Морбидно видео лажно го претставува доктор Никола Пановски како „починат“
Објавата содржи невистинити медицински тврдења кои му се припишани на Пановски, иако тој никогаш не ги дал. Оваа објава е исклучително опасна по јавното здравје затоа што доколку дијабетичарите ѝ поверуваат и се откажат од стандардната терапија со инсулин, без да консултираат ендокринолог, тоа може да го доведе нивниот живот во прашање.
Објавата содржи невистинити медицински тврдења кои му се припишани на Пановски, иако тој никогаш не ги дал. Оваа објава е исклучително опасна по јавното здравје затоа што доколку дијабетичарите ѝ поверуваат и се откажат од стандардната терапија со инсулин, без да консултираат ендокринолог, тоа може да го доведе нивниот живот во прашање
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал кој е невистинит и морбиден. Во склоп на видеоматеријалот, се споделува дезинформација во која повторно е злоупотребен идентитетот на проф. доктор Никола Пановски и тој лажно е претставен како починат.
За целта на невистинитото видео, злоупотребени се кадри и од новинарката и уредничка во ТВ Сител Славица Арсова, како и кадри од самиот дневник на телевизијата. Ваква „вест“ никогаш не била емитувана на Сител, видеото е монтирана измислица и предизвика вознемиреност меѓу корисниците на социјалните мрежи.
Не е точно дека Арсова најавила на вести дека е „убиен научник кој го променил пристапот кон лекувањето на дијабетесот“. Додека одат тие зборови на екранот се прикажува фотографија од Пановски како наводно да е починат, што исто така е невистина.
Никола Пановски, научник кој се осмели јавно да им се спротистави на фармацевтските компании вчера беше пронајден мртов. Една недела пред својата смрт тој сними видеообраќање за сите дијабетичари. Ова беа неговите последни зборови – гласи невистинитото „сценарио“ на невистинитото видео.
Сето ова е морбидна измислица.
Измислено е и монтираното видео од експлозија на автомобил, во која според објавата наводно настрадал Пановски.
Објавата, исто така, содржи невистинити медицински тврдења кои му се припишани на Пановски – „пронајдов начин за отстранување на дијабетесот за неколку дена без лекови и инсулин“, иако тој никогаш не ги дал. Доктор Пановски никогаш не се спротивставувал на лекови за дијабетес, ниту пак, ги промовирал. Оваа објава е исклучително опасна по јавното здравје затоа што доколку дијабетичарите ѝ поверуваат и се откажат од стандардната терапија со инсулин, без да консултираат ендокринолог, тоа може да го доведе нивниот живот во прашање.
Самиот Пановски неодамна во објава на Фејсбук предупреди дека неговиот лик се злоупотребува во реклами за разни препарати.
Никогаш не сум рекламирал, не рекламирам, ниту некогаш ќе рекламирам било каков производ. Кога ќе го прочитате моето име или ќе ја видите мојата слика покрај некој производ, а во последно време и видеа, сè е тоа злоупотреба. Ако има интервју – тоа е измислено. Не купувајте го тоа ѓубре, напиша Пановски во објава на Фејсбук.
Граѓаните да не веруваат на измислени реклами на социјалните мрежи како оваа, во која се злоупотребуваат познати доктори и нивниот кредибилитет, туку да се консултираат со ендокринолози и да го следат протоколот на лекување на дијабетесот на нивниот специјалист.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар