Морбидна дезинформација е дека доктор Жан Митрев бил застрелан зашто измислил „Хипертеа“
Ниту докторот е застрелан и убиен, ниту пак промовирал ваков производ. Хипертеа не е препарат кој на било кој начин е поврзан со Жан Митрев туку е производ кој се рекламира во најмала рака на контроверзен и нечесен начин, со злоупотреба на познати имиња од светот на медицината, со лажни медицински тврдења и со измамнички маркетинг методи
„Вистиномер“ во повеќе наврати има рецензирано невистинит маркетинг и манипулативни објави поврзани токму со продажба на „Хипертеа“. што во земјава е регистриран производ во категоријата храна (чај), а не во категоријата лекови или медицински средства. Жан Митрев на ниеден начин не е поврзан со чајот „Хипертеа“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува линк и најава во која невистинито се тврди дека познатиот доктор Жан Митрев „бил убиен“ а еден ден претходно промовирал производ Хипертеа за чистење на крвните садови.
Во 9:30 наутро, доктор Зан Митрев беше застрелан во сопствениот автомобил. Три истрели одблиску. Крв на седиштата. Толпа шокирани очевидци. Полицијата ја разгледува верзијата за нарачано убиство.Тој поседуваше тајна за која не требаше никој да знае…, гласи морбидната најава од објавата што ја рецензираме после која се споделува видео материјал кој е создаден со вештачка интелигенција.
Во видео материјалот лажно се тврди дека Жан Митрев „бил застрелан 3 пати и се урнал врз воланот“ а како „доказ“ поставена е снимка комплетно неповрзана со ваков настан. Во еден дел од екранот поставена е фотографија од Митрев во црно-бела боја која што треба дополнително да ги убеди граѓаните дека тој починал, што е морбидна невистина и измислица.
Објавата во моментот на рецензијата има 1.700 споделувања и 523 реакции.
Ниту докторот е застрелан и убиен, ниту пак промовирал ваков производ. Хипертеа не е препарат кој на било кој начин е поврзан со Жан Митрев, туку е производ кој се рекламира во најмала рака на контроверзен и нечесен начин, со злоупотреба на познати имиња од светот на медицината, со лажни медицински тврдења и со измамнички маркетинг методи.
Самиот „прилог,“ кој е дел од невистинитата објава, претставува измислица и во него се преземени постари инсерти од интервјуа што доктор Митрев ги давал за други поводи и на други теми. Врз нив е измонтиран и додаден глас кој треба да го симулира оној на доктор Митрев, но со текст кој е целосно измислен. Никогаш Жан Митрев нема изјавено дека е во војна со „фармацевтска мафија,“ која му се заканува зашто „измислил препарат,“ ниту пак дека тој препарат е Хипертеа. Самиот начин. на кој што се прикажува видеото на екранот, открива низа недостатоци од кои може да се види дека станува збор за монтажа. Во пределот на устата има лоша синхронизација. Вистиномер го пронајде оригиналното видео злоупотребено и преработувано во објавата и се работи за видео од 2020 година. Истото може да го погледнете на следниот линк.
Како што и може да се очекува, на ниту еден медиум, ниту во билтенот на Министерството за внатрешни работи изминатите денови и недели не е објавено дека докторот загинал. Доколку тоа беше вистина, ќе претставуваше информација која бездруго ќе беше покриена од сите медиуми. Манипулативниот маркетинг си игра со наивноста на корисниците на социјалните мрежи со цел да ги измами да купат производ под притисок на некаква конспирација дека некој е убиен зашто измислил препарат кој не ѝ оди во прилог на фармацијата. Ваквото сценарио е користено многупати пати во С. Македонија и негови жртви се бројни лекари.
Во склоп на објавата има и невистинито интервју за кое се тврди дека е со Жан Митрев во пишана форма и кое е, исто така, измислено. Во измислениот текст се наведува дека „Митрев е убиен откако влегол во отворена војна со Министерството за здравство и со фармацевтската мафија и измислил препарат Хипертеа за лекување на крвните садови“.
„Вистиномер“ во повеќе наврати има рецензирано невистинит маркетинг и манипулативни објави поврзани токму со продажба на „Хипертеа“. што во земјава е регистриран производ во категоријата храна (чај), а не во категоријата лекови или медицински средства. Жан Митрев на ниеден начин не е поврзан со Хипертеа.
Во регионот хрватски „Индекс“ има објавено истражување кое се фокусира на фирми кои што на цел Балкан со невистинит маркетинг промовираат препарати меѓу кои и „Хипертеа“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар