Морбилите, заушките и рубеолата може да предизвикаат сериозни компликации, вакцините се најдобра заштита

Фото: Charlein Gracia on Unsplash

Како што може да се види од литературата заразните болести како мали сипаници, заушки и рубеола се превентабилни со вакцинацијата, а доколку се дозволи детето да биде изложено на овие заболувања може да настанат сериозни компликации и неповолен исход. МРП вакцината е безбедна, ефикасна и големо медицинско достигнување благодарение на кое се спасени милиони детски животи ширум светот. Со две дози МРП вакцина, имунитетот е многу долготраен

Како што може да се види од литературата заразните болести како мали сипаници, заушки и рубеола се превентабилни со вакцинацијата, а доколку се дозволи детето да биде изложено на овие заболувања може да настанат сериозни компликации и неповолен исход. МРП вакцината е безбедна, ефикасна и големо медицинско достигнување благодарение на кое се спасени милиони детски животи ширум светот. Со две дози МРП вакцина, имунитетот е многу долготраен

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал од детенце кое живее во рурална средина, прикажана е и градина со зеленчукови производи, а во описот пишува:

ПРИРОДНИОТ ИМУНИТЕТ Е ДАР ОД БОГА И ТРАЕ ДО КРАЈ НА ЖИВОТОТ.
Малите сипаници, заушки и рубеола/црвенка СЕ БЕНИГНИ БОЛЕСТИ ВО ДЕТСТВОТО. Не ни требаа НИКАКВИ вакцини.
Мојата генерација СИТЕ ги имавме овие детски болести и никој, никогаш не добил таканаречени вакцини.
Откако ги прележавме, сите бевме ДОЖИВОТНО И ПРИРОДНО имунизирани. Живеевме со природата, животните, игрите, цапавме во кал, вирови, се радувавме без грижи и болести.
Ни течеа мрсули, ама трчавме по уличките заедно, неуморно, а во чекалните на амбулантите немаше редици, ниту “мој термин”, ниту болни.
Оваа кампања на лудило и терор кон родителите и децата, мора да престане! Злобни лажливи копилиња!

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, според УНИЦЕФ, штом наполнат 12 месеци сите деца треба да примат прва доза од вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола (МРП вакцина).

Без оваа вакцина вашето дете е во ризик да се разболи од овие сериозни болести. Вакцината е многу побезбедна отколку вашето дете да се разболи од мали сипаници, заушки или рубеола. Без вакцина вашето дете може да се зарази, а тоа може да доведе до тешка болест, неплодност, попреченост, а дури ретко и до смрт. Детскиот имунолошки систем не може со сигурност да се избори со овие болести, па затоа имаме вакцини, пишува меѓу другото во едукативните материјали на Уницеф.

Според националната страница на Министерството за здравство на Република Северна Македонија (е-здравство), морбилите (мали сипаници) се една од водечките причинители за смрт кај малите деца на глобално ниво и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина. Малите сипаници ги предизвикува морбили вирусот (measles virus, measles morbillivirus MEV). Во 2019 година од мали сипаници умреле повеќе од 200 илјади лица – главно деца на возраст под 5 години. Најсериозните компликации вклучуваат: слепило, енцефалит (инфекција на мозокот), тежок пролив проследен со дехидратација, инфекции на увото или тешки респираторни инфекции, како на пример пневмонија.

Компликациите предизвикани од морбили се тешки, а понекогаш и трајни, вклучувајќи хоспитализација и смрт. Малите сипаници се најзаразното респираторно заболување. Толку се заразни што ако некој има сипаници, шансата да се заразат неговите блиски контакти, кои не се имуни, изнесува 9 од 10. Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од морбили, се наведува на страницата.

На сајтот на „Џон Хопкинс“ Универзитетот, на прашањето дали е „подобро“ детето да се зарази со морбили од друго дете или да се вакцинира, одговорот е – да се вакцинира.

Малите сипаници се сериозна болест и вакцините се многу безбедни. Ризиците од сериозна болест, смрт или доживотни компликации од морбили се далеку поголеми од генерално благите несакани ефекти што некои луѓе ги имаат после вакцинација. Сериозните реакции на МРП вакцината се ретки, се наведува на страницата на реномираниот Универзитет.

Вакцината против морбили според Центарот за контрола и превенција на болести на САД станала достапна во 1963 година. Во деценијата претходно, речиси сите деца имале мали сипаници до 15-годишна возраст.

Се проценува дека 3 до 4 милиони луѓе во САД се инфицирале секоја година. Меѓу пријавените случаи на мали сипаници се проценува дека секоја година 400 до 500 луѓе починале, 48 илјади биле хоспитализирани и илјада имале енцефалитис (оток на мозокот), се наведува на страницата на Центарот за контрола и превенција на болести.

Со пронаоѓањето на вакцината се намалил и бројот на случаи на мали сипаници. Две дози од вакцината се 97 проценти ефективни во превенирањето на малите сипаници најверојатно доживотно, а една доза е 93 проценти ефективна за истата цел.

Вакцината против морбили, според податоците на Институтот за јавно здравје, почнала да се дава во земјава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна кај децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП-вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13-месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седумгодишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.

Рубеолата е болест предизвикана од рубеола- вирусот (rubella virus, Rubivirus rubellae). Обично е лесна инфекција, меѓутоа интраутерино кај неродени бебиња може да предизвика сериозни оштетувања. Симптомите на рубеола можат да вклучуваат умерена треска, осип, течење на носот, болно грло и често, отечени лимфни јазли. Исто така, често се јавуваат болки во зглобовите. Во ретки случаи, рубеолата може да предизвика компликации, како што се енцефалит (воспаление на мозокот) и намалување на бројот на крвните плочки (тромбоцитопенија), што може да доведе до крварење. Рубеолата се пренесува преку капки од носот или устата на заразеното лице или при директен контакт. Од рубеола лесно се заразуваат лица што не се вакцинирани или што претходно не ја прележале болеста. Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од рубеола.

Заразни заушки (Паротит) претставуваат заразна болест што најчесто ја предизвикува вирусот на паротит (Paramyxovirus), но и други вируси (Coxsackie a virus, Cytomegalovirus). Вообичаените симптоми на заушки се треска, губење апетит, умор и главоболки, по што се јавува отекување и чувствителност на плунковните (паротидни) жлезди. Болеста најчесто ги зафаќа едната или двете плунковни жлезди, кои се наоѓаат во внатрешноста на образите, близу до виличната коска, под ушите. Заушките се пренесуваат кога некое лице ќе го вдише вирусот што заразено лице го исфрлило во воздухот со кашлање или кивање. Исто така, вирусот на заушки може да се пренесе од едно на друго лице преку директен контакт со заразена плунка. Не е вообичаено да се појават компликации, но тие вклучуваат воспаление на мозокот (енцефалит), како и воспаление на обвивката на централниот нервен систем и на ‘рбетниот мозок (менингит) и ‘рбетниот мозок (менингитис). Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од заушки.

Како што може да се види од литературата, овие болести се превентабилни со вакцинацијата, а доколку се дозволи детето да биде изложено на болеста ова може да доведе до сериозни компликации и неповолен исход. МРП вакцината е безбедна, ефикасна и големо медицинско достигнување благодарение на кое се спасени милиони детски животи ширум светот. Со две дози МРП вакцина, имунитетот е многу долготраен.

Наспроти изнесеното во објавата, кампањите за имунизација не се „лудило и терор“, туку заштитни механизми на бројни држави во ЕУ и во светот, за креирање здрави и заштитени генерации.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција