиот час шетајќи го своето куче. Демантот за тоа во текот на истиот ден по објавувањето на написот пристигна од МВР, а во него се се појаснува кои биле околностите за приведувањето на момчето со кучето.

Линк до оригиналниот напис: Функционер на СДСМ наредил апсење на момчето со куче

Датум и време на објавување:21 .4.2020

Датум на рецензија: 22.4.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Уште самиот наслов донесува очигледна невистина: Функционер од СДСМ наредил апсење на момчето со куче. Пред сè, налог за апсење не издаваат политичари, без оглед на тоа на која партија и припаѓаат, па написот веќе на самиот почеток ги излажал своите читатели. Насловот јасно алудира на две работи: дека позицијата од која што Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски е политичка, а не професионална и дека функционер на Социјалдемократскиот сојуз е подготвен да издаде една таква неодмерена наредба – апсење на момче со неговото куче.

Ако читателот не знае за каков случај станува збор, можеби ваквиот наслов и не му звучи неверојатно, но бидејќи се работи за случај во кој младо момче било запрено од полиција, бидејќи наводно тргнало да го шета кучето половина час пред терминот предвиден со посебните мерки на Владата за сопствениците на миленици и било приведено од полициска патрола, овој наслов сугерира непримерено однесување на висок функционер на МВР.

Во првата реченица на текстот, пак, стои:

Директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР, Сашо Тасевски, издал наредба до цела униформирана полиција за приведување во полициска станица на сите граѓани кои ќе го пpeкршат полицискиот час, дознава НетПрес.

Од ова станува јасно дека насловот е невистинит бидејќи наредбата која Тасевски ја потпишал се однесува на сите граѓани кои ќе го прекршат полицискиот час, а не само на детето со кучето, како што се тврди во насловот.

Медиумот се повикува на службен документ, за кој вели дека дошол „од сопствени извори“ и го објави факсимилот на оваа одлука. Во неа стои:

Согласно одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на РСМ бр 44/2416/1 од 21.03.2020 со која се забранува движењето на населението н територијата на РСМ, потребно е сполициските службеници доследно да ги применуваат законските одредби од Законот за полиција и Законот за кривична постапка, доколку затекнат лица кои не ги почитуваат законските одредби и одлуките на Владата за посебен режим на движење.

Во оваа уредба, понатаму се вели дека:

За сите лица кои постапуваат спротивно од одлуката за движење во забранетиот период се приведуваат во полициска станица, се обезбедуваат потребните податоци, се изработува потребниот службен материјал.

Исто така, доколку лицето нема документ за идетификација

се приведува во полициска станица за да се утврди неговиот идентитет. Приведувањето се врши исклучиво со интервентно возило.

Од ова може да се заклучи дека уредбата потпишана од Тасевски им наложува на полицајците да ги приведуваат во полициска станица сите лица кои ја кршат забраната за движење или не носат со себе документ за идентификација и јасно е дека таа не се однесува само за тоа момче. Снимките од приведувањето на момчето се појавија на социјалните мрежи, а и тој самиот, преку Фејсбук, го раскажа случајот и не е спорно дека тој се случил, а деталите ќе се утврдуваат во понатамошната законска постапка.

Меѓутоа, она што е проблематично во известувањето за настанот во написот што го рецензираме е што тој несмасно се обидува да направи случај во кој божемно Тасевски лично наредил да се апси тинејџер заедно со неговото милениче. Односно дека тој, наводно, овластил припадници на МВР за прекумерно користење на репресивни методи, какво што е приведувањето на тинејџерот само поради тоа што го изнесол кучето да ги изврши физиолошките потреби неколку минути пред пропишаниот термин.

Дека полицајците кои го приведоа момчето во Скопје кое го шеташе своето милениче постапиле согласно наредбата на својот претпоставен, односно директорот на Бирото за јавна безбедност, јасно се гледа во точките 5 и 7.

Со оглед на тоа дека овој напис го има објавено медиум со јасна опозициска ориентазија, политизирањето на оваа одлука потпишана од Тасевски би можела да се стави во контекст на фаворизирањето на неговиот претпоставен, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој по обелоденувањето на случајот експресно најави истрага за него.

Но, не треба да се заборави фактот дека документот односно одлуката за приведување, потпишана од Тасевски во својство на Директор на БЈБ не можела да биде донесена и применувана во Министерството за внатрешни работи, без знаење и одобрување на Чулев. Освен ако не се работи за флагрантно пореметување на функционирањето на принципот на хиерархија и субординација кој е својствен на системот на Министерството, за што, повторно, политичка одговорност носи првиот човек на тоа Министерство.

Со други зборови, зад одлуката за приведувања стои МВР, а не Тасевски лично, а написот, кој е предмет на оваа рецензија, сосе насловот, е тенденциозен и манипулативен.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција