Може да се трансплантираат органи од починато лице и во С. Македонија
Наспроти изнесеното во објавата, не е лага дека може да се донираат органи од починато на живо лице. Имено, во С. Македонија веќе многу пати се изведени такви хируршки интервенции.
Наспроти изнесеното во објавата, не е лага дека може да се донираат органи од починато на живо лице. Имено, во С. Македонија веќе многу пати се изведени такви хируршки интервенции
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
И ова срање од интернет го лаже народот дека од умрен може да се донираат органи.
Во склоп на објавата има резултат од интернет пребарувач за тоа што е кадаверична трансплантација (пресадување на органи и ткива од починато лице кај кое настапила мозочна смрт, на жив примател).
Наспроти изнесеното во објавата, не е лага дека може да се донираат органи од починато на живо лице. Имено, во С. Македонија веќе многу пати се изведени такви хируршки интервенции.
Првата успешна трансплантација на срце од починат донор (кадавер) во Македонија е извршена во мај 2020 година на ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиохирургија во Скопје, под водство на проф. д-р Сашко Јовев. Досега во земјава се изведени повеќе од десетина вакви сложени зафати. Исто така, неодамна повеќе органи од починато лице беа донирани и пресадени кај неколку други пациенти со што им беа спасени животите и им се подобри квалитетот на животот.
Во земјава најавени се законски измени со кои секој човек на матичен лекар ќе може да даде изјава дали се согласува или не неговите органи по смртта да бидат трансплантирани во жив човек, а во С. Македонија изминатите месеци во тек е голема кампања за подигнување на свесноста за органодарителството.
Во Велика Британија има официјални медицински насоки за трансплантација од починати донори. Донацијата на органи од кадавер (починато лице) во жив пациент е сложен медицински процес кој се спроведува под строги законски и етички правила. Најчесто станува збор за лице кај кое е потврдена мозочна смрт (неповратно престанување на функцијата на мозокот), додека срцето сè уште може да чука со помош на апарати. Мозочната смрт е правно и медицински признаена смрт.
Откако ќе се провери дека лицето дало согласност за донирање органи зависно од законите во државата, се консултира семејството. Лекарите проверуваат кои органи се здрави и погодни за трансплантација (срце, бубрези, црн дроб, бели дробови, панкреас и други), се прават тестови за инфекции, крвна група и други медицински параметри.
Органот не оди на „првиот што чека“, туку се бара најсоодветен примател според крвна група, ткивна компатибилност, итност на состојбата, големина на органот, време на чекање и други критериуми. Во операциона сала хируршки тим ги отстранува органите. Органите веднаш се ладат и се чуваат во специјални раствори за да се зачуваат. Органите мора брзо да стигнат до болницата каде што е примателот, бидејќи секој орган има ограничено време во кое останува употреблив. Хирурзите го вградуваат органот во пациентот.
По операцијата пациентот зема имуносупресивни лекови за организмот да не го отфрли новиот орган. Еден донор може да им помогне на повеќе луѓе: двата бубрега можат да одат кај два различни пациенти, црниот дроб кај трет, срцето кај четврт итн., и таква пракса има и кај нас.
Мозочната смрт е состојба во која сите функции на мозокот, вклучувајќи го и мозочното стебло, неповратно престанале да работат. Тоа значи дека лицето нема свест, не може да дише самостојно и нема можност мозокот да закрепне. Медицински и правно, тоа се смета за смрт на човекот. Иако мозокот неповратно престанал да функционира, другите органи не умираат веднаш. Клетките во органите имаат потреба од кислород, крв, хранливи материи.
Кај пациент со мозочна смрт, апаратот за механичка вентилација (респиратор) продолжува да внесува кислород во белите дробови. Срцето, кое има сопствен систем, може уште некое време да продолжи да пумпа крв низ телото. Така бубрезите продолжуваат да филтрираат, црниот дроб продолжува да работи, срцето продолжува да чука и другите органи остануваат снабдени со кислород. Однадвор, таков пациент може да изгледа како да спие: кожата е топла, градите се движат поради респираторот, а срцето чука. Но, мозокот веќе неповратно престанал да функционира.
Трансплантацијата на органи се врши од живи донори кои ги исполнуваат соодветните здравствени критериуми или од кадаверични донори кои претрпеле мозочна смрт. Општата здравствена состојба на донорот, дали носи заразни болести, функциите на органите и компатибилноста на ткивата се испитуваат со детални тестови, пишува на сајтот на „Медипол глобал“.
Исто така, постапката за пресадување на бубрег од починат донор е опишана овде.
Различни држави потврдуваат дека кај нив се извршени трансплантации од кадавер.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар